verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Непрофесионалноста – главен проблем на истрошената пропаганда

on 11 - 12 - 2015       

 

Фингирана ужаснатост. Фото: скриншот

Фингирана ужаснатост. Фото: скриншот

 

Како можеа главните уредници на повиканите медиуми да излезат на јавна сцена и да се пожалат дека Зоран Заев ги посочил како непријатели? Иако и јас мислам дека изјавата на Заев е несоодветна, сепак, ставот на овие медиуми покажува дека немаат „ни срам ни перде“.

 

Пишува: Сеад Ризвановиќ

 

Изјавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, со која дел од медиумите се прогласија за најголеми непријатели на неговата партија, предизвика очекувана реакција од посочените медиуми.

Главните уредници на медиумите, кои во нормални услови воопшто или ретко седнуваат на вистинска дебата, веднаш се собраа во МРТ, каде кажаа што ги мачи во однос на опозицискиот став.

Целата циркузијада, можеби, не би била спорна кога би се одвивала во друга земја, од други медиуми, но во нашите услови, реакцијата на посочените е, во најмала рака, трагикомична.

 

ЕМ ШУТО, ЕМ БОДЕ

Сите латински поговорки, афоризми и мудрости во историјата некогаш не се подобри од едноставна народна мудрост. Така, ставот на дел од домашните медиуми, најдобро може да се опише со народната „Ем шуто, ем боде“.

Како можеа главните уредници на повиканите медиуми да излезат на јавна сцена и да се пожалат дека Зоран Заев ги посочил како непријатели? Иако и јас мислам дека изјавата на Заев е несоодветна, сепак, ставот на овие медиуми покажува дека немаат ни „ни срам ни перде“.

Со години во земјава дел од медиумите водат најцрна и највалкана пропаганда против опозицијата, невладините организации, медиумите и поединците критични кон власта top-zaymov.ru.

Од директните лаги и манипулациите на овие медиуми не се спасија ни студентите, средношколците, лекарите, синдикалците, со еден збор сите што се осмелија да кажат нешто против „дозволената вистина“, дека во Македонија се живее одлично, а единствено сидро против напредокот е „злото“ наречено опозиција.

Ерол Ризаов во една од своите колумни пишува дека Заев згрешил што овие медиуми ги нарекол партиски непријатели и дека, всушност, се работи за државни непријатели.

Се прашувам и јас, со каква квалификација треба да се дефинираат ентитети, кои со своето работење успеале Македонија да ја стават на црната мапа на слободата на медиумите и на новинарството во светот.

Без разлика што и овие рангирања беа предмет на „обработка“, факт е дека реномираната „Фридом хаус“ и во последниот извештај Македонија ја прогласи за земја со најмала медиумска слобода на Балканот.

Со еден од најлошите резултати во Европа и во светот, „Репортери без граници“ ја сместија Македонија на 117. место во светот, во исто друштво со Таџикистан, Катар, Авганистан, Мали и со Алжир.

Во последниот извештај за Македонија на Европската комисија, пак, за медиумите се констатира дека има понатамошно назадување. ЕК изрази загриженост за нетранспарентното финансирање на некои медиуми, заканите и за физичките напади врз новинари, независноста на јавниот сервис, како и за распространетиот говор на омраза за кој ЕК бара да биде санкциониран.

Без разлика на обидот на пропагандистите и на спинерите сите овие извештаи да ги дисквалификуваат, не е потребно да се биде медиумски експерт и да се види дека слободата на медиумите во рангирањата е навистина подредена на општите слободи или општествените состојби во земјите.

Каков образ имаат уредниците на медиумите да излезат пред јавноста и по слушнатите прислушувани разговори, во кои се докажува директна и јасна врска помеѓу извршната власт и медиумите на кои тие се главни уредници.

Во Македонија, можеби, одамна не постои никаков морален или етички компас, но по сѐ што се случуваше на медиумската сцена во земјава со години, поплаките на овие уредници се дегутантни.

 

ИЗГУБЕНАТА ПРОФЕСИОНАЛНОСТ, ГЛАВЕН ПРОБЛЕМ НА МЕДИУМИТЕ – ПРОПАГАНДИСТИ

Кога дел од медиумите, новинарите или јавните личности, кои се посочени како „одработувачи“, сакаат да докажат дека тоа не е така, обично употребуваат неколку фрази и квазиаргументи.

Една од најупотребуваните реченици е дека во Македонија има слобода на говорот, а доказ се бројните „про-опозициски“ медиуми или дека самиот факт што некој може да напише ваква колумна е доказ за дадената слобода.

Меѓутоа, овие пропагандисти премолчуваат, иако многу добро знаат дека критичкото новинарство е единствено реално новинарство и дека другото во најголема мера спаѓа во секторот за односи со јавноста.

Секој новинар што сака себеси да се смета за професионалец мора да има критичка опсервација за општествените случувања. Анализата на новинарот мора да биде насочена кон центрите на моќ, а дефинирањето на тие центри е прилично лесна задача.

Власта во сите свои форми, меѓународните и домашните компании и организации, сите актери кои можат да имаат некакво влијаните врз животот на граѓаните треба да бидат предмет на новинарството. Но, кога медиумите кои се жалат на опозицијата, целата своја енергија, дополнета со државни ресурси, ќе ја насочат кон истата опозиција, а целосно ќе ги игнорираат грешките на власта, тогаш тие медиуми немаат никаква врска со професионалноста.

Без да навлегувам во детали, за кои ќе треба книга, а не колумна, овие медиуми секојдневно ги прекршуваат основните професионални, етички и морални новинарски принципи. Во вестите или статиите на пропагандата не може да се одвои што е вест, а што коментар, што е факт, а што конструкција.

Многу често во овие медиуми, меѓу кои е и МРТВ, која би требало да биде јавен сервис, ги нема и оние основни информации за дневни случувања. Се разбира, ако тие информации не се одобрени од каде што треба.

За да биде јасно, неизбалансираноста и отвореното навивање на овие медиуми за политиките на Никола Груевски и не се главен проблем, освен за МРТВ.

Иако е релативно непозната појава за Балканот, во светот постојат медиуми кои имаат уредувачка политика која отворено фаворизира одредена политичка опција, идеологија или идеја.

Проблемот со домашните медиуми е што целата своја работа ја засноваат врз непрофесионални стандарди. Така, дел од вработените во овие телевизии или весници веќе не можат да се наречат ниту новинари, бидејќи се обични пропагандисти. Медиумите кои се во приватни раце, не би имале никаков проблем јавно да ја декларираат својата уредувачка политика и тоа би било сосема легитимно.

Не знам што би се случило тогаш со довербата на медиумите, која и сега е на ниско ниво, но во секој случај би било добра основа за нивна рехабилитација.

Можеби во таа насока оди и најавата за формирање нова телевизија на македонскиот пазар. Веројатно е дека стручните за односи со јавноста на владејачката гарнитура, кои без разлика на сѐ функционираат одлично, гледаат дека сегашните труби се потрошени и дека е потребен нов лист за стекнување доверба од граѓаните во информациите што им се соопштуваат.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести