verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Непрофесионално против непрофесионалноста

on 14 - 11 - 2016       

http___kurir-mk_makedonija_vesti_t

[Рецензија: „Тази дупка не е дупка“: Блам бр. 217 на Геро, Фокус, Доказ и другите медиумски јуришници на СДСМ/Сорос]

 

 Медиумите чии написи се анализираат во текстот навистина објавија погрешна информација и тука постои оправданост за критика. Спорниот елемент е начинот на кој се пристапува во критиката. Написот што е пред нас тоа го прави со видлива тенденцозност, притоа употребува  неосновани квалификации и дискредитира личности, невалдини организации и медиуми. И токму ваквиот пристап говори за (не)професионалноста на тие што критикуваат други медиуми за непрофесионално однесување. Овој материјал како да ја потврдува народната поговорка „Магарето му се смеело на зајакот бидејки имал големи уши“!

tazi-dupka-ne-e-dupka-blam-br-217-na-gero-fokus-dokaz-i-drugite-mediumski-jurishnici-na-sdsm-soros-kurir-mkЛинк до оригиналниот наслов: „Тази дупка не е дупка“: Блам бр. 217 на Геро, Фокус, Доказ и другите медиумски јуришници на СДСМ/Сорос

Датум и време на објавување: 13.11.2016

Датум на рецензија: 13.11.2016

Рецензент: Александар Пешев

ТЕНДЕНЦИОЗНА КРИТИКА

Тенденциозноста на текстот е видлива уште од самиот наслов, напишан во сензационалистички манир и во кој, неосмнено, намерно е употребен прекар (Геро), наместо цело име и презиме што, исто така, не е во ред. 

Во првата реченица од написот, која истовремено е и поднаслов, се користи реторика  како во партиските соопштенија на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„Не се добројуваат непрофесионалните срамни грешки кои секојдневно ги прават медиумите финансирани од СДСМ/Сорос, чија задача е секодневно да служат како партиски мегафони и егзекутори на највалканите медиумски кампањи на опозицијата“.

Ова ги поткрева сомнежите за партиска пристрасност, кои се потврдуваат низ целата објава во која имаме јасен обид за дискредитација на медиуми и на граѓански организации.

Медиумите кои се критикуваат во написот пласираа неточна вест. Тие направиле пропуст, очигледно не ги провериле податоците што ги пласирале во јавноста и со тоа ги прекршиле професионалните стандарди кои налагаат „точноста на информациите да се провери колку што е тоа можно“   (членот 1 од Кодексот на новинарите). Но, погрешен е начинот на кој овој напис им кажува на читателите дека во дел од медиумите имало дезинформација. Се добива впечаток како пропустот да е искористен само за да се „плука“ по колегите:

„Па така, стана секојдневие и Плусинфо на Героски и некогаш респектабилниот Фокус да се полнат со чисти шпекулации и „жолтило“, без да се провери точноста на информациите иако секој просечен новинар може да го направи истото со еден телефонски повик“.

Интересно е тоа што текстот што го рецензираме ги критикува споменатите медиуми зошто не го примениле професионалното начело за проверка на информациите, а самиот не посочува докази за информациите што ги соопштува. Така, на пример, нејасно е:

  • Како е утврдено дека станува збор за медиуми финансирани од СДСМ-Сорос?;
  • Како е утврдено дека задача на овие медиуми е да служат како партиски мегафони?;
  • Кои се другите непрофесионални срамни грешки кои се тврди дека биле направени?
soros-dpmne

медиумите на СДСМ и Сорос” – случајно или не формулацијата е застапена и во во партиските соопштенија на ВМРО – ДПМНЕ

Всушност, текстов има двоен аршин: од една страна се нагласува дека „секој просечен новинар може да провери точност на информации со еден телефонски повик“, а од друга страна го нема телефонскиот повик за да се проверат гореспоменатите информации – за кои не е наведен ниту извор.

ДИСКРЕДИТИРАЧКИ ТОН

Наместо издржана и аргументирана критика, имаме редење коментари. Проблемот со непроверување на информациите на кои се базира текстот се образложува со нови видно непроверени информации:

„Но повторно се докажува дека вистината не е императив за соросовите гласила како Плусинфо, Фокус и Доказ и дека кога се смерниците од СДСМ во прашање, овие медиуми се подготвени беспоговорно да ги извршат партиските задачи, иако со тоа влегуваат од срам во срам и тоа ги чинело потполно губење на репутацијата“.

Повторно се појавуваат неодговорени прашања:

  • Од каде се покажува дека прозваните медиуми добиваат „смерници“ од опозициската партија?;
  • Дали е побаран став од медиумите за кои се пишува? Дали е добиен став или не и зошто тоа не е наведено во написот?

Написот има и навредлива интонација, а се забележува и обид за лична дискредитација на личности што ги споделиле спорните текстови:

„Топката која ја сервираа“ Фокус и Плусинфо, реши меѓу другите да ја „закуца“ и човекот-култура во СДСМ, Роберт Алаѓозовски, кој поведен од желбата за лична пресметка и за собирање поенчиња и ширење гнев на интернет, од Алаѓозовски стана Алапачовски.

Покрај Алаѓозовски „се избањаа“ и уште многу други членови и жестоки активисти на СДСМ, кои без проблем, како и секогаш досега кога биле фаќани со турнати гаќи, ќе си го одмолчат и овој нов блам и ќе продолжат како ништо да не било“.

Фокусот на написот се шири кон други случаи на пропусти во известувањето. Симптоматично е што повторно се избираат примери во кои се инволвирани членови на ВМРО-ДПМНЕ, што го зајакнува впечатокот за политичка пристрасност на текстот.

Гледано во целина, имаме една исклучително некоректна и непрофесионална објава која од „петни жили“ го критикува непрофесионализмот на другите.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

точни наводи

делумно

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

неофицијални

повеќе извори

повеќестрани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

некреативен

сензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

информира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

нема мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

поврзан со тагови

Претплатете се за најнови вести