verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Неосновани споредби меѓу протестите во САД и Северна Македонија

on 4 - 06 - 2020       

Фото: Илустрација

[Рецензија: Америка во Пламен! Масовни Крвави Беснеења на Сорос Платениците низ Цела САД! Гардата ја Брани Белата Куќа!]

Напис полн со теории на заговор, шпекулации, коментаторски тврдења без докази и ниско ниво на комуникација со јавноста. Целиот текст е конструиран на неколку спинови и чисти измислици.

Линк до оригиналниот напис: Америка во Пламен! Масовни Крвави Беснеења на Сорос Платениците низ Цела САД! Гардата ја Брани Белата Куќа!

Датум и време на објавување: 31.5.2020

Датум на рецензија: 3.6.2020

Рецензент: Симона Атанасова

Преку написот, а со цел манипулирање на јавноста, се прави паралела на протестите кои моментално се случуваат во САД, со протестите што се случуваа кај нас на неколку наврати во изминатите неколку години.

Но, споредбата е неиздржана. Протестите во САД се случуваат поради убиството на Џорџ Флојд, афроамериканец кој беше убиен од белец полицаец. Се протестира против расизмот, дискриминацијата и полициската бруталност. Протестите на Шарената револуција се случуваа поради авторитарното владеење на претходната владејачка гарнитура на чело со поранешниот премиер а сегашен бегалец во Будимпешта, Никола Груевски. И протестите поради убиството на Мартин Нешковски, иако беа против полициската бруталност, сепак беа мирни и без насилство, за разлика од протестите во САД каде дел од демонстрантите протестот го искажуваат насилно.

Во текстот се вели дека во Америка протестираат платеници на Џорџ Сорос, односно Антифа и БЛМ. Но, воопшто не е објаснето што е тоа Антифа и БЛМ и кои се тие. Ниту, пак, во текстот се презентирани некакви докази кои можат да ги поврзат со Сорос. Ниту, пак, се нудат докази дека се водачи на протестите.

Се тврди дека се убиени полицајци сред бел ден, но ова е целосно невистинита информација! Досега (03.06.2020) за време на протестите биле ранети неколку полицајци, но ниту еден не бил убиен.

Во текстот има говор кој што е недоличен, се забележуваат навреди кои го прават објавеното не само неточно туку и неетичко и на ниско ниво.

Платените шарени револуционери ни ја срушија државата.

Како е дојдено до овој коментаторски заклучок е нејасно. Што значи срушена држава? На јавноста не ѝ е понудено ништо што ќе ја убеди во ваквата спинерска конструкција.

Се прави паралела помеѓу вокабуларот кој се користи на протестите во САД и фразите кои ги користеа демонстрантите во Северна Македонија. Паролата „Нема правда нема мир“, не е измислена во С.Македонија. Иако никој не го знае потеклото на овој слоган, тој се користи одамна. Се користел и за време на протестите во Велика Британија во 2014 година, кога слично како сега, белец полицаец убил невооружен афроамериканец.

Освен паролите и вокабуларот, манипулирачки и наведувачки се тврди дека и финансиите за протестите доаѓаат од ист центар. Кој е тој центар не е наведено во текстот, иако се алудира на Сорос. Нема никакви докази ниту дека сега во САД, ниту  кога  било во С. Македонија протестите биле поттикнати и финансирани од Сорос.

Проблематично во овој напис е и тоа што за вирусот КОВИД-19 се вели дека „фабрикувана хистерија опасна колку обичен сезонски грип“. Дека вирусот е измислен и дека е грипот е поопасен од него, се можеби најчестите спинови поврзани со пандемијата на коронавирусот. Овие неточни тврдења се едни од најопасните дезинформации за овој нов вирус кои можат да доведат во опасност голем број на човечки животи.

Лош превод

Освен што е полн со невистини и теории на заговор, текстот професионално потфрла и од неколку технички аспекти. Очигледно е дека поголем дел од текстот е преведен со Гугл транслејт. Па така ,наместо полицајци или федерални полицајци, преведено е буквално „федерални службеници“ за „federal officers“.

Сајтот на кој што е објавен има неколку показатели кои треба да се земат предвид кога читателот одлучува дали да поверува во тоа што е објавено. Нема автор на текстот, односно некој е потпишан со псевдоним. Потоа индикативно е дека сајтот нема импресум, не е наведен уредникот ниту сопственикот, а и речникот кој се користи е далеку од професионално новинарство.

Да е иронијата уште поголема, текстот е ставен во категорија „антифејквести“, иако најголемиот дел од напишаното или е невистина или е манипулација.

Поразително е што овој напис, само од веб-страницата на којашто е објавен за два дена е споделен над 3.000 пати (3.228 за време на пишување на текстот).

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести