verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Неокомунизмот се вгнезди во македонското новинарство

on 15 - 05 - 2014       
5902173353_83ba3d6b7f_b

Новинарски марш на солидарност со колегите под закана за губење на работните места. Фото: Ванчо Џамбаски за ФОСИМ. 4. Јуни 2011, Скопје

Баш им е гајле на властодршците за демократијата, за слободно новинарство како еден од демократските фундаменти. Тие неа ја гледаат само од позиција на својата позиција. Го немаат чувството дека ја узурпираа и онаа скромната демократија што ја наследија кога дојдоа на власт. Ниту, пак, им е грижа за Брисел или за Вашингтон кога тие, нели, си се стопани на својата нива.

 

Пишува: Зоран Иванов

 

Поимот од насловот на текстов би можел да се оквалификува како последица на една нова оригинална стратификација на македонското општество. Би можел да биде тоа резултат од една и пол децениска медиумска тирада, која, со малку дипломатски речник, е опишана и во последниот извештај на „Фридом Хаус“.

Последица е на политичкиот диктат врз медиумите командуван од  кабинетите на владејачките партии. Особено во последниве осум години и особено од владиниот кабинет, се врши отворен вулгарен притисок кој ги моделира уредувачките политики во повеќе влијателни, но поради коалициски, финансиски или од некои други причини, зависни новинарски редакции.

Општо познато е дека премиерскиот кабинетот е главен уредник, но и менаџер, селектор и агент за трансфери и за прегрупирања на новинари и на цели новинарски тимови. Производ на таквата владина кабинетска уредувачка политика, како и на јавното етикетирање на новинари и медиуми, е сплет, е еден цел комплетиран, усогласен и синхронизиран систем, една моќна и во комунистички манир профилирана алатка за агитација и пропаганда.

 

Нашето новинарство има среќа што публиката сѐ уште го нарекува со тоа име

 

Од тие причини, поради преголемата пресија и целосната доминација на партиски комесари врз сопственици, уредници и новинари, нашето новинарство има среќа што публиката сѐ уште го нарекува со тоа име. Летаргијата е денес доминантниот новинарски порив. Од професијата остана само занаетот. Тој, пак, ослободен, напуштен од идејата, од таа срцевина на професионалниот новинарски продукт, се претвори во мануфактура. Во лон производ детерминиран од моделот, од шаблонот, од репроматеријалот испорачуван во редакциите, во најголемиот број од нив, од инвеститорот – моќниот политички центар.

Последицата, покрај другите, е што македонските новинари, овие посттранзициски новинарски генерации, меѓу себе разговараат за сѐ, само не за својата и за редакциската работа. И, не е проблемот во младата генерација новинари, кои денес се пообразовани, пософистицирани, попрошетани и со интернет можности. Во македонското новинарство повеќе нема, или се ретки, квалитетни уредници, во редакциите не се негуваат систем на работа и систем на вредности во кои ќе се препознаваат, поттикнуваат и промовираат професионалните скрупули и каде што ќе доминираат етичките стандарди. Резултат на ова е целосна деформација на националната новинарска база.

Во нашето новинарството денес има премногу неновинарски интереси. Премногу политички, партиски активизми. Премногу навивања, насилничко заземање страна. Во новинарските продукти се редат некакви мутанти од факти. Оттука, нема спас за македонското новинарство сѐ додека во неговите редови има партиски активисти на клучни уреднички позиции. А, ќе ги има сѐ додека власта ја јава, ја тормози Македонската радио телевизија, се додека ги купува моќните редакции со буџетски пари и сѐ додека сопственици на медиуми во исто време се и претседатели на политички партии, сопственици на фирми и партиски политички партнери на власта, сето тоа истовремено. Медиумите ним им се алатка за политичка промоција и за бизнис позиција. Впрочем, интересите на новинарството и интересот на Владата, на секоја влада, се дијаметрално спротивни.

 

Баш им е гајле на властодршците за демократијата

 

Впрочем, баш им е гајле на властодршците за демократијата, за слободно новинарство како еден од демократските фундаменти. Тие неа ја гледаат само од позиција на својата позиција. Го немаат чувството дека ја узурпираа и онаа скромната демократија што ја наследија кога дојдоа на власт. Ниту, пак, им е грижа за Брисел или за Вашингтон кога тие, нели, си се стопани на својата нива. Граѓаните, еве, пак им го „дадоа“ мандатот и аналогно на тоа, одговорноста е сега токму кај нив. Ја имаат моќта да променат нешто. Причините, секако, се тема за друга анализа, а, сепак, само површно, тие и овој пат, во поголем број, не сакаа да рескираат. Тоа што за возврат повторно им ја зедоа слободата, очигледно овде во Македонија никого не загрижува.

И, што е тука е. Во вакви околности и амбиент што, прво за себе, можат да сторат новинарите, што во овие околности може да стори издишаното македонско новинарство?

Неокомунизмот се вгнезди во нашот журнализам. И, ќе потрае.

 

ПС. Како што минува времето, македонското новинарство сѐ побезбедно се спушта накај самото дно на светската новинарска слобода, но и на самото дно на професионалноста. Новинарството сега е задушено и немоќно ниту елементарно да се самоодржува. Новинарите и колективно и поединечно, исто така. Оттука, просторов ќе го употребам и да потсетам на чинот на авторот на овие редови како обид за минорен, па, сепак, придонес за малку надеж дека паѓањето има крај. И дека од дното, макар од немајкаде, повторно ќе почне нагорниот од на македонската демократија во која себе повторно како предводник ќе се самопронајде и македонското новинарство:

„На Денот на македонското новинарство, со извинување и нужна почит спрема подржувачите, предлагачите и жиријата, се откажувам и ги враќам сите мои новинарски награди.

На македонското новинарство му треба револуција и нов почеток. Верувам во тоа и во таа насока ги поттикнувам младите новинарски генерации.

НОВИНАРСТВОTO  Е  ПОРАЗЕНО  И  ЈАС  СУМ  ДЕЛ  ОД  ТОЈ  ПОРАЗ

Не сакам, не можам, не ми дозволуваат моите човечки и професионални скрупули, моето севкупно животно и новинарско искуство, да бидам дел од овој актуелен македонски новинарски отпечаток. По четириесет години новинарска работа, новинарска борба, новинарска посветеност, новинарски ентузијазам, новинарски идеализам, не можам да си дозволам да бидам дел од сегашнава македонска новинарска историја.

Вулгарната дневна политика го купи, го присвои, го окупира целиот македонски медиумски и новинарски простор. Го промовираше во картелска пропагандна машинерија, ги обесправи и ги понижи новинарите и ги вјарми во алатки за бесрамни манипулациии. Во плурална Македонија новинарството ја загуби смислата. Тоа стана егзекутива на политиката управувана од владејачкиот партиски пропаганден центар.

Од тие причини, на Денот на македонското новинарство ја враќам новинарската легитимација и со извинување и нужна почит спрема поддржувачите, предлагачите и жиријата, се откажувам и ги враќам и сите мои новинарски награди – трите државни „М.Х. Јасмин“, двете „К.П. Мисирков“ за најдобар новинар на годината, наградата за „Животно дело“ во новинарството и сите други многубројни новинарски награди и признанија.

Новинарството во Република Македонија е поразено и јас ум дел од тој пораз. На македонското новинарство му треба револуција и нов почеток. Верувам во тоа и во таа насока ги поттикнувам младите новинарски генерации.“

Зоран Иванов

Скопје, февруари 2013


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести