verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

(Не)критички медиуми или Турција, воен удар

on 24 - 07 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
Многу амлку критичка анализа - медиумите за турскиот пуч. Фото: YouTube
Многу мaлку критичка анализа – медиумите за турскиот пуч. Фото: YouTube

 

Обидот за воен удар во Турција е еден од најконтроверзните настани од меѓународен карактер кои го преокупираа вниманието на македонските медиуми во последниве денови. Не недостига ниту интерес, ниту покриеност на темата од различни аспекти, ниту пренесување на меѓународни опсервации и мислења. Меѓутоа, она што недостига во медиумското информирање за оваа тема е критичко размислување, критичка анализа и создавање услови за критичка дебата на различни нивоа на интерес

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт по човекови права

 

 

Mногу мал број медиуми изградија критички пристап кон контроверзната тема дури и на едно посимплифицирано ниво или концентрирано на еден или неколку аспекти на проблемот:

Меѓу ретките може да се издвојат кратките анализи (Зошто турските воени кругови сакаа да го соборат Ердоган?). Македонските медиуми наместо да изработат сопствени стории, најчесто се задоволуваат со пренесување на анализи направени во други медиуми (ДВ: Зошто не успеа пучот во Турција). Повикувањето на сопствени извори е само по исклучок (медиумите дури не се обидоа да добијат информации од нашите претставништва во Турција).

Најголем број од македонските медиуми воопшто не ја проблематизираа темата низ призмата на контекстот во кој се случува (Секуларните Турци се чувствуваат изолирани во „новата Турција“, Протест на трудниците против Ердоган) и особено низ призмата на последиците кои може да ги има (или веќе се очигледни).

Насловите и информациите кои се објавуваат  често даваат нецелосна, па дури и сосема погрешна слика за случувањата по неуспешниот државен удар (Турците четврта вечер на улиците со поддршка за Ердоган), особено во отсуство на поставени прашања кои во моментот се отворени и неодговорени.  Дури и медиумите кои пренесуваат фотографии на кои се гледаат очигледни акти на тортура не само што не даваат барем сопствен коментар (ако не и анализа) за она што го пласираат пред јавноста, туку ставаат наслови кои дури создаваат перцепција дека станува збор за демократски легитимно и правно издржано постапување (Војниците ги стигна казната на Ердоган).

Многу мал број медиуми понудија аргументи базирани на претходна критичка анализа и подготовка за темата. Во оваа смисла интересен е текстот под наслов Ердоган на чекор од апсолутна власт

„Сепак, кога станува збор за овој државен удар, постојат одредени разлики во споредба со акциите на војската во минатото. Станува збор за исклучително атипичен удар.

Војската во минатото реагираше и многу влади смени само откако народот го бараше тоа од неа. Исто така, забележлив е недостиг од командна одговорност и синџир на команда. Во претходните удари (како што само овој пат не беше случај) турските генерали се појавуваа веднаш на телевизија и ги објаснуваа причините за своите постапки. Тоа не се случи за време на последниот воен удар“.

Во слична насока е и текстот „РЕЏЕП ТАИП ЕРДОГАН: Господар на истокот или автократ чија ѕвезда брзо темнее?“. Меѓутоа и во двата текста не се спомнуваат многубројните, постојано присутни, а во последните години и многу масовни и сурово задушени демонстрации поврзани со владеењето на Ердоган. На пример, под насловот „Демократијата треба да го урне режимот на Ердоган а не воен удар“ е дадена идеја која не дава аргументи и објаснувања поврзани со историјатот на добивање на изборите на Ердоган, неговиот начин на владеење како премиер (I don’t respect the Constitutional Court’s decision to release journalists: Erdoğan, Turkish President Erdogan threatens court’s ‘existence’ after it releases two journalists,Erdoğan’s fury at the Constitutional Court and the Ankara beltway, Erdogan accuses journalists of ‘biggest attack’ against Turkey, says court is ‘against country’ too), демонстрациите на кои се бараше демократска промена (СЕ СЛУЧУВА ЛИ ТУРСКА ПРОЛЕТ?) и крвавото и насилно задушување на овие демонстрации со сите реперкусии кои го следеа наредните години (Турција: Со солзавец против противниците на Ердоган, ТАКСИМ ЈА СТРЕСЕ ТУРЦИЈА,…). Одделни медиуми дури не ставаат линк ни кон сопствена претходна анализа (пренесена анализа) направена (на пример) во врска со претседателските избори во Турција во 2014 година ниту, пак, кон други написи кои можат да бидат искористени во оваа насока (на пример: Војската подготвува преврат во Турција, Ердоган лета од власта?).

Во медиумите се даваат податоци за бројот на уапсени (кој веќе надминува 50.000) и со мерките кои се преземаат (затворање на границите, отпуштање на декани и професори, затворање на училишта, па дури и за отворениот повик за воведување смртна казна), но во многу мал број медиуми (Четири прашања по обидот за воен удар во Турција) се поставуваат прашања и се нудат одговори за методите на репресија, за постоењето на подготвени списоци за „отстрел“ (дури и тогаш кога има отворено искажани сомневања, како, на пример, ХАН: ТУРСКАТА ВЛАДА ВЕРОЈАТНО ИМАЛА ПОДГОТВЕН СПИСОК ЗА АПСЕЊА), за тоа во која мера воената власт би се разликувала од сега воспоставената и особено за улогата на свештенството во оневозможувањето на воениот удар и во одбраната на Ердоган?

Во неколку медиуми насловите под кои се пласираат овие податоци дури ја насочуваат јавноста дека станува збор за легитимно справување со негативна појава (СЕЧЕЊЕ НА ЗЛОТО ВО КОРЕН: Ердоган отпушта 21.000 учители, 1.500 декани и уште 49.000 други административци поврзани со пучот!).

Во голем број медиуми се пласира податок кој создава впечаток за голема поддршка која граѓаните ја даваат на Ердоган (Илјадници лица на улиците во Турција за поддршка на Ердоган, Чување на демократијата во Турција: граѓаните не ги напуштаат плоштадите) без да се дадат макар и приближни бројки, географска распространетост и без да се анализира соодносот на поддржувачите и на противниците ниту, пак, да се дадат податоци за структурата на поддржувачите и на противниците.

Во некои медиуми се дадени податоци за карактерот на поддршката дадена на Ердоган, меѓутоа медиумот не се впушта во понатамошна анализа на податоците:

„Демонстрантите вееја турски знамиња и извикуваа провладини и исламски слогани. Се пееја и песни кои го величаат Ердоган, а пред неговата резиденција поддржувачите го читаат и Куранот“.

Во многу мал број случаи беше направен линк (врска) со случувањата во Македонија и не беа адресирани проблемите кои може да се од интерес за Република Македонија и за нејзините граѓани. И во оној мал број случаи кога е направена ваква врска, таа, всушност, не се базира на критичка анализа, туку на механичко пресликување на нештата. На пример, под насловот “ЗОШТО ТУРЦИЈА Е ДРЖАВА: Опозицијата ја поддржа владата на Ердоган, за разлика од нив, нашата опозиција би ја продала земјата!“, медиумот ја пренесува информацијата за заедничкиот став на поддршка на четирите најголеми партии (кои влегуваат во составот на Собранието), меѓутоа, не наоѓа целисходност во тоа да го анализира ваквиот потег (особено во контекст на случувањата кои непосредно следат – лишување од слобода, тортура, закани со смрт, забрани за излез од државата…).

Во неколку медиуми, направена е врска со ситуацијата во Македонија и упатен е дури и повик за еднакво постапување на власта како и во Турција:

„Македонскиот народ како и турскиот е спремен за борба. Само што нашите политичари се катастрофа. Во Турција и владејачката партија, и опозицијата се во заедничкиот став против пучот, а македонскиот антидржавен отпад се израдува и посака побргу да се случи пуч и во Македонија. Сите тие мора да бидат средени како што Ердоган ќе ги среди неговите пучисти, само што кај нас кој да го направи тоа?“

Дури и неколку дена подоцна, кога веќе има јасни податоци за тоа кои се луѓето што се идентификуваат како дел од организаторите и учесниците во пучот,

медиумите не ја проблематизираат поддршката која наводно е дадена на Ердоган, ниту, пак, поставуваат прашања за обемот на незадоволството кое се манифестира низ овие бројки, или, пак, контрадикторноста со веќе пласираните податоци за наводна „терористичка“ клика која го спровела пучот.

Критичкиот пристап во медиумското информирање подразбира градење мрежа од сопствени извори, проверка на податоците, презентирање различни перспективи, поставување прашања (посебно во врска со контрадикторните информации) и градење синџир од причинско-последични врски втемелени во соодветен историски/актуелен контекст.

Секако дека првите два дена известувањата од теренот беа сами по себе контрадикторни. Но, буквално од третиот ден вистината за наводниот воен удар во Турција почна да се наѕира, а наглата промена во ставовите на најсилните меѓународни фактори дефинитивно сигнализираше дека механичкото пренесување непроверени информации е сигурно најлошиот новинарски пристап за едно вака сложено прашање.

Во такви услови, уште еднаш и повторно загрижува отсуството на специфичната перспектива на човековите права која би требало да ја претставува првата вредносна димензија низ која се прекршуваат настаните и активностите (на пример, перспективата за состојбата со човековите права дадена во извештаите на „Хјуман рајтс воч“ или „Амнести интернешнл“). Како и толкав број пати досега, токму таа перспектива и информациите добиени од овие извори покажаа висока супериорност над сите оние „обоени“ информации или недоволно информирани извори. Сепак, и овојпат, нашите новинари не се досетија да го применат принципот „во случај на сомнеж – погледни од перспектива на човековите права“.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести