Недостигот од етика, стратегија за непрофесионалност
Објавено во Рецензии
on 11 - 02 - 2016 Автор: Xhenis Sulimani
Напис: Стратегијата на Ким Мехмети со која и тоалетот ќе го претвори во негова национална кауза
Дали Ким Мехмети е вистинската политичка фигура за да биде врховен портпарол на албанските незадоволства во Македонија? Тој оваа улога ја игра веќе долго време без да му ја додели никој, но секогаш покриен со ореолот на бунтовничкиот писател. Но, никогаш не објасни како настана оваа бунтовност кај него, и дали е навистина во неговат природа да ја брани националната кауза на Албанците во Македонија, или има нешто друго што пошироката јавност не го знае.
Ким Мехмети не лежел ниту една минута затвор за да биде прогонет, а ниту пак, бил забранет како писател за да биде дисидент. Неговото враќање се случи по 2001 година, кога му се продаде на Али Ахмети како патриот што има многу проблеми со „оние од ДПА”. Значи, тој отиде да побара азил кај Али за да се катапултира во еден достоен Албанец, бидејќи сета албаннштина ја имаше „прокоцкано” по седенките со алексовци и фрчковци. Секако дека нему му требаше една јавна потврда за патриотизам и пеливански ја искористи блискоста со Али Ахмети за да ја достигне оваа цел. Токму ова му го отвори патот за да стане партиски управуван кадар во Македонската Радио Телевизија, станувајќи втор човек во нивната хиерархија.
Ким Мехмети, како ретко кој друг, имал пријатели и во монизмот и во демократијата, што му помогнале да се искачи во кариерата. Прво, без оглас и без факултет го примија во „Пламенот на братството”, со помош на личните познанства со генералниот директор Панде Колемишевски, а потоа го именуваа заменик директор на МРТВ, преку малкуте познанства што ги имаше со Али Ахмети. Во првиот случај, Ким го примија како кадар од доверба што знаеше да маневрира со македонската политика за диференцирање на Албанците, во втората прилика тој се претстави како „кадар прогонет од страна на ДПА”, на кого наводно му ги затвориле сите врати и тој немаше каде да го докаже својот партиотизам.
Навистина, Ким има голема потреба да се докаже дека е голем Албанец. Прашањето е зошто? Што го прави ова селско дете, толку опседнат по албанството, кога се знае дека тоа ги има корените врз лажни темели. Во неговата природа е да биде екстраваганден, не како другите и сосема посебен во артикулација на бунтовноста. Тој беше таков – значи посебен и во монизмот. Кога сите албански интелектуалци и учители се плашеа дури и да ја свртат главата кон полициската станица, тој имаше пријател, токму некој полициски експонент.
Кога сите албански интелектуалци пишуваа и ја бранеа колку што можеа албанската кауза во Косовските весници, тој безделничеше по македонските весници со неговите мултикултурни убедувања, каде со милина му ги слушаа утописките идеи за некакво братство-единство помеѓу Македонците и Албанците. Но, најубавото е тоа што Ким овие утопии и урбани фантазии знаеше да ги претвори во пари. Македонците едвај чекаа да најдат некоја овца како Ким за да му фрлат неколку пари, бидејќи само вака неговите работодавачи ја оправдуваа нивната идеологија за топење на албанството во големото словенско море. Не случајно, Скопје и Белград беа одбрани како центри каде се негуваше оваа идеологија, додека пак Ким Мехмети беше најсоодветната „алатка” за да ја сподели оваа идеологија и кај Албанците.
Но, Али Ахмети беше тој кој со неговите храбри момци му расипаа работа на Ким Мехмети, бидејќи се случи востанието во 2001 година и заврши неговата дружба со словенските побратими. Ако не се случеше ова востание, Ким и ден денес ќе беше активен по мултикултурни форуми и панели, кажувајќи им на Албанците колку среќни ќе беа тие доколку учеа во истите училишта со нивните македонски врсници, колку сигурни ќе беа албанските кадри доколку на нивните работни места се зборуваше само македонки јазик, и така натаму.
Можно е, оваа бунтовност на Ким да е поврзана токму со фрустрацијата што тој ја има кон Али Ахмети, бидејќи овој последниот беше тој што го оттргна од мултикултурната словенска сага. Во природата на недостојните деца е да го убијат таткото, и неретко во историјата чиракот го убил мајсторот, бидејќи никогаш не успеал да стане мајстор. И Ким Мехмети го има овој проблем. Тој никогаш не може да стане како Али Ахмети, затоа и го напаѓа без престан, бидејќи жилата на таткоубиец не го остава на мира. За неговото враќање во редовите на Албанците, Ким Мехмети никогаш не може да му се оддолжи на Али Ахмети, од тука извира и неговата омраза, бидејќи само тие што не се во можност да вратат долг стануваат агресивни и одмаздољубиви. Ким за ова е многу свесен и неговиот личен револт успешно го витка со колективно незадоволство. Да, треба да се признае. Тој е мајстор за овие работи и нема друг како него во сите албански простори. Несреќата е во фактот што на албанскиот простор тој му се нуди како патриот и потребата за национална рехабилитација ја придружува со некаква уметничка бунтовност .
Со други зборови, Ким Мехмети веќе долго време го користи патриотизмот како професија за да го камуфлира неговото минато, и најлошо е тоа што таму каде што ја продава оваа стока со поминат рок, луѓето немаат трпение и време да се занимаваат со неговото социјално, национално, или идеолошко потекло. Сите мислат дека Ким уште од пелени бил ваков патриот и никој не може да замисли дека тој во 70-те и 80-те години се срамел да зборува албански, бидејќи само на тој начин можел да изгледа „рамноправен” со неговите словенски побратими.
За да стане по „убедлив” во неговата национална кауза, Ким Мехмети веќе долго време го моли движењето „Беса” за да го изберат на чело на Надпартискиот Совет. Но, со тек на време, се виде дека оваа идеја беше неприфатлива за другите опозициски партии и излезе идејата ова ново скривалиште на албанството на Ким да се вика „Опозициски Совет”. Ќе видите дека освен амбицијата да се кандидира за пратеник, тој нема да има никаква друга обврска што ќе го поврзе со овој Совет.
Како учен човек што е, бидејќи освен мaјтaпот што го следел кај селскиот Оџа има и едно парче средно ѕидарска школа, Ким Мехмети се вообразил и се гледа себеси како „татко на нацијата”. Од оваа позиција, тој сега зборува и соли памет и нема намера да се симне подолу од статусот на еден „духовен лидер”. Од еден неразделив пријател на македонските безбедносни агенти, овој некојси терач на магариња, проектира големи соништа за иднината на Албанците во Македонија и сите тие што не го следат неговиот пат, или се поддржувачи на ДУИ или се предавници. Кај Ким среден пат нема, бидејќи сите други патишта тој ги зафатил со неговиот патриотизам и сега му е тешко на некој албански интелектуалец да се покаже, бидејќи мудроста и патриотизмот на Ким Мехмети ги окупирале сите пори на секојдневието. Дури и се плаши дека некој ден, отварајќи го фрижидерот, ќе му излезе Ким. Неговото сеприсуство направило порано или подоцна да имаме проблем и со одењето во тоалет, бидејќи Ким и за тоа има стратегија како да го освои.
[Рецензија:„Стратегијата на Ким Мехмети со која и тоалетот ќе го претвори во негова национална кауза“]
Во еден долг текст во категоријата вести, се соочуваме со напис полн со критики и со навреди кон Ким Мехмети. За тоа дали Мехмети е соодветна политичка фигура за да биде „портпарол“ на албанските незадоволства во Македонија, одлучува широката јавност. Ова толку важно прашање бара вклучување на повеќе елементи. Новинарот треба да работи во интерес на јавноста, а не во интерес на една одредена група граѓани. За легитимитетот на една политичка фигура одлучува јавноста, а не еден коментар, камуфлиран како вест.
Линк до ригиналниот напис: „Стратегијата на Ким Мехмети со која и тоалетот ќе го претвори во негова национална кауза”
Датум и време на објавување: 22.01.2016
Датум на рецензирање: 01.02.2016
Рецензент: Џенис Сулимани
Рецензираниот текст се однесува на еден политички експонент и е сосема тенденциозен. Новинарот поставува прашање „дали е Ким Мехмети соодветната политичка фигура за да биде врховен портпарол на албанските незадоволства во Македонија“? И, во целиот текст, со неговиот понижувачки вокабулар, се обидува да ја убеди јавноста дека главниот лик на приказната во овој текст, сосема случајно е таму каде што е.
„Ким Мехмети не лежел ниту една минута затвор за да биде прогонет, а ниту пак бил забранет како писател за да биде дисидент. Неговото враќање се случи по 2001 година кога му се продаде на Али Ахмети како патриот што има многу проблеми со „оние од ДПА”. Значи, тој отиде да побара азил кај Али за да се катапултира во еден достоен Албанец, бидејќи сета албанштина ја имаше „прокоцкано” по седенките со алексовци и фрчковци. Секако дека нему му требаше една јавна потврда за патриотизам и пеливански ја искористи блискоста со Али Ахмети за да ја достигне оваа цел. Токму ова му го отвори патот за да стане партиски управуван кадар во Македонската Радио Телевизија, станувајќи вториот човек во нивната хиерархија.“
Доколку не се провери тоа што новинарот го пишува во текстот, не објавувајќи ниту еден релевантен извор, новинарскиот производ се претвора во едно шпекулативно, тенденциозно и пропагандно писмо. Кога станува пристрасен, новинарот ја „разнишува“ основата на професионалноста. Правилата не важат за коментарот, но бидејќи овој производ е „продаден“ како вест, тој требаше да се прилагоди на тие правила.
Авторот алудира на фактот дека Ким Мехмети „крена глава“ само поради помошта што му ја даде Али Ахмети, а сега го критикува само поради љубомората што ја има за Али Ахмети, затоа што не може да биде како него.
Во Кодексот на новинарите на Македонија прецизно се наведува:
На тие што биле предмет на напад или критика треба да им се даде можност да одговорат пред да се објави трудот, а доколку ова се случи и одговорот доаѓа по објавувањето, тој треба да биде во разумна мера, поврзан со предметот и во коректна форма.
„Писател бунтовник“, „селско дете“, „овца како Ким“, „со ѕидарска школа“, „терач на магариња“,… се само неколку од навредите и иронијата насочени кон Ким Мехмети.
Низата шпекулации со тенденција за да се дискредитира една политичка фигура не претставуваат вест. Веста ќе беше полна со проверени аргументи, со службени извори, без понижувачки јазик и ќе даде една реална слика за главниот лик на текстот ако се провереше сè. Дури и во таков случај, употребата на навреди и на понижувања не се оправдува ништо.
Овој текст, и да се објавеше како мислење, сепак ќе беше проблематичен, не поради неусогласеноста со активностите на една личност, туку поради навредливиот јазик и недостигот од етика што го карактеризираат.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
нема факти
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
не информира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
дискриминира
политичка дискриминација
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
не апликативно
има контекстуални линкови
стилски уреден
поврзан со тагови