verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Неаргументирани напади на новиот министер

on 19 - 11 - 2015       

skrinsot-spasovski-crop-resize

 

[Рецензија: Тешка ноќ за полицијата откако Спасовски и ги одзема овластувањата]

 

Ни ден откако стапи на должност министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кадар на опозициската партија СДСМ, дојде под удар на медиумите кои се критички настроени кон опозицијата. Конкретно, во случајот се работи за нивна реакција на една од првите одлуки на Спасовски по седнувањето во министерската фотелја, за укинување на таканаречените пренесени овластувања, дадени од неговите претходници на одредени лица на функции во МВР. Написот кој го рецензираме е само еден од низата објавени истиот ден и ја обработуваат истата тема, пласирајќи ја генералната теза дека со овој потег Спасовски, наводно, создал хаос во работата на МВР и во функционирањето на безбедносните служби. Написот е така конотиран што на читателот му предава искривена слика како за одлуката на министерот, така и за последиците кои таа одлука ги има по функционирањето на министерството и по безбедноста на граѓаните. Аргументацијата која е презентирана, е поткрепена само со мислења на неименувани правници и не е побаран официјален став од МВР за тоа за каква одлука, всушност, се работи и како таа ќе се одрази на нивното работење.

Рецензија: Неаргументиран напад врз новиот министерЛинк до оригиналниот напис: Тешка ноќ за полицијата откако Спасовски и ги одзема овластувањата

Датум и време на објавување: 13. 11.2015 – 9:41

Датум на рецензирање: 17.11.2015

Рецензент: Југослава Дуковска

Во написот се тргнува од еден точен и веродостоен факт – новиот министер за внатрешни работи на РМ, Оливер Спасовски, навистина со циркуларна телеграма ги известил вработените во МВР дека

„сите пренесени овластувања од министрите за внатрешни работи кои раководеле со Министерството за внатрешни работи до денот на донесување на Одлуката за избор на членови на Владата на Република Македонија (,,Службен весник на РМ“ бр. 197/15), со исклучок на овластувањата за донесување на решенија, други управни акти и документи во управни работи, овластувањата за прием и заведување на актите во деловодник и уписник и овластувањата за ракување со печати и штембили, престануваат да важат.“

Во написот, меѓутоа, оваа одлука се толкува тенденциозно. Во него вака им е објаснет на читателите потегот на Спасовски:

„Ова е телеграмата со која новиот министер за внатрешни работи им ги одзема овластувањата на сите вработени во полицијата.“

Овој навод е неточен и манипулативен, бидејќи пренесените овластувања се само дел од овластувањата на дел од вработените (оние кои добиле такви овластувања од претходните министри), а не се укинати сите овластувања на сите вработени, што секако би бил лош потег. Според поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов

„министерот Спасовски има законско право да си ги врати пренесените овластувања“,

а овој исказ на Трајанов, инаку дел на владејачката коалиција, даден за „Телма“, со свое стручно мислење го поткрепи и Борче Давитковски, професор по управно право на Правниот факултет на УКИМ.

За да претстави дека одлуката на Спасовски е погрешна и штетна, овој напис го тврди и следново:

„Спасовски практично ја развласти целата полиција и ја претвори во приватна полиција која ќе дејствува само по негова наредба. Од синоќа полицајците кои апсеа дилери, педофили и убијци веќе немаат овластувања. Со недоразбирањето од повлекувањето на овластувањата на вработените, веќе се случиле неколку инциденти низ државата.“

Во написот се спомнува дека потегот на министерот предизвикал пречки во функционирањето на сложениот систем на министерството, како застој во закажувањето на термини за вадење на лични исправи и други проблеми, за кои некои медиуми јавија дека всушност биле обиди за опструкција на новоназначениот министер од редовите на опозицијата. Во соопштението на МВР до јавноста, издадено истиот ден кога е објавен написот, но неколку часа подоцна, пак, стои:

„Пренесените овластувања за прашањата за кои министерот согласно закон може да одлучи дали ќе пренесе на друг работник или ќе ги извршува лично, НЕ ЗАСЕГА И НЕ СЕ РЕФЛЕКТИРА ВРЗ РЕДОВНАТА РАБОТА НА РАБОТНИЦИТЕ, за кои нема никакви формално-правни пречки за континуирано, благовремено и одговорно да постапуваат, во согласност со утврдените надлежности и одговорности во доменот на нивната надлежност.“

Со ова е даден одговор на тврдењата во овој и нему сличните написи за тоа дека одлуката на Спасовски го парализирала МВР и ја загрозила безбедноста. Сепак, со оглед на времето на објавување на овој напис и на појаснувачкото соопштение на МВР, издадено неколку часа подоцна, може да се земе предвид и дека авторот на написов ги немал сите информации на располагање кога го пишувал текстот.

Написов произлегува од користење најмалку на два извори – едниот е телеграмата на Спасовски, која е релевантен официјален извор, а другиот се неименувани „правници“ кои се консултирани за потребите на текстов. Кога ќе се погледне соопштението на МВР во кое детално се објаснува каков вид овластувања се пренесените овластувања и се подвлекува дека нивното враќање во надлежност на министерот не се и не можат да бидат пречка за нормално одвивање на активностите од доменот на надлежностите на МВР, може да се заклучи дека „правниците“ кои ги консултирал авторот на написов се, во најмала рака, или неинформирани за материјата или не го познаваат правото.

„Пренесените овластувања за прашањата за кои министерот согласно закон може да одлучи дали ќе пренесе на друг работник или ќе ги извршува лично, НЕ ЗАСЕГА И НЕ СЕ РЕФЛЕКТИРА ВРЗ РЕДОВНАТА РАБОТА НА РАБОТНИЦИТЕ, за кои нема никакви формално-правни пречки за континуирано, благовремено и одговорно да постапуваат, во согласност со утврдените надлежности и одговорности во доменот на нивната надлежност.“

Според ова, се работи за несеопфатна информација која прикрива многу факти, а пласира и искривени, паушални и невистинити тврдења. Меѓутоа, останува можноста дека, во моментот на пишување, не е располагано со сите потребни елементи за разбирање на темата за која се пишува.

Што се однесува до извртувањето на вистината, која е евидентна во овој напис, токму од веќе изнесените причини, постои можноста спинувањето да се должи и на недоволната информираност, иако и насловот и содржината на целиот напис се доволно тенденциозно формулирани за да остават сомнеж дека неинформираноста не е главната причина за невистините, туку дека се работи за намерно искривување на фактите. Симптоматично е што не е направен напор да се побара официјално толкување на овој потег на новиот министер пред да бидат изкажани оние квалификации од типот:

„целата полиција претворена во приватна полиција, која делува по негова наредба.“

На насловот може да се гледа како на обид за дискредитација на новиот министер за полиција од редовите на опозицијата кога ќе се погледне што тврди тој. „Тешка ноќ за полицијата откако Спасовски и ги одзеде овластувањата“ е невистина која тешко може да се оправда со неинформираноста на новинарот за какви промени, всушност, се работи.

Иако е недоволно јасно дали нападот врз новиот министер Спасовски, а овој напис несомнено е напад врз него, се должи на недоволната и на ненавремена информираност во врска со одлуката што Спасовски ја донесол по доаѓањето на чело на министерството за внатрешни работи, сепак, на написов му недостига професионален пристап кон темата.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

има и точни и неточни наводи

има и веродостојни и неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални, неофицијални

релевантни, нерелевантни

не може да се утврди

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести