verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

НЕ за детали, описи и интервјуирање на соседи кога се работи за самоубиство

on 6 - 03 - 2020       

[Рецензија:Соседите изненадени од самоубиството на момчето кое било мирен и добар сосед]

Текстот што го рецензираме има неколку аспекти кои се проблематични и несоодветни на добрата новинарска практика. Во Кодексот на новинарите и во Прирачникот за етиката во новинарството,  поточно во членовите 7 и 8, се наведува дека:

Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност на јавниот интерес. Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост. (7)

Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми. Во судските постапки треба да се почитува принципот на пресумпција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда. (8)

Но, во овој напис е постапено токму спротивно на етичките правила.

Линк до оригиналниот напис: Соседите изненадени од самоубиството на момчето кое било мирен и добар сосед

Датум на објавување: 2 март 2020 11:58

Датум на рецензирање: 5 март 2020

Рецензира Мирослава Бурнс

Во конкретниот случај со самоубиството, воопшто не треба да се извести. Не станува збор за јавна личност, не станува збор за информација од јавен интерес. Како што е повеќепати пишувано и констатирано во светската журналистичка пракса, пишувањето и известувањето за самоубиствата е во директна корелација со мотивирање на оние кои се на работ да извршат самоубиство. А, ова, особено се однесува на адолесцентите.

Во историјата на новинарската пракса, познати се случаите од Британија во 1972 година, кога повеќе пати медиумите известиле за самоубиство изведено со самозапалување. Следната година се регистрирани 60 самоубиства со самозапалување. Истото се случува и во 1980 година, кога германска телевизија детално известува за самоубиство на тинејџер, кој се фрлил под воз. Наредните денови на сличен начин се самоубиле други луѓе.

НОПХОДНА Е МАКСИМАЛНА ДИСКРЕЦИЈА

Дискрецијата и внимателноста се неопходни не само поради превенирањето на нови случаи, туку и поради тоа да се избегне дополнително трауматизирање на семејствата и на блиските.

Во случајов имаме објавена фотографија од зградата во која живеело момчето, што е преблиска идентификација, траума за семејството, блиските и пријателите, кои во моментов се соочуваат со голема жалост за загубата. Се отишло предалеку па новинарот ги интервјуирал соседите, па уште и се бара причина за самоубиството!

Секогаш е болно кога човек ќе почине и треба да се остави семејството интимно да жали поради загубата, наместо да се додава сол на раната со анкетирање на соседи, земање мислења кои се комплетно ирелевантни за случајот и имаат сензационалистички призвук.

Воопшто не е потребно да се оди на лице место, да се интервјуираат соседи. Што се очекува да се постигне со ова? Кој е јавниот интерес? Тој не постои, а на семејството му се нанесува ненадоместлива штета.

ДВОЈНА ВИКТИМИЗАЦИЈА

Сосема е ирелевантно какво било момчето, дали било мирно, бурно, весело, тажно. Тоа на ниеден начин не ја олеснува ситуацијата туку само дополнително, преку интервјуирањето на соседите, ги изложува блиските на жртвата на двојна виктимизација.

Наведувањето на адресата, возраста, експлицитните описи на тоа како изгледало телото, што носел починатиот, е неоправдано во ниеден случај, дури и да се работи за лице кое е јавно, а во ситуација кога станува збор за човек кој не бил дел од јавниот живот, не извршувал јавна функција, туку е приватно лице е комплетно сензационалистичко, неумесно и симболизира начин на кој не треба да се постапува кога станува збор за известување од самоубиства.

За новинарскиот однос кон информациите кои вклучуваат одземање на животот, треба да се напомене и дека тој треба да биде ослободен од односот како кон вести од рубриката црна хроника. Самоубиствата не се кривично-правни настани, односно не треба да се третираат така. Ако веќе се информира, тогаш тоа би било добро да се прави на едукативен начин, за превенција, а не за сензација или за задоволување на љубопитноста.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења.

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Претплатете се за најнови вести