verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Не, со алкохол не се лечи коронавирусот!

on 11 - 02 - 2020       

[Рецензија: ЕВЕ ГО ЛЕКОТ ЗА КОРОНАВИРУСОТ: Проф.д-р Кантарџиев тврди дека алкохолот го убива вирусот за неколку секунди ]

Да се тврди со големи букви во самиот наслов дека има лек за коронавирусот во најмала рака е неодговорно и неетички. А, да се тврди дека лекот е пиење алкохол тоа е тотална глупост и дезинформација.

Линк до оригиналниот напис: ЕВЕ ГО ЛЕКОТ ЗА КОРОНАВИРУСОТ: Проф.д-р Кантарџиев тврди дека алкохолот го убива вирусот за неколку секунди

Датум и време на објавување: 6.1.2020

Датум на рецензија: 10.2.2020

Рецензент: Симона Атанасова

Како единствен извор на ова тврдење е пренесување на некоја изјава на одреден бугарски доктор кој тврди дека алкохолот го убива вирусот за неколку секунди. Но, нема податок кој што може да потврди дека овој доктор Тодор Кантарџиев навистина дал ваква изјава. Не е наведено ниту каде наводно ја дал оваа изјава, ниту има потврда дека навистина го кажал тоа што сензационалистички го тврди насловот. Во написот нема ни линк до бугарски медиум каде што може оригинално да се прочита или види неговата наводна изјава.

Но, дури и докторот навистина да го изјавил ова, тоа не значи дека тврдењето е вистинито и базирано на докази. А уште помалку значи дека треба да биде пренесено во медиуми и на тој начин неодговорно да се шират невистини во ситуација кога луѓето се исплашени од појавата на овој нов вирус и би пробале разни методи да го спречат заразувањето или да се излечат.

Проблематично е и што самиот текст е контрадикторен. Прво се вели дека треба да се следат инструкциите на Светската здравствена организација, а потоа се вели дека редовните консументи на алкохол се позаштитени.

Единствено нешто што го тврди СЗО во врска со алкохолот и коронавирусот е дека се препорачува дезинфекциско средство за рацете на база на алкохол, но пред сè се препорачува често миење на рацете. Тоа е единствениот начин како алкохолот може да помогне против коронавирусот. И тоа не како лек туку само како превенција од заразување.

Ама, насловот не зборува за превенција туку дека алкохолот е токму лекот и тоа доколку се консумира редовно. Па, оттука се поставува прашањето дали медиумот преку овој текст ги поттикнува своите читатели да пијат алкохол во големи количини за да се спасат од корона? И тоа се тврди без ниту една медицински базирана поткрепа, истражување или каков било доказ дека станува збор за вистина.

А не треба да сте доктор или медицинско лице за да знаете дека лек за вирус нема. Постојат лекови кои помагаат во третирањето на симптомите на вирусот додека чекате имуниот систем да се избори со вирусот, а најдобра превенција се вакцините.

Така што ваквото тврдење е уште едно во низата дезинформации поврзани со коронавирусот. Јавноста треба со голема резерва да ги чита овие информации и точноста да ја провери  и од други извори. Единствени меродавни за давање какви било препораки и совети во врска со вирусот се Светската здравствена организација, а со доза на недоверба треба да се пристапи кон сè што не е доаѓа од нив.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења.

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Претплатете се за најнови вести