Навреди и невистини во одбрана на наративот на власта
Објавено во Рецензии
on 20 - 12 - 2016 Автор: Југослава Дуковска[Рецензија: ФОТО: Ван Хојте му се заканува на Петровски поради објава на Фејсбук!]
Понекогаш е многу тешко да се анализира напис од аспект на новинарски стандарди кога во него нема никакви новинарски елементи туку претставува само листа на навреди, дискредитации, исмевања и на невистини. Еден таков „тежок примерок“ е и текстот што е предмет на оваа рецензија.
Се работи за напис кој, поаѓајќи од спорната објава на Филип Петровски, истакнат претставник на ВМРО-ДПМНЕ, на мрежата „Фејсбук“ и коментарот – реакција на поранешниот олеснувач во преговорите за Договорот од Пржино, Питер Ванхауте, фрла дрвја и камења врз белгискиот дипломат. Во коментарот под објавата на Петровски, Ванхауте му се обраќа со потсетување дека во една демократска држава е неприфатливо да објави идентитет на сведок на изборни неправилности и потоа јавно да исмева:
„Господине Петровски добро ја запаметивме вашата порака. Ова е навистина неприфатливо, особено бидејќи доаѓа од висок државен функционер. Во една нормална демократија,човек за ова би бил уапсен и ставен да лежи во затвор долго време“.
Линк до оригиналниот напис: ФОТО: Ван Хојте му се заканува на Петровски поради објава на Фејсбук!
Датум и време на објавување:18.12.2016, 05:23
Датум на рецензирање: 20.12.2016
Рецензент: Југослава Дуковска
НОРМАЛНА ДЕМОКРАТИЈА И СТАНДАРДИ ВО НОВИНАРСТВОТО –ШТО БЕШЕ ТОА?
Овој коментар на Ванхауте е земен како повод за текстот. Но, се поставува прашањето каде е заканата за која станува збор во насловот, кога реакцијата на Ванхауте, всушност, е само потсетување до Петровски за тоа дека во демократски земји ваквото однесување на кој било човек е казниво со закон, а дека, од морален аспект, тоа има посебна тежина кога кршењето на закон го прави државен функционер. Уште повеќе, ова потсетување не е дадено од официјален дипломатски претставник бидејќи Ванхауте не настапува повеќе во тоа својство, туку само како приватно лице.
Гледано од аспект на вистинитоста како критериум, проблематичен е најпрвин насловот бидејќи тврди дека Ванхауте му се заканил со затвор на Петровски, што прво, е неточно, а второ и апсурдно, бидејќи белгискиот дипломат не е ниту судска инстанца ниту некаков владејачки фактор во Република Македонија, па, според тоа, не ни може, дури и да сака, некому да се заканува со затвор. Еве го „крунскиот аргумент“ против Ванхауте:
„Хојте, кој потекнува од земја во која до пред 40тина години изложуваа црнечки дечиња во зоолошки градини како ретки животни, во која културното наследство е она на Леополд кој го направил најголемиот геноцид во човековата историја, во коментар на ФБ се дрзна да зборува за „нормална“ демократија“.
Написот понатаму за претставничката на СДСМ во избирачкиот одбор во спорното избирачко место во Теарце тврди дека лажно обвинувала за изборни злоупотреби. Да потсетиме, Управниот суд, по приговорот поднесен од Социјалдемократскиот сојуз, токму за ова гласачко место донесе одлука да има прегласување на парламентарните избори.
КЛЕВЕТИ И ВУЛГАРНИ ИНСИНУАЦИИ ЗА ПРЕТСТАВНИЧКАТА НА СДСМ
Одејќи уште понатаму во пласирањето невистинити шпекулации и навреди, написот вулгарно се подбива со истата личност:
„Што ја предизвикало оваа нервоза кај Хојте не е јасно, но можеме да претпоставиме дека најверојатно се работи за девојка која беше дел од неговата приватна придружба која СДСМ му ја обезбеди за време на неговиот престој во Македонија“.
Тешко дека некому не му е јасно дека ова е сериозна навреда упатена на сметка на лице чијшто идентитет како сведок на изборни неправилности не ни требало да биде откриен, а уште помалку вака вулгарно дискредитиран. Да биде проблемот уште поголем, освен името, објавена е и фотографија на претставничката на СДСМ, а нешто подолу е објавена и фотографија на Ванхауте сликан со две девојки, која доста беше експлоатирана од провладините портали за време на минатогодишната кампања за оцрнување на Питер Ванхауте, веројатно за да се илустира тврдењето за наводната „придружба“. Уште повеќе, написот не пружа никаков доказ за ова тврдење (наводна приватна придружба која Ванхауте ја добил од СДСМ), па ова може да биде чист пример на клевета и на нарушување на углед на личноста.
СОВЕТОТ ЗА ЕТИКА ВЕЌЕ ОДЛУЧУВАЛ ЗА ИСТАТА ФОТОГРАФИЈА
Освен ова, фотографијата на која е Питер Ванхауте во друштво на две девојки, е објавена повторно (Сервисот за проверка на факти од медиумите има направено рецензија за еден ваков текст), иако по минатогодишното нејзино објавување, една од девојките поднела пријава до Советот за етика во медиумите, кој, пак, констатирал дека жалбата е основана и дека медиумот што ја објавил фотографијата сторил злоупотреба врз основа на дури четири члена од Кодексот на новинарите на Македонија. Се работи, инаку, за истиот медиум кој тогаш, како и сега, ја објавува спорната фотографија без согласност на личностите што на неа се претставени.
Овој исклучително некоректен и дискредитирачки текст, всушност, е насочен кон оцрнувањето не на една, туку на две личности – „пукајќи“ во омразениот Ванхауте, тој всушност ја валка и дискредитира претставничката на Социјалдемократскиот сојуз, чиешто сведочење имало улога во одлуката на Управниот суд да нареди прегласување во општина Теарце, каде е мала разликата во гласови помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а што теоретски може да влијае на крајниот резултат на предвремените парламентарни избори во Република Македонија. Дополнително, се злоупотребува приватноста и се нарушува угледот и на две други лица.
НАПИСОТ – ДЕЛ ОД ПОЛИТИЧКА КАМПАЊА
Станува збор за непрофесионална злоупотреба на медиум во политички цели. Написот се појави во постизборниот период во Република Македонија, кусо време по таканаречениот „проглас“ кој лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, го објави во говор пред Државната изборна комисија, обвинувајќи ги странските дипломатски претставници за мешање во внатрешните работи на земјата. Два дена подоцна во јавноста почнаа да циркулираат некролозите со фотографиите на бившите и сегашни амбасадори на неколку земји во РМ – на САД, Велика Британија, Италија, Европската Унија, кои анонимно биле поставени на социјалните мрежи, акт кој од многумина беше осуден како директна закана со убиства. Ставен во ваков контекст, овој напис не е проблематичен само од аспект на вистинитоста како критериум, туку и поради тоа што е дел од оваа негативна кампања која една партија ја води против акредитирани дипломатски претставници во Македонија.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
има и точни и неточни наводи
има и веродостојни и неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални
нерелевантни
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
написот изобилува со невистинити тврдења
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
стилски неуреден
поврзан со тагови