verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Научи барем да пцуеш на македонски

on 22 - 09 - 2015       

Зборуваат за сиромаштија нееднаквост и лажат iNFOMAX-crop-resize

 

[Рецензија: МАРШ ВО “ТРИ ЛЕПЕ….”: Зборуваат за сиромаштија, нееднаквост и лажат! Земале 200.000 долари за сајт кој чини не повеќе од 350 евра!]

 

Не еднаш сме се нашле во ситуација во „Сервисот за проверка на факти во медиумите“ (СПФМ) да се занимаваме со написи што немаат никаква новинарска, информативна или цивилизациска вредност и да мораме да се прашаме дали таквите написи воопшто заслужуваат рецензија или е подобро да ги оставиме без никаква реакција и со тоа да им дозволиме да завршат на буништето на новинарската историја преку едноставно паѓање во заборав. Иако многупати нашата одлука била токму таква, за жал, не секогаш било упатно да си дозволиме да премолчиме. Во ситуација кога пропагандата, манипулациите, па дури и пцуењето, како што гледаме овде, се толку големи, неретко и доминантни во јавниот дискурс во земјава, тие имаат таква карактеристика да се всадат во сеќавањето на публиката и јавното мислење да го однесат во правец на омраза, дискриминација, ксенофобија, национал-шовинизам или во други насоки кои извираат од минати времиња со далеку помали цивилизациски придобивки. Уште повеќе што пропагандата и манипулациите потоа можат и да се надградуваат со нови исти такви постапки и така, пак, се гради цела една кула на невистини и на омраза, која е уште потешко да се сруши со аргументи, поради неможност тие да добијат видливост, бидејќи во голем број случаи се потопени од мегафоните кои таквата кула ја крепат и ја потхрануваат. За да не се случи такво нешто, токму затоа е оваа рецензија.

Зборуваат за сиромаштија нееднаквост и лажат iNFOMAXЛинкуван наслов на анализираниот напис: МАРШ ВО “ТРИ ЛЕПЕ….”: Зборуваат за сиромаштија, нееднаквост и лажат! Земале 200.000 долари за сајт кој чини не повеќе од 350 евра!

Датум и време на објавување: 21.09.2015

Датум на рецензирање: 22.09.2015

Рецензент:  Владимир Петрески

Најпрвин за „огромниот“ износ од „200.000 долари“, кој многу лесно се става во својот правилен контекст со неколку основно-школски математички операции. Како што се гледа од приложениот фототип и од веб-страницата на УСАИД (каде што оваа информација е објавена пред три години), станува збор за сума која се однесува на период од 31 месец, кога доларот во просек изнесуваше по 47 денари, што значи дека трошоците на СПФМ во овој период во просек изнесувале 4.883 евра месечно. Од овој износ, покрај режиските трошоци кои ги има секоја организација, плати и хонорари земаат 20 вработени и (главно) надворешни соработници, кои истражуваат, проверуваат, пишуваат, уредуваат, преведуваат, лекторираат, споделуваат на социјалните мрежи, администрираат 90-100 написи месечно од најтешките новинарски жанрови (анализи, колумни, лекции, рецензии), а, исто така, спроведуваат и ред други проектни активности. Сето ова покажува дека платите и хонорарите на вработените и на соработниците (по одбивање на режиските трошоци) се околу 200 евра месечно во просек (платите се повисоки, хонорарите пониски од овој износ, како што е тоа вообичаено) во ситуација кога просечна нето-плата во Македонија изнесуваше 339 евра месечно. Но, се разбира, многу полесно е да се стави само износот од „200.000 долари“ и да му се украде контекстот. Како и да не се потсети дека и проектот и целата организација што го имплементира се предмет на неколку ревизии од разни ревизорски фирми во текот на секоја година, како и предмет на редица месечни, квартални и годишни извештајни обврски, постојано и непрекинато. Толку за тоа.

Овој напис е, инаку, многу тешко да се рецензира. Евентуална текстуална анализа, која овде треба да се потпира врз објективна методологија, веднаш ќе се заглави во калта на бројните навреди и невистини, кои се изрекуваат „како од пушка“, се надградуваат една со друга, се засилуваат, се лишени од какви било цивилизациски и домашно-воспитни инхибиции, кои како такви се изградени со векови, зашто се покажале како неопходни и корисни. Ова се прави за да се создаде погрешен впечаток кај читателот, преку градење на веќе спомнатата кула од манипулации, и, истовремено, да не му се даде можност да размисли за она што го чита и да го стави во правилна мисловна рамка.

Има ли воопшто смисла да се негира нешто што е именувано како „соросписки калифат“? Да се објаснува дека од споменатите лица само едно е соработник на СПФМ, а другите немаат никаква врска со него? Да се прашува од каде и зошто овие луѓе се нарекуваат „терористи“ и „хохштаплери“? Кои се оние „што земале милионски суми во после(д)ните десетина години“? Кои се изворите што СПФМ го сметаат за „пропаднатиот проект“ (овој човек мисли сосема обратно, на пример)? Зошто проектот би бил „ноторна глупост во самата основа и замисла“? Кој тоа вели така и кои му се аргументите? Од каде тоа СПФМ е „сајт кој чини 350 евра“ и како 20 луѓе да се платат со тие пари? И слично.

Каква било контрааргументација на овие наводи ќе се најде во ситуација да се занимава со бесмислици, општи места, секому познати, прозаични или веќе објавени информации, да докажува дека синото е сино, а не црвено, дека два и два се четири, а не пет и со тоа и самата таа ќе го изгуби својот легитимитет од проста причина што покажувањето дека бесмислиците се навистина бесмислици исто заличува бесмислено.

Новинарството со своите правила подразбира дека сите се стремиме кон достигнување на истиот идеал – вистината, користејќи ги алатките што се покажале како ефикасни и етички. Кога некој сака да ја „намести играта“ и почнува да шутира од аут, намерно да прави фаули и не го интересираат договорените правила, тогаш страда целата игра. Неа никој повеќе не сака да ја гледа и со нејзините учесници никој не сака да си има работа. Со употребата на пцости, невистини, сензационализам и тоа во бранови, а за да се изгради цела една кула од манипулации, додека истовремено се газат и македонскиот новинарски кодекс и меѓународните новинарски кодекси, па дури и законите на земјата, кои забрануваат клевети, навреди и говор на омраза, се гази целата „новинарска игра“ и со тоа губи и професијата, и демократијата и сите ние. Но, пропагандата овие правила и овие тешко стекнати вистини, за чие осознавање и имплементирање се потрошени и векови во некои инстанции, не ја интересираат. Неа ја интересира само да даде гол, без оглед кои сè правила ќе бидат прекршени, кој ќе биде изгазен, повреден или нешто уште полошо. И затоа сме тука каде што сме.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

нема факти

неточни наводи

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни

1 извор

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

невистинита

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

нема

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

говор на омраза

не потикнува на насилство

дискриминира

политичка дискриминација

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

нема мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

стилски неуреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести