verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Настаните во Куманово, протестите и човековите права

on 13 - 05 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
Терористи или не, имаат право на пресумпција на невиност според закон. Фото: МВР видео клип скриншот, 2015 
Секој има право на презумција на невиност според закон. Фото: МВР видеоклип-скриншот, 2015

 

Линијата на  човековите права и слободи може да биде водилка низ шумата од настани и вредносен параметар со кој ќе се мери секоја активност на органите на власта

 

Пишува: Проф. Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

 

На прво место меѓу темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија се:

основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот.

Тоа значи дека во секоја активност, секоја норма, секој настап и во секоја испратена порака, структурите на власта мора да се потпираат на оваа темелна вредност и да водат сметка за заштитата на основните слободи и права на човекот и на граѓанинот.

Кога има концентрација на настани/случувања во кои се инволвирани различни структури на власта и во кои станува збор за загрозување на животот и на физичкиот интегритет на голем број луѓе, многу е важно медиумите да ја следат токму линијата на човековите права и слободи. Оваа линија може да биде водилка низ шумата од настани и вредносен параметар со кој ќе се мери секоја активност на органите на власта.

Само како пример ќе издвојам три случувања во последните неколку денови, кои привлекоа широк медиумски интерес, а каде многу лесно може да се изгуби линијата на човековите права.

 

ИСТРАГА ЗА СМРТ НА ПОЛИЦАЈЦИТЕ ВО КУМАНОВО

Првиот пример се однесува на загинатите припадници на безбедносните сили. Сите медиуми во Македонија ја објавија веста дека во текот на акцијата во Куманово изведена на 9 и на 10 мај 2015 година, загинаа и беа повредени голем број полицајци (или припадници на безбедносните сили).

Она што го нема во медиумите е барање истрага за смртта на полицајците. Повредено е основното човеково право на живот. Еден од клучните заштитни механизми на правото на живот е законската обврска за индивидуална истрага во случај на насилна смрт, судско-медицинска обдукција и откривање на сите елементи поврзани со смртта.

Со тоа што како виновници за смртта на полицајците автоматски се посочуваат, на некаков начин како да се оправдува отсуството на индивидуална и продлабочена истрага. Имено, кога станува збор за убиство на полицаец, овие постапки треба да се спроведуваат уште поригорозно за да биде докажана вината на вистинските убијци, како и да бидат откриени евентуалните организациско-технички пропусти кои довеле до смрт, што, меѓу другото, подразбира и командна одговорност.

Во оваа насока се движат мал број медиумски анализи (пренесени експертски мислења). На пример: „Митевски: На околу 50 отсто од полицајците ова им била прва акција во Куманово“, „Кој ги уби нашите колеги?“, односно пренесени барања кои доаѓаат од надворешни структури: „Столтенберг побара и транспарентна истрага за судирот во кој се убиени осум полицајци и 14 членови на „една вооружена група““, без да се навлезе во димензијата на човековите права кои би требале да бидат во основата на една ваква истрага.

Во неколку медиуми се спомнува истрага, меѓутоа не таква во која би се барале одговори на горните прашања и во која би се открило како загинале или биле повредени полицајците.

 

ГОЛЕМА ЛЕСНОТИЈА ВО ПРИПИШУВАЊЕ КРИВИЧНИ ДЕЛА

Вториот пример на медиумско занемарување на основните човекови права и слободи, може да се види во известувањето за протестите што веќе неколку дена се одржуваат пред Владата и други државни институции, а во кои се бара командна одговорност на полицијата, оставка на министерката за внатрешни работи, оставка на премиерот на државата.

Одреден број медиуми при известувањето за насилство во текот на одржување на протестите, со голема леснотија го повредуваат правото на презумција на невиност, односно етикетираат (дури им припишуваат и кривични дела) голем број граѓани и ги идентификуваат како насилници без никаква основа.

Така е со насловите и со написите/известувањата:

Во случајот може да стане збор само за насилни дејства сторени од непознати сторители, бидејќи медиумот нема информации за тоа дали напаѓачите навистина биле дел од групата демонстранти.

Уште поочигледна е повредата на правото во информацијата дадена на МРТ под наслов „Демонстранти упаднале во библиотеката Браќа Миладиновци“, или информацијата дадена во „Пулс 24“ под наслов „Демонстрантите на СДСМ нападнаа автобус на ЈСП“.

Во првата информација дури не може да се направи ни физичка врска меѓу демонстрациите и луѓето кои се наоѓаат во читалната, а уште помалку врска меѓу евентуални прекршители на јавниот ред и присутните во читалната.

Во вториот случај се оди и чекор понатаму и непознатите насилници се нарекуваат не само демонстранти, туку и припадници на конкретна политичка партија, со што, нарушувањето на презумцијата на невиност на луѓето кои мирно демонстрираа добива и димензија на дискриминација.

 

ОСОМНИЧЕНИ И ТЕРОРИСТИ

Третиот пример се однесува на употребата на називот терорист/терористи во опишувањето на случувањата во Куманово од 9 и од 10 мај 2015 година. Кога ќе се употреби овој термин, во свеста на луѓето вообичаено се поместуваат и границите на човековите права и слободи и се брише потребата од нивно почитување, а, пред сѐ, се брише презумцијата на невиност.

Во опишувањето на настаните во Куманово, сите медиуми зборуваа за терористи. Ова како да им дава право на медиумите да ги заборават сите ограничувања во објавување на идентитет и во осудување без докажана вина:

Како и секое друго кривично дело, и ова треба да се докаже во контрадикторна постапка пред независен суд. На секој од осомничените/обвинетите треба да им биде докажано дека го сториле кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста

Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејство или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку десет години.

Сѐ додека не се докаже индивидуалната вина на секој од осомничените/обвинетите, со ваквите написи, медиумите го прекршуваат правото на презумција на невиност.

Медиумите се тие што треба да ја потсетуваат власта во секој момент и во секоја ситуација да ги почитува основните права и слободи на човекот и на граѓанинот, бидејќи тие се темелна вредност на нашиот уставен поредок. И во секој момент медиумите треба да сигнализираат кога властите ќе почнат да ги прекршуваат овие права. Во спротивно, тие и такви медиуми многу лесно стануваат орудие во рушењето на правото и заштитници на неправото.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести