Насловот тврди едно, текстот друго
Објавено во Рецензии
on 28 - 03 - 2016 Автор: Југослава Дуковска[Рецензија: ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА ги украле цедињата со податоците за спорните гласачи]
Главен проблем со написот што е предмет на оваа рецензија е – насловот. Тој содржи многу директно и сериозно обвинување на сметка на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и на ДПА и ова тврдење потоа во текстот не е поткрепено со факти. Напротив, во самиот напис е објаснето дека партиските претставници цедеата со податоците за спорните гласачи ги подигнале од ДИК, откако формално се потпишале дека ги подигнуваат, што не асоцира на нелегално стекнување со нив, односно крадење. Поради ова, насловот може да се оцени како невистинит и како непотребен сензационализам.
Вториот проблем е што во написот не е понудено толкување од компетентен извор за тоа дали е законски дозволено записите со личните податоци на гласачите да дојдат во рацете на партиите или не, туку само шпекулација дека овој потег на владејачките партии може да биде искористен за злоупотреби поврзани со процесот на прочистување на избирачкиот список. Од написот не е докрај јасно дали таков одговор е побаран и не е добиен, или воопшто не е побаран.
Линк до оригиналниот напис: ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА ги украле цедињата со податоците за спорните гласачи
Датум и време на објавување: 25.03.2016, 18:27
Датум на рецензирање: 27.03.2016
Рецензент: Југослава Дуковска
КОЈ КРАДЕ И ПОТПИШУВА ПОТВРДА ЗА УКРАДЕНОТО ?!
Фактите во текстот се коректно наведени:
„Без одлука на Државната изборна комисија, без никаква расправа, претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА во ДИК пред два дена ги зеле цедињата со податоците за спорните гласачи од просториите на оваа институција, дознава „Слободен печат“.“
и
„Трите политички партии ги зеле цедињата без за тоа да постои одлука на ДИК, но сепак се потпишале кога ги подигале материјалите.“
Но, насловот вели поинаку: „ ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА ги украле цедињата со податоците за спорните гласачи“. Се поставува прашањето кој краде и воедно уредно потпишува потврда за подигање на украденото?! Поради тоа овој текст има проблем со вистинитоста на изнесените тврдења.
Во написот се користени и официјални и неофицијални, односно анонимни извори и тие коректно се пренесени и употребени.
Меѓутоа, недостига изјава од претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, како најповикан да одговори на прашањето дали има законска основа партиите да ги подигнат цедеата со податоците на спорните гласачи или нема и ако нема, зошто им е тогаш дозволено да ги земат (а очигледно е дека цедеата се изнесени легално, откако е потпишан документ за нивно подигање, а не се украдени како што тврди насловот). Наместо тоа, на главното прашање на кое почива текстот (а и насловот) понуден е многу неодреден одговор од надлежните:
„Љупка Гугучевска, советник во ДИК, вели дека немаат официјална информација дека овие цедиња ги зеле членовите на ДИК. Коментар нема ниту од претседателот на ДИК, Александар Чичаковски“.
Два дена подоцна, за друг медиум, Чичаковски даде конкретен одговор на истово прашање и ја реши дилемата дали цедеата со лични податоци на спорните гласачи се украдени од страна на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и на ДПА или не:
„За ЦД-та со податоци од вкрстените проверки, кои им се дадени на некои членови на ДИК, а за кои во јавноста има реакции дека не смееле да го сторат тоа, Чичаковски вели дека имаат законско право на тоа и дека ги подигнале податоците во рамки на нивните овластувања.“
Останува неодговорено дали за потребите на написот што го рецензираме Чичаковски воопшто бил прашан за цедеата или тоа што од кај него немало официјална реакција е протолкувано како „нема коментар“.
Без соодветна потврда од компетентен извор дека се случила кражба, ваков наслов (особено кога се работи за чувствителна материја како оваа) е неодговорно да се објави, особено во околности на прегреани политички страсти во пресрет на предвремените парламентарни избори. Од тие причини написов и беше сугериран за рецензирање од читателите на „Сервис за проверка на факти од медиумите“.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
точни наводи
веродостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални, неофицијални, анонимни
релевантни
повеќе извори
повеќестрани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
лажни информации
Не може да се утврди
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
не апликативно
нема контекстуални линкови
стилски уреден
неповрзан со тагови