verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Нарачани прашања за одговори по мерка

on 7 - 10 - 2015       

 

Нарачани прашања еднакво на партиски микрофони. Фото: Rusty Sheriff, 2007, колаж: СПФМ
Нарачани прашања еднакво на партиски микрофони. Фото: Rusty Sheriff, 2007, колаж: СПФМ

 

Работа на новинарот е да прашува и да добива одговор на прашањата кои се од интерес на јавноста. Едно од основните новинарски правила гласи: Не постојат глупави прашања, постојат само глупави одговори!

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Во услови кога во Македонија медиумските слободи се на многу ниско ниво и кога медиумите се под голема контрола на власта, нова мода е новинарите по директива да ги следат премиерот и министрите на нивните прес-конференции и настани и да поставуваат прашања, но не за да бараат одговор со кој на медиумската публика ќе ѝ дадат јасна и реална слика, туку да поставуваат нарачани прашања. Владата на Никола Груевски, која веќе девет години е на власт, и тоа како добро ја воспостави оваа практика. Новинарите од провладините медиуми бомбардираат со прашања по вкус на власта и, секако, тие имаат предност, а новинарите кои навистина сакаат да прашаат нешто што е во јавен, а не владин или партиски интерес, остануваат со „празни џебови“, бидејќи времето за прашања истекло.

 

ШТО ОТКРИЈА „БОМБИТЕ“ ЗА НАРАЧАНИТЕ ПРАШАЊА ОД НОВИНАРИТЕ

Во една од таканаречените „бомби“ што ги објави опозицискиот СДСМ, аудиоснимка на која, наводно, се слушаат гласовите на Зоран Ставревски и на Гордана Јанкулоска, министерот за финансии ѝ се жали на министерката за внатрешни работи дека вицепремиерот Владимир Пешевски на прес-конфренеција предвреме објавил нешто за што Ставревски планирал да држи посебна конференција за печатот и да го најави тоа спектакуларно. И тоа Пешевски го објавил, како што посочува Ставревски, по нарачано прашање.

„ЗС: Значи премиерот се спрема, викам јас организирам со трите комори да направиме спектакл, настан, едно друго.

ГЈ: Да бе, да.

ЗС: Типов искача на прес за друга тема и одговара на прашање, нарачано се разбира, за прв да каже нешто.“

 

ПОСТОЈАТ ТРИ ТИПОВИ НАРАЧАНИ НОВИНАРСКИ ПРАШАЊА

Следејќи ги прес-конференциите и јавните настапи на луѓето од владејачката гарнитура, прес-конференциите на челните луѓе на опозицијата, како и прашањата кои новинарите од провладините медиуми им ги поставуваат, јасно може да се забележат какви типови прашања нарачува власта.

Имено, најчесто се поставуваат прашања со кои на премиерот или министерите им се остава простор да си кажат што имаат за да се испофалат. И во тој случај, како одговор на едно прашање, имате, на пример, излагање на премиерот од цели пет минути.

Порталот  „Курир“ на 21 септември годинава пренесе напис за посетата на Груевски на пелагонискиот регион и целиот текст беше посветен на тоа што кажал премиерот во врска со преговорите кои се водат во рамки на процесот за надминување на политичката криза. Како одговор на ова, се разбира, нарачано прашање, следи негово петминутно излагање и објаснување на ставовите на неговата партија, напад врз опозицијата и испорачување на барањето, од дијаспората да се избираат 20 пратеници.

Слична е и ситуацијата кога намерно се поставуваат прашања за работи кои веќе ги знаеме и се познати во јавноста, па во тој случај премиерот и министрите, за да го одвлечат вниманието на друга страна, го користат правилото „повторувањето е мајка на знаењето“!

Третиот тип нарачани прашања се кога новинари од провладините медиуми одат на прес-конференции на луѓе од опозицијата и намерно им поставуваат провокативни прашања за да ги испровоцираат и да ги натераат да излезат од контрола.

Последен пример за тоа беше прес-конференцијата на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, за оградата пред Владата, по што новинарите од провладините медиуми го нападнаа со прашања од типот, дали специјалниот јавен обвинител ќе има мандат да провери дали Шекеринска перела пари со оглед на високите кирии и да направи процена и дали специјалниот обвинител треба да го преземе случајот за наводното мито на Заев од 200.000 евра.

 

„ВЕЌЕ ОДГОВОРИВ НА ТОА ПРАШАЊЕ“ – ВИ ЗВУЧИ ПОЗНАТО?

Новинари од медиуми кои не се под капата на власта се жалат дека на неколку прес-конференции на премиерот Никола Груевски, успеале да постават прашање, но, за жал, на ниту едно не добиле конкретен и концизен одговор. Одговорите секогаш биле само два збора или нешто што нема врска со она што прашале.

„Понекогаш неколку новинари поставуваат исто прашање за да можат да добијат некаков одговор, но ниту еден не добил одговор на прашањето. Во такви ситуации, премиерот знае да каже „Веќе одговорив на тоа прашање“. Во слична ситуација се наоѓале и другите колеги кои не работат во провладини медиуми. За разлика од нас, колегите кои работат во провладини медиуми и секогаш поставуваат подобни прашања, премиерот одговара исцрпно и по десетина минути, вели Александра Гоцевска-Денковска од агенцијата „Мета“.

Таа открива дека портпаролот на владата, Алексадар Ѓоргиев, кажува кој е на ред да постави прашање и нејзин впечаток е дека право на прашање речиси секогаш имаат сите новинари, без оглед на медиумот.

Ирена Мулачка од неделникот „Фокус“ посочува дека во последните неколку години, тренд станаа нарачаните прашања, кои обично доаѓаат од центарот за комуникации на одредена партија, во овој случај владејчката ВМРО-ДПМНЕ.

„Честопати на прес-конференции премиерот и министрите како од пушка одговараат на одредени прашања, а особено ако тие доаѓаат од новинари во провладините медиуми. Многупати досега ми се има случено јас да поставам прашање и премиерот или некој од министрите да ми каже дека на некоја друга прес-конференција веќе дал одговор на поставеното прашање. Од ВМРО-ДПМНЕ строго одговараат на нарачани прашања, додека цело време ги игнорираат новинарите од другите медиуми, нормално, ако не се од нивните“, изјави Мулачка.

Таа била сведок кога некои новинари читале запишани прашања од ливчиња кои, како што претпоставува Мулачка, им наредил да ги постават нивниот уредник, поддржувач на владејачката партија.

„Жално е тоа што дојдовме до ситуција во која има повеќе новинари од провладини медиуми, кои цело време поставуваат нарачани прашања, отколку новинари кои се интересираат каде се трошат нивните пари. Според мене, секој новинар треба да ја опсервира работата на Владата, а не постојано да ги фали и цело време да се занимава со опозицијата, која нема моќ да направи ништо во државата. Реално, новинарството го достигна дното“, нагласува Мулачка.

Со вакви ситуации се соочил и новинарот Тони Ангеловски од телевизијата „24 Вести“.

„Нарачаните прашања се секојдневие на прес-конференциите на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, но, за жал, се дел од практиката и на опозицијата. И, се разбира, модераторите на пресконференцијата или, пак, самите политичари по некоја изјава, прво им даваат збор на „нивните“ новинари, за кои знаат дека ќе им постават прашање за кои тие веќе имаат подготвен одговор. Од текот на одговорот и на најнаивните им станува јасно дека политичарот баш и не бил изненаден од прашањето на новинарот“, вели Ангеловски.

Неретко се случува, посочува тој, новинарите од медиумите кои не се под партиска капа, воопшто и да не можат да дојдат на ред да постават прашање, затоа што времето на политичарот е кратко и тој по само неколку прашања ќе се извини и ќе си замине.

„Така, на пример, во екот на политичката криза, кога се одлучуваше дали воопшто ќе се постигне договор, премиерот Никола Груевски на едно од неговите појавувања во јавноста реши да одговори на прашањата на новинарите. Но, веднаш следеа нарачани прашања од новинари од провладините медиуми за новите вакцини, новоизградени сали и слично, па ние другите новинари воопшто и не можевме да поставиме прашање за кризата, иако секој професионален новинар прво би прашал за тоа. Но, кога поминаа нарачаните прашања за новите успеси на власта, премиерот си замина без да одговори на прашање чиј одговор го чека целата јавност“, изјави Ангеловски.

 

И НА НОВИНАРИТЕ КОИ ПРИМААТ НАРАЧКИ НЕ ИМ Е ЛЕСНО

Пред две години, јавноста се забавуваше со лапсузот на млада новинарка од телевизија „Сител“, која, секако, имаше задача да постави нарачано прашање и да го нападне тогашниот лидер на ЛДП, Андреј Жерновски. Но, новинарката, очигледно неискусна, го згреши политичарот, па наместо Жерновски, го нападна Андреј Петров од СДСМ.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести