Напиши Сирија, а „мати вода“ во Македонија!
Објавено во Рецензии
on 3 - 03 - 2016 Автор: Југослава Дуковска[Рецензија: САД сметаат дека среде војна во Сирија има услови за избори, а во Македонија нема?!]
Проблемот со овој напис е што тргнува од претпоставка дека неговите читатели се неуки и неинтелигентни и нема да ги забележат сериозните проблеми со фактите и со вистината, кои тој ги има.
Главната теза на која се потпира текстот е дадена во насловот – дека Соединетите Американски Држави имаат став дека во Сирија, растргната од воен судир, има услови за изведување парламентарни избори, а во Македонија, мирна и стабилна демократска држава – немало.
Тезата се појаснува во поднасловот: „со оглед дека меѓународната заедница, предводена од САД немала никакви забелешки на најавите на претседателот Башар ал Асад за одржување на парламентарни и претседателски избори на 13 април 2016 година…“ Притоа се извлекува заклучок дека таквата идеја САД автоматски ја поддржуваат: „а само неколку дена подоцна таа иста меѓународна заедница дава негативна оценка за исполнувањето на условите од договорот од Пржино за одржување на изборите на 24 април,“ што прозвучува апсурдно.
Линк до оригиналниот напис: САД сметаат дека среде војна во Сирија има услови за избори, а во Македонија нема?!
Датум и време на објавување: 23.02.2016, 16:25
Датум на рецензирање: 1.03.2016
Рецензент: Југослава Дуковска
НЕТОЧНИ ФАКТИ
Фактите во овој текст се неточни, еднакво како и претпоставките. САД немаат позитивен став кон најавите за одржување на изборите во Сирија на 13 април, тие досега не искажале никаков став. Немањето став по ниедна логика не значи одобрување или благонаклонетост.
Во конкретниот случај, од Соединетите Американски Држави и од меѓународната заедница не се ни очекувало да се произнесе за најавите за одржување на редовните избори (во мај 2016 година истекува мандатот на сегашниот состав на сирискиот парламент, избран во 2012 година), тие не биле од никого повикани таква оцена да дадат, за да се заклучи дека тие, веројатно, ги одобруваат.
САД и Русија се инволвирани во воениот конфликт во Сирија и неодамна постигнаа договор за прекин на непријателствата. Меѓународната заедница и САД конкретно имале негативни оцени на досега одржаните избори во Сирија, како што беа претседателските, одржани во 2014 година, на кои победи сегашниот претседател Башар ал Асад, а американскиот државен секретар Џон Кери тие избори ги нарече „една голема нула“ поради непостоењето објективни услови за фер и веродостојни избори во завојуваната Сирија.
Иста оцена тогаш пристигна и од Европската Унија. Досега ниту САД ниту ЕУ не се изјасниле во поглед на најавите за одржување на редовни парламентарни избори во Сирија. И, на ниеден начин не може да се извлече заклучок каков став има или ќе има, ако воопшто има, меѓународната заедница по ова прашање.
За разлика од приказната со Сирија, македонската Влада официјално прифатила меѓународно посредништво во преговорите за решавање на политичката криза, кои резултираа со Договорот од Пржино, а тој договор, како правен акт, ги обврзува потписниците да ги исполнат сите обврски што произлегуваат од него, како услов за одржување на парламентарни избори. Овој податок, меѓутоа, не се споменува во написот што е предмет на оваа рецензија.
Единствениот извор кој се цитира е државната новинска агенција на Сирија – САНА, и пренесеното соопштение за указот на претседателот Асад за одржување на изборите. Сите други наводи во текстот немаат цитиран извор.
Од аспект на пристрасност, може да се заклучи дека овој текст само привидно се занимава со изборите во Сирија и мотивите за неговото пишување се исклучиво лоцирани во македонската домашна политика. Изборите во Сирија се само згодна паралела за поентирање на сметка на објективноста на „меѓународниот фактор“ и за спинување на фактите во полза на политичкиот фактор кој е на власт во Македонија и кому не му конвенира ставот на тој ист „меѓународен фактор“, за непостоењето услови за одржување на предвремените избори во Република Македонија на 24 април.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
неточни наводи
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
несензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
наведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови