verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Наоѓаат ли антиваксерите поткрепа во некои прокламации на Руската прaвославна црква?

on 22 - 10 - 2019       
Фото: Sergeev Pasad, Flickr

Поткрепата на антиваксерите од страна на оваа црква е барем видлива, за разлика од стратегијата на цел еден пропаганден систем кој, исто така, доаѓа од Москва и кој се обидува да влијае на општествените конфликти и нарушувањето на здравствените состојби на нациите

Пишува: Љубомир Костовски

Кога деновиве пребарував некои извори во јавната комуникација на кои можеби се наслонуваат антиваксерите, кои како да подигнаа глава откако увидоа дека не можат да ги запишат своите деца на училиште без потврда дека ги примиле неопходните (пропишаните) вакцини, наидов на еден текст кој укажува дека Руската православна црква (РПЦ) ги поддржува родителите кои не дозволуваат нивните деца да ги допре раката на современата медицина,  барајќи да бидат држени подалеку од одделенијата за имунизација. Текстот го објавува српски портал под наслов: „Луњата во Србија доаѓа од Русија“, со циничен поднаслов дека „српските верници, додека нивната црква не се изјасни по ова прашање можат да се повикуваат на официјален став на Руската православна црква“.

Накусо, во тој текст наидуваме на усвоени одредби на посебно тело на оваа црква – Патријархална комисија за семејството, која во четири точки определува што е во ред, а што не,  кога станува збор за тоа дали децата треба да ги допре иглата на луѓето задолжени за имунизација.

Имено, ова тело го смета следното:

  • родителите треба да го задржат правото да донесуваат информирани одлуки за здравјето на децата, вклучувајќи ги и превентивните вакцинации, без да бидат подвргнати на притисок; прогонот на родителите заради користење на ова право е неприфатлив;
  • родителите не треба да бидат приморани на кој било начин да наведат причини зошто одбиваат вакцинирање; фактите за тоа треба да се кријат како медицинска тајна
  • правото на децата на образование не треба да се ограничува врз основа на тоа што нивните родители одбиле вакцинација, освен при појава на масовни заразни болести или непосредна закана со епидемија
  • родителите треба да бидат во состојба самите да донесуваат одлуки, самостојно да го оценуваат добиените информации, вклучувајќи и критични информации

Од изнесеното сосема е јасно дека антиваксерското расположение има силна поддршка во РПЦ, а треба, секако, да се бара и врската меѓу РПЦ и официјалната политика на Кремљ кој отсекогаш имал цврсти контакти со религиозните кругови. За разлика од домашните ваксери, на кои овие заклучоци едноставно можеби им се и познати, московските свештеници дозволуваат во време на епидемии здравствените и образовни власти да бидат ригорозни во примена на мерките за имунизација!

Ставовите на РПЦ се донесени на 19 април годинава, а интересно е дека за нив говори г.г. Кирил, поглаварот на РПЦ и тоа на посебен Собор посветен на семејството, а одржан во Верона  под наслов: „За правата на родителите од областа на здравствената заштита на децата и имунопрофилаксата“, каде се изнесени горенаведените ставови на РПЦ. Тие, јасно, дуваат во едрата на антиваксерите и на светско ниво, и на овој собир добиле голем публицитет.

За оваа тема, инаку, доста материјал има на сајтот „Руска верба“, кој излегува на повеќе јазици и кој наводно е финансиран од две семејства кои очевидно не се руски, ама тие едноставно постојано повторуваат дека Руската православна црква е онаа која е „веродостојна“ и чии верувања треба да се следат на светско рамниште.

Но, и некои други истражувања се интересни, особено што наоѓаат една врска меѓу пропагандата на Кремљ која, меѓу другото, ја користи поддршката на антиваксерите како форма на разорување на јавното здравје и воведување на проблеми во земјите кои се на „другата страна на фронтот“.

Имено, од анализата објавена на овој сајт може да се разбере како ботовите и троловите на „Твитер“ промовираат содржини за здравјето преку Интернет. Во текстот има многу поединости како се користат добиени – следени содржини (по пат на дедукција), што секако како методологија се корисни и за студенти по новинарство или за новинари почетници. Инаку се прават споредувања на ботовите собрани на Интернет од јули 2014 до септември 2017 година. Изворот на сознанија спровел анализа на содржината на хаштагот на Твитер поврзана со руската трол-активност.

Анализата на хаштаготовите кои ги користеле руските тролови покажува дека тамошните пораки биле повеќе политички и поделени. И додека ботовите што шират малициозен софтвер и несакана содржина дистрибуирале антивакцински пораки, руските тролови промовирале раздор. Поинаку речено – руските тролови по ова прашање не сакаат да бидат толку на страна на антиваксерите, туку одат на погрешна еквивалентност и го уништуваат јавниот консензус за вакцинацијата.

Кои се импликациите по јавното здравство?

Имаме, според овој извор, директно соочување со скептиците за вакцини, што им овозможува на ботовите да ја легитимираат дебатата за вакцините. Потребни се повеќе истражувања за да се утврди како најдобро да се бори здравствената политика против содржината управувано од бот.

Здравствените сфаќања поврзани со здравјето и дезинформацијата се шират низ социјалните медиуми, што претставува закана за јавното здравство. И покрај значителниот потенцијал за да се овозможи ширење на фактичката информација, социјалние медиуми често се злоупотребуваат за ширење на штетна содржина за здравјето, вклучително и непроверени и погрешни информации за вакцини.

Сето ова потенцијално ги намалува стапките на внес на вакцини кај населението и ги зголемува ризиците од глобални пандемии, особено меѓу најранливите категории. Некои од овие информации се мотивирани: скептиците користат интернет платформи за да се залагаат за одбивање на вакцините. Антивакцинските застапници имаат значително присуство во социјалните медиуми, со дури 50% од твитови за вакцинирање кои содржат антивакцински верувања, според ова истражувања. Пролиферацијата на оваа содржина има последици: изложеност на негативни информации. А тоа најчесто значи изложеноста на негативни информации за вакцините кај родителите, што е поврзано со зголемено двоумење и одложување на вакцините. Родителите (сомничави кон вакцините),  веројатно, ќе се свртат на Интернет за дополнителни информации и ќе покажуваат се помала веројатност да веруваат на давателите на здравствени услуги и на експертите за јавно здравје за оваа тема.

Факторите од јавното здравје, посебно заради  воскреснувања на сипаници, заушки и пертусис (што пак,  ја зголемува смртноста од болести што се спречуваат со вакцини, како што се грип и вирусна пневмонија), ќе се обидат да се спротивстават и да ја потенцираат важноста на борбата со дезинформации за вакцините.

ДАРПА, Агенцијата за одбрана на САД констатирала дека информациите преку социјалните мрежи и групи, обично со лажни идентитети, намерно создаваат најнапред илузија дека се води јавна дискусија, но со намерно предизвикување на наводен „нерешен резултат“, со цел дезинформацијата за вакцините да ја направат поприфатлива. ДАРПА во овој текст констатирала дека јавното здравство  не обрнува толку внимание на фактот дека надлежните ги идентификувале сеачите на овие дезинформации и практично дозволиле да се води „фер“ дебата, што би се рекло „влегува во филмот“. Небаре од другата страна, онаа на антиваксерите навистина постои некаква стручност!

Најчест извор на оваа пропагандна активност е Агенцијата за истражување на Интернет, зад која стои руската влада, која поддржува пропагандни влијанија преку Интернет! Дури 93 отсто од пораките испратени од оваа Агенција немаат јасен идентитет, ама затоа ја содржат основната пропаганда стратегија на Кремљ – подеднакво им се дава поддршка и на проваксерите и на антиваксерите. Ама понатамошното ширење на пораките по групи покажува далеку поактивна присутност на антиваксерите!

Фото: EUvsDisinfo

Зад наводната „фер борба“ на мислења стои опасен комплот на една сила која настојува да влијае преку социјалните мрежи на состојбите во многу чувствителна област. Од ова секако мора да се извлечат заклучоци и за пропагандата која постои на страната на антиваксерите и кај нас, посебно кај оние медиуми кои наседнуваат на приказната за еквивалентност на ставовите на антиваксерите и јавното здравство.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести