verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Наместо трета, сепак петта (не)среќа

on 5 - 09 - 2016       

 

 

Не секогаш е во право оној со најсилен микрофон. Фото: Youtube
Не секогаш е во право оној со најсилен микрофон. Фото: Youtube

 

Во секоја една демократија потребата од надзор, особено на работи од заеднички интерес, е повеќе од нужна. По тоа и се мери степенот на зрелост на општеството. Но, што ќе измерите кај нас, кога уште на почетокот немаме воопшто или имаме, но нејасни критериуми, а секој обид за нивно постулирање, дали потајно или, пак, транспарентно и преку јавна дебата, однапред е осуден на пропаст согласно девизата: видела жабата како го потковаат коњот, па по секоја цена сака и таа да се поткова за 80.000 денари месечно и квазиакадемски кариеризам!

 

Пишува: д-р Дејан Донев, вонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

И додека во здрави демократски општества, сите прашања, дилеми и проблеми, кои се поврзани со јавниот интерес и со професиите кои имаат влијание врз јавниот интерес добиваат одговори, солуции и разврска на транспарентен и одговорен начин, кај нас или се даваат предоцна, откако ситуацијата и вештината во креирањето на изместената слика ќе се протнат на мала врата, или воопшто не се даваат како такви, иако станува збор за работи од јавен интерес. Во овој контекст е и целата лакрдија со ад хок телото за медиумски надзор и изборот на уредник во МРТ на 100 дена пред изборите. Сè уште нема јасна слика и објаснување за потребноста од вакви „иновативни решенија“, а најмалку вистинскиот мотив, кој како да се чини дека, согласно нашата политичка практика, ќе дојде кога ќе треба да се препукува (читај плука) на „политичкиот фронт“, односно за време изборните кампањи, а во недостиг од добри програми и решенија кои би требало да ѝ се понудат на јавноста, на избирачкиот електорат. Така, останаа сè уште низа дилеми во овој „донкихотски потфат“ за подобрување (читај шминкање) на медиумската слика во Македонија, во обидот за маскирање на потребноста од вистински медиумски реформи.

 

ПАРТИИТЕ И ИЗБОРОТ НА ЧЛЕНОВИТЕ

Имено, длабоко сум убеден во потребата на јавноста да ѝ  се објасни начинот на известување за тоа кој и како избираше „подобни“ членови за ад хок телото, особено ако се има предвид дека барем изборот на опозицијата беше најавен преку „конкурс“, па затоа и можеби најмногу напаѓан од страна на провладините медиуми: „Зоран Заев молчи, а СДСМ одбива да одговори пред јавноста по кои критериуми ќе го избере претставникот во ад хок телото кое треба да ги мониторира медиумите пред изборите… СДСМ молчи по кои критериуми кандидатите ќе бидат избрани и дали партијата ќе формира Комисија. Од најголемата опозициска партија нема ниту одговор дали ќе има интервјуа на кандидатите и дали однапред е утврдено како тие ќе се бодуваат. Од партијата на Заев нема одговор ниту на прашањата дали ќе имаат право на жалба кандидатите што се одбиени, а исто така СДСМ молчи и за имињата на лицата што конкурирале“. Од друга страна, релативно слабо и во неколку реченици беше дискутиран изборот кој го направи позицијата која даде две имиња без јавен повик и дебата: „Од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ не кажуваат како тие ќе ги одберат своите кандидати за членови на ад хок телото што ќе треба да ја мониторира работата на медиумите 100 дена пред избори и дали за предлозите ќе се консултираат со некој надвор од партијата…“ Ова уште повеќе што „забележливо е дека тројца членови доаѓаат од пишани медиуми, а еден член од државната агенција, што според упатените може да претставува одреден хендикеп, бидејќи, во фокусот на мониторирање пред сѐ ќе бидат телевизиите како најмоќен медиум (покрај печатените медиуми и порталите), за што, како што велат, е потребно соодветно искуство…“.

 

КАКО ПРОТИВ ПРИМИТИВНИТЕ ВУЛГАРНОСТИ И ПОЛИТИЧКИТЕ НЕАНДЕРТАЛЦИ?

Дилемата остана до ден денешен неодговорена: колку изборот што беше направен е кадарен и професионален без учество на ниту еден експерт, што отвора уште еден, поголем, ама сè уште заткулисен проблем – колку истото тело во себе има и генерира слика и лик за тоа што ќе значи избалансирано известување на 100 дена пред изборите и ќе даде ли добар пример што е професионалност во работењето ако се знае дека е составено од предлози на политичките партии и, уште повеќе, „практиканти во професијата“ без теориски, научен, истражувачки бекграунд? Имено, „дел од членовите вчера ни изјавија дека не знаат кој е прецизниот опис и попис на работа на комисијата, методологијата, начинот на носење одлуки. Станува збор, велат, за партиски договор, и чекаат дополнителни објаснувања кои ќе треба да формираат прецизна слика за нивниот нов ангажман… Ова тело е изнудено решение. Бидејќи Агенцијата не функционира, ова е еден вид бајпас-тело, кое можеби ќе придонесе медиумите да известуваат според стандардите во Изборниот законик – балансирано и непристрасно“. И сега, кога и како на јавноста ќе ѝ биде објаснето отворањето простор за полемика меѓу експертите и доминацијата на ставот дека „ова тело, кое е за еднократна употреба, не е во корист на професионалното новинарство и објективно известување“. Со други зборови, „најпроблематичен е начинот на кој ќе се формира ова тело, бидејќи членовите ќе бидат предложени од страна на политичките партии, што спротивно на принципите членовите на регулаторните тела да бидат независни и избрани во транспарентна постапка“. Според Снежана Трпевска, „при изборот на ова тело направен е голем преседан. Политичарите преку свои членови да одлучуваат за судбината на медиумите и да имаат свое влијание врз нив“, а најмногу што ова повторно нѐ враќа на почетната позиција со идејата и со обидите за медиумски реформи во Македонија.

Исто така, во вакви услови, на стотина дена пред предвремените избори, во што треба да верува јавноста и на кој начин да ја темели довербата кога во медиумскиот простор се среќаваат сè поголем број, и тоа неказнето, на примитивни вулгарности и политички неандерталци, кои само ја подгреваат и општата и меѓуетничката недоверба, предизвикувајќи сомнеж, говор на омраза, па и насилство? Еден таков пример беше и со исполнување на условот за избор на петти член на ад хок телото. „Власта и опозицијата не можат да се договорот кој да седне на петтото столче на ад хок телото, кое ќе ги следи медиумите како известуваат во предизборието“. Се наметнува прашањето дали петиот член ќе се избира заради професионалноста и етичноста во досегашното работење или заради формулата „три плус два“ во надгласувањето и каква е улогата и нужноста на мултиетничноста во оваа комисија: „Ќе има пет члена, од кои четири ќе бидат назначени од партиите, а петтиот ќе го изберат со консензус самите членови.“!? Имено толку и од ставот дека, „петтиот член на ад хок Комисијата за следење на медиумското преставување треба да експерт од медиумската сфера, признат и почитуван во новинарската професија“. Како што се вели, „изборот на експерт во професијата ќе биде гаранција дека ова тело ќе постапува независно и слободоумно, согласно законските ингеренции“. Колку беше вистинит обидот за незаинтересираност на политичките партии од албанскиот блок за петти член, провиден откако го одбија предлогот за Ајдини и Сарачини, ако се знае кој на каде сега натега и со какви аргументи: „За членовите предложени од власта не бил прифатлив Тахири, бидејќи учествувал во протестите на Шарената револуција, додека членовите на опозицијата го одбиле Даути со образложение дека бил член на комисијата за лустрација“.

 

АД ХОК ТЕЛОТО ПРЕД УСТАВЕН?

Со тоа се враќаме повторно на првобитната дилема: кој и како тоа ги избира, на основа на кои компетенции, членовите на ад хок телото, ако се има предвид и информацијата која прокружи во медиумите пред само неколку денови: „се очекува дипломатите да извршат притисок врз членовите на ад хок телото на оваа функција да биде поставен експерт. Според неофицијалните информации, меѓународниот фактор во земјава уште вчера се вклучил во процесот“. Токму затоа, можеби и најоправдан беше потегот на политичката партија Народно движење за Македонија (НДМ), која, како што беше најавено, поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на изборот на членовите на ад хок телото за медиуми. „Партискиот избор на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ на членови во ад хок телото за медиуми е повреда на уставната гаранција за еднаквост и за рамноправност на граѓаните. Граѓаните од својот џеб ќе плаќаат партиски кадри на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, бидејќи членовите во ад хок телото ќе добиваат од буџетот месечен хонорар од 80.000 денари. Тие пари се сопственост на сите граѓани. Државните институции, како што е ад хок телото за медиуми, исто така, се целосна сопственост на граѓаните на Република Македонија. Меѓутоа, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ја нарушија еднаквоста и рамноправноста на граѓаните со што се попречува остварувањето на демократскиот карактер на нашето општество во еден од суштинските аспекти – право на секој граѓанин да учествува во вршење јавна функција и достапноста на секое работно место под еднакви услови…“

Ех моја чудесна земјо, во која ниту правилото за „трета среќа“ не важи повеќе!

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести