verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Начинот на кој се пишува за семејното насилство директно влијае врз бројот на случаи

on 28 - 11 - 2019       

Секоја лоша статија во вестите за семејното насилство е пропуштена можност да се спречат повеќе слични случаи, дури и со изгубени животи. Ова значи дека кога се известува за семејното насилство, новинарот не треба да се погрижи само за мисијата на информирање, туку и (повеќе) за едуцирање. Во принцип, медиумите прават малку за да развијат позначајно разбирање за семејното насилство

 

Пишува: Фатлуме Дервиши

Одговорното известување може да го подобри начинот на кој се сфаќа ова форма на насилство, да им помогне на жртвите или роднините на жртвите на насилство да бараат правда, да ги охрабрат жртвите да бараат поддршка и да ги едуцираат другите во духот на правната одговорност што следи за оние кои вршат насилство врз едно или повеќе други лица во семејството. Новинарот за да го третира проблемот, мора сам да има познавања за истиот. И во овој случај, треба да се погледне подалеку од стереотипите. Тој мора да признае дека семејното насилство не е феномен што се случува само кај само маргинализираните класи во општеството (сиромашните, необразованите, Ромите и др.), туку дека може да ги допре различните слоеви на општеството.

За да се постигне ова, новинарот своето известување го гради врз неколку столба;

  • Одговорност / отчетност

Кога се пријавуваат случаи на семејно насилство, треба да се избегнуваат шпекулативни причини со кои евентуално би можело да се разбере „оправданото“ насилство или убиство. Настанот да не се опишува како нешто моментално или случајно. На ваквите случаи обично им претходи авторитарно однесување, прекумерна контрола врз жртвите, лишување од одредени човекови права и слично. Честопати, насилството воопшто не е случајно и спонтано.

  • Точност

Да се карактеризира криминалот како „семејно насилство“ наместо „трагедија“ или „ужас“. На читателот треба да им се каже дека случката е кривично дело, а на жртвите на слични случаи да им се советува дека постојат начини и можности за да побараат институционална помош. Во овој случај, известувањето треба да содржи и информации за можностите за пријавување на насилството кај надлежните органи за заштита на безбедноста на луѓето.

  • „Насилството” како кривично дело

Контекстуализирајте го настанот со статистика и стручни коментари за насилството врз жените (на пример, како најпогодена категорија), семејно насилство и одговорност за вакви кривични дела.

  • Жртвата

Хуманизирајте ја приказната со идентификација на жртвата (ако е можно). Луѓето ќе се поврзат повеќе и ќе го почувствуваат повеќе она што се случило доколку жртвата има име и презиме, ако има приказна, ако има дете, хоби и сл.

  • Насилникот

Доколку е потребно и релевантно, да се известува за претходното насилство од насилникот. Новинарите во вестите обично известуваат за родово базирано насилство со тоа што ќе одлучат кој е виновен и потценувајќи ги страдањата на жртвите. Исто така, постојат случаи кога се цитираат членови на семејството на насилникот кои веруваат дека насилникот бил „добра и грижлива личност“. Ова, во очите на читателот, автоматски го оправдува до одреден степен. Новинарите, се разбира, не треба да цензурираат информации само затоа што се во прилог на обвинетите. Во овие случаи, се предлага новинарите да бидат повнимателни во користењето материјали од нивните извори, отколку во нивната рутинска работа.

  • Достоинство

Избегнувајте сензационален јазик и тешки детали што влијаат на достоинството на жртвата или семејството. Претпазливоста за време на ваквото известување им ја должиме на семејствата на жртвите. Во трагични случаи, трагедијата може да се надополни со невнимателно известување на медиуми.

  • Еднаквоста и јазикот

Ваквите настани не треба да се третираат како обичен настан, како политички развој или слично. Ваквите случаи имаат директно влијание врз животот на луѓето и нивната безбедност. Користениот јазик мора да биде чувствителен.

  • Фотографии

Избегнувајте фотографии што го засилуваат митот дека станува збор само за физичко кривично дело. Насилството е насилство, е процес, е начин на живот, е кривично дело и треба да се третира како такво.

Без овие елементи, инцидентот е претставен како изолирана и вообичаена појава. Во овој случај, одговорноста е на поединецот и решението е во правосудниот систем. Тоа го прави остатокот од општеството да го гледа како проблем на некој друг.

Примерот подолу покажува случај на насилство што завршило со една жртва. Написот на Алсат-М.тв со наслов „Швајцарија, Албанец од Северна Македонија ја уби својата поранешна сопруга“, покрај тоа што се известува за настанот, се дават детали што читателот го отелотворуваат со жртвата и покажува дека случајот имал приказна. Во него се вели: „Обвинетиот, И.Б., и претходно постапил во спротивност со законот. Во февруари 2018 година тој беше обвинет за насилство и закани кон својата сопруга. Потоа беше уапсен и му беше одредена забрана за да контактира и да биде во близина на станот на жената“.

Насилството не е изолиран случај

Бидејќи современото известување бара од новинарите да известуваат само за најважните приказни во најконкретна форма, тие немаат простор да ги прошират своите приказни за спецификите на инцидентот. Тие честопати го третираат насилството како единствен развој. Ова, според истражувачите, резултира семејното насилство повеќе да се сфати како приватно, индивидуално прашање, отколку како поширок проблем што бара вклучување на заедницата. Еве неколку случаи на пријавување семејно насилство. Двата текста имаат многу малку податоци. Нема изјава од институциите за истрагата. Недостатокот на детали го остава читателот ладнокрвен за овој феномен.

Утрово тежок инцидент го потресе Скопје, каде маж ја убил сопругата со пиштол. Министерството за внатрешни работи објавува дека лицето М.С. (43) испукало куршум во главата на неговата сопруга Наџије Сула (42) од скопската населба Чаир, која починала во градската болница. Полицијата работи во насока на обелоденување на случајот“, пишува „Albeu.com“ во написот со наслов „Скопје, мажот ја уби сопругата со огнено оружје“.

Сличен е и написот на „Strugaekspres.com„ со наслов „Тешко кривично дело: Жената го убила сопругот со секира“.

Сензационализам и селективно внимание на медиумите

Еден од најголемите проблеми со ваквото известување е сензационализамот. Често се известува само во случаи кои се квалификуваат како фатални инциденти, заобиколувајќи ги потенцијалните случаи на емоционално/физичко, финансиско злоставување, вербалниот напад, оставајќи впечаток дека овие не се (доволно) насилни случаи. Случаите на насилство за кои обично се известува во медиумите се оние кои завршуваат со убиство и со тоа ги обесхрабруваат жртвите да бараат помош. Ваквите известувања оставаат впечаток дека секој што е жртва на некаква форма на насилство може да страда уште повеќе. Жртвите на насилство молчат за насилството извршено врз нив од страв да не настрадат.

И покрај ова, медиумите треба да објават повеќе случаи на поранешни жртви на насилство кои ја презеле ситуацијата врз своите раце, побарале помош од правосудните органи, организации за заштита на жртви на насилство, помош на нивните роднини и сл. и успеале да се спасат од насилникот. Кога последен пат сте прочитале за случај на поранешна жртва на семејно насилство, која се спасила од насилникот, го оставила минатото зад себе, тргнала напред во животот, успевајќи притоа да изгради здрави семејни односи? Не дека нема такви случаи, но тие не се доволно сензационални во очите на медиумите. Пораката за вакво известување не само што ќе биде упатена до жртвата на насилство да ја натера да бара спас, туку ќе биде упатено и до секој потенцијален насилник или насилник дека насилството е казниво и луѓето ги имаат своите права заштитени со закон.

Брачен пар од Прилеп е пронајден мртов вчера. Според првите сомневања на Основното обвинителство во Прилеп, станува збор за убиство и самоубиство. Според соседите, двајцата сопружници живееле тивок живот и живееле во хармонија. Се претпоставува дека сопругата неодамна страдала од склероза“, пишува Flaka.com.mk во написот под наслов „Македонија потресена, сопругата го убива сопругот, а потоа и самата себеси“.

Покрај сензационалниот наслов, направени се претпоставки без да се знаат вистинските причини за настанот.

Вклучување на институциите

На сите гореспоменати аспекти се додава друг; интересот и преокупацијата на институциите со овој феномен.

Направете споредба на двете пораки; „Луѓето мора да се грижат за својата безбедност“ и „секој има право да го живее својот живот безбедно“. Институциите треба да бидат водени од второто мото. Кога сите се грижат за својата безбедност колку што можат, надлежните институции мора да обезбедат секој да живее безбеден. Така, фокусот се префрла од одговорноста што паѓа врз жртвите, кон однесувањето на одговорните за насилството.

Жртвите се охрабруваат кога ќе видат дека институциите, високи функционери и клучни личности кои се занимаваат со овој феномен и работат на намалување на бројот на случаи. Потенцијалните насилници или насилниците се обесхрабрени кога ќе им се каже дека нивните жртви не се сами и постои систем што ги штити.

„Зголемениот број на жртви на семејно насилство, според експертите, е резултат на неисполнувањето на мерките за заштита на жртвите, на несоодветни правни лекови, но и зголемена свесност кај жртвите на семејно насилство“, пренесува Порталб во написот „Македонија, семејното насилство помеѓу законите и совеста“

Немаме подобар заклучок за статијата, освен заклучокот што беше даден на почетокот; начинот на кој новинарот пишува за семејното насилство има влијание врз зголемувањето или намалувањето на бројот на случаи.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења.

Претплатете се за најнови вести