verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

На повидок (сепак) ништо ново!

on 10 - 11 - 2016       
Медиуски промени само на прв поглед. Фото: Модем
Медиуски промени само на прв поглед. Фото: Модем

 

Иако АВМУ и Привремената комисија за следење на медиумското претставување со своите извештаи во последните нешто повеќе од две недели создаде атмосфера дека нашето новинарство може и има второ, како богот Јанус, но вистинско лице, дека истото може да го види „светлото на крајот од тунелот“, сепак очигледно е дека се работи само за препознатливост креирана врз база на квантитативни показатели, какви што се земени за репер во анализите и во извештаите на Привремената комисија за следење на медиумското претставување и на АВМУ. На повидок ништо ново од препознатливоста базирана на професионалноста, на квалитативните индикатори

 

Пишува: д-р Дејан Донев, вонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

Илустративно, кога говориме за квантитативноста во претходно споменатиот контекст, не е можно вистински да бидете брифирани како јавност со информации за настани, појави и случувања бидејќи, хипотетички да претпоставиме, анализираме три медиуми кои временски еднакво го третираат еден настан. Првиот ќе го извлече најважното во квалитативна смисла и во една минута прилог истото ќе го пушти во етерот. Вториот медиум можно е во една минута да прикаже само случување и толку – да пренесе информација без анализа и интерпретација. Третиот медиум, можно е во една минута само да пласира слики од ракување, од лицата гости, најголемите гафови, само да најави дека денес се случило нешто. Квантитативното е исполнето, но во квалитативна смисла, она што трите медиуми ќе го презентираат битно се разликува во креирањето на медиумската слика за еден настан. Особено ако се работи за (пред)изборие во услови на два поларизирани политички блока.

Во оваа смисла, она што ни недостига е квалитативниот приод, она по што едно новинарство го има квалификативот на известување, пренесување, обработка, анализа и, во крајна линија, откривање и интерпретација на фактите, информациите во однос на јавноста, реципиентот. Впрочем, оттука и основното прашање на оваа анализа: на какво новинарство мислиме и за какво новинарство говориме во македонскиот медиумски простор во момент на (пред)изборие? Можно ли е да се направи дистинкција во медиумскиот простор во Македонија во однос на новинарството и тоа помеѓу дескриптивното (т.н. обично) и аналитичкото новинарство (во кое влегува интерпретативното и истражувачкото) и согласно истата да се оцени новинарството, известувањето како пренесување, објаснување, докажување?

Имено, од анализата на Институтот за комуникациски студии претставена во седмиот Извештај од надзорот на телевизиските вести на 12 телевизии во вкупно 10 дена (два меѓупериода: од 3 до 7 и од 10 до 14 октомври), во однос на утврдување на состојбите за тоа како телевизиите на национално ниво известуваат за демократските процеси во земјава и дали истите ги претставуваат избалансирано политичките гледишта, се вели дека „како што се приближува почетокот на изборната кампања, така се зголемува и бројот на прилозите кои се однесуваат на предизборните партиски активности. Оваа тема беше доминантна во 10-те набљудувани дена и тоа најмногу во вестите на Канал 5, Сител, ТВ Нова и Алфа. Притоа, кај овие телевизии забележителен е и квантитативен и квалитативен дисбаланс во застапеноста на политичките субјекти, во прилог на ВМРО-ДПМНЕ, а за сметка на опозициската СДСМ. На овие четири телевизии и на МТВ 1, беа објавени и вкупно 90 прилози за владини мерки и активности, промовирани од страна на министрите од ВМРО-ДПМНЕ, како и 36 прилози во кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ги промовира владините мерки. На овој начин, тие повторно ја бришат границата меѓу партијата и државните институции“.

 

ВЕСТИТЕ НА „СИТЕЛ“, „КАНАЛ 5“ И НА „АЛФА“ СÈ УШТЕ НАЛИКУВААТ НА ПАРТИСКА АЛАТКА

Во согласност со овој извештај, се чини ништо и од иако малку ветувачкиот, сепак слаб сноп светлина за позитивно во иднината на медиумското во овој меѓупериод на „исполнети услови за изборите“, бидејќи крајните заклучоци презентираат слика и потврда на ставот за македонското новинарство како плодно тло за развој и за негување на патриотското, полтронското, штапското новинарство! Зошто? Како што се наведува, „поделеноста на „блоковско“ известување меѓу провладините и неутрално-критичките телевизии беше особено видлива при известувањето за предизборните активности на партиите (Тема 2), за проектите и мерките промовирани од претставниците на Владата (Тема 3) или од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ (Тема 4). Вестите на Сител, Канал 5, ТВ Нова и Алфа сѐ уште наликуваат на партиска алатка на владејачката партија, што може да се заклучи од тоа што во најголем број прилози како субјект се појавува ВМРО-ДПМНЕ (вкупно 598 прилози за ВМРО ДПМНЕ и 262 прилози за СДСМ).

Докрај изведена тезава – штапското новинарство во насока на намерна морална дезориентираност и уривање на базичната функција на поимот „новинар – куче чувар на демократијата“ кај нас, дава и забелешката дека „во сите овие прилози видлив е фаворизирачкиот став кон политиката на ВМРО-ДПМНЕ, додека негативен став се зазема во однос на политиката на опозицијата, иако за разлика од известувањето од крајот на 2015 и првата половина на 2016 година, тонот сега е многу поблаг“.

Во вакви услови (секоја чест на исклучоците за кои во извештајот се вели дека „во однос на приодот ја исполнуваат својата информативна функција, преку објавување на ставовите на обата субјекти, но отсуствува новинарската ангажираност преку заземање критички став кон одредени теми за кои зборуваат поитичките партии“), се има ли барем малку чувство за уверувањето дека грижата за етичките стандарди, преку кои се мери нивото на професионализам во дејноста, треба да е исполнето? Извештајот го потврдува спротивното, односно „карактеристично е што провладините приватни телевизии (Канал 5, Сител, ТВ Нова и Алфа) многу малку известуваат за работата на државните институции отварајќи ги критички темите што ги засегнуваат граѓаните. Напротив, кај нив се многу присутни прилозите во кои позитивно се известува за работата на институциите, односно за достигнувањата на функционерите на владејачката партија. Овие прилози создаваат впечаток на скриен партиски предизборен маркетинг, зад проектите на државните институции“.

 

ОТАУАТВО НА ОБВРСКАТА ЗА ПРОФЕСИОНАЛНО ИЗВЕСТУВАЊЕ

Ова отсуство на обврската за професионално известување и чувството за етичност во извршувањето на професијата е забележливо и кога се наведува дека „освен квантитативната неизбалансираност, кај телевизиите како Сител, Канал 5, ТВ Нова и Алфа, разликите се видливи и во начинот на известувањето. Активностите на опозициската СДСМ се претставуваат како „партиски ветувања“, т.е. како „партиска програма, додека оние што ги промовираат ВМРО-ДПМНЕ и нејзините функционери и претставници, како „завршени проекти што само чекаат реализација“, т.е. „проекти“ чија реализација е „договорена и остварлива“.

Претходното го оправдува и поставувањето на дилемата за тоа дали имаме и каква е завршницата во однос на истражувачките продукти преку разграничувањето на  „обичното“ новинарство и истражувачкото новинарство: дали улогата на новинарот е само неутрално да пренесува информации од изворот кон корисникот или новинарството, на основа на цврстите занаетски, етички и морални критериуми, треба да ја објасни и да ја поправи реалноста? Ќе се пренесува или ќе се „копа под површината“ за издржани, суштински информации, т.е. зошто истражувачкиот производ нема реална завршница и сè повеќе наликува на добра крими-приказна? И како по обичај, тука на обвинителна клупа се става Специјалното јавно обвинителство, неговите „безуспешни обиди“ во борбата со власта и со криминалните структури, кое во извештајот како тема за која најмногу се известува е веднаш зад предизборните активности на политичките партии.

 

ПОРЕТКО ПРИБЕГНУВАЊЕ КОН ДИРЕКТНИ НАПАДИ

Во овој контекст, како да се говори за „финале“ на истражувачки продукт кога и самиот орган кој би требало да ја продолжи „битката“ е под константна „рафална стрелба на негирање“ и на омаловажување: „блоковското известување јасно се забележува и кај оваа тема, со тоа што телевизиите кои се поблиски до ста­вовите на власта (Сител, Канал 5, Алфа, ТВ Нова), објавија значително помал број прилози за оваа институција, некои од нив (Алфа) дури и со негативен тон, доде­ка телевизиите кои важат за критички (24 Вести, Телма, Алсат М на македонски и на албански јазик, ТВ 21 на македонски и на албански), објавија поголем број прилози кои беа информативни, но и аналитички (ТВ 21 на македонски и на албански јазик), без притоа да се зазема одреден став“. Односно, „освен кај телевизиите Алфа и Сител, каде во мал број прилози има негативен став кон оваа институција, кај 24 Вести има афирмативен став во однос на барањата, во сите други при­лози кај сите телевизии доминира незазе­мањето никаков став, или евентуално неутра­лен критички став (…) Тие, за разлика од порано, многу поретко прибег­нуваат кон директни напади и навреди врз оваа институција, но затоа, пак, сега ја мар­гинализираат, покажувајќи игнорантски од­нос кон нејзината работа“.

Сосема на крај, од презентираното од извештајот на „Модем“, може да се заклучи  дека „медиумската слика за политичкиот плурализам во Македонија останува иста како и при септемвриската анализа. Впечатливо во овој период е што од 12 мониторирани телевизии, кај 7 во прилозите се користи само еден извор на информирање.  Тоа можеби не влијае на вкупната слика на избалансираност на вестите, но се одразува на новинарското правило за консултирање на „двете страни“ во прилогот и воедно укажува дека вестите се сведуваат на едноставно пренесување на настаните, но не и на новинарска ангажираност“. Што повеќе да се каже од илустрираното!?

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести