verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

На новинарството не му прилега вулгарност

on 11 - 08 - 2016       

 

Вулгарноста вирее, иако и нормите и добриот вкус ја забрануваат. Фото: wikipedia.org

Вулгарноста вирее, иако и нормите и добриот вкус ја забрануваат. Фото: wikipedia.org

 

Членот 15 од Кодексот на новинарите вели: „Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Неспојлива со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста“. Но, дали сите медиуми навистина го почитуваат ова правило и зошто на еден новинар би му користела „непримерна комуникација со јавноста“?

 

Пишува: Лилјана Петрушевска

 

Примери за тоа до каде оди вулгарноста во македонскиот медиумски етер можеме да сретнеме секојдневно. За оваа појава и „Сервис за проверка на факти во медиумите“ објави повеќе рецензии за конкретни случаи, во кои колегите рецензенти им забележуваат на свои колеги новинари за нивниот непримерен јазик и за начинот на кој се изразуваат, несовесно деградирајќи ја професијата новинар.

Тоа што е тенденција на оваа новинарска лекција, пак, е да посочи начин да се избегне употребата на вулгарности во медиумските производи.

За почеток, еве неколку примери во кои очигледно е дека не се почитувале новинарските, а уште помалку јазичните стандарди:

 

ЕКСКЛУЗИВНО: Грујо и Мијалков се посрани до даска – Се кратат часовите во скопските училишта, наставниците и професорите ПРИНУДЕНИ да одат на контра-протестот на Стевчо Муња!

 

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вечерва на стожерот на режимот во МРТВ имаше тешка задача да дебатира со 3 провладини фукари

 

Бомба на куртон број један: Миленко со најнови вести од македонското подземје, кој за што учел…

 

Васко Ефтов и Љупчо Златев се курви во душа

 

А зошто чекавме пичките во МАНУ да ни направат бројчаник за долгот, ние не можеме ли сами да го направиме ебениот бројчаник и да го закачиме на сите портали за секој ден да врти и народот да го потсетуваме дека тонеме во лајната се подлабоко?!

 

Трагична е констатацијата дека вакви примери можеме да набројуваме до недоглед. Тие секојдневно осамнуваат на интернет-порталите во земјава. Дека јазичниот стандард не дозволува примена на вулгарни зборови во новинарскиот стил на пишување и изразување, не треба дури ни да кажуваме. Во интерес на целта на лекцијата, ќе посочиме само дека во учебникот „Македонски јазик и литература“ за четврта година гимназиско образование, во поглавјето за функционалните стилови на пишување, новинарскиот стил е квалификуван како потстил на публицистичкиот стил на пишување и за него е забележано:

„Во поглед на јазичниот израз, во новинарскиот потстил треба да биде застапен стандардниот јазик, макар што се забележува извесна слобода во употребата на јазикот, особено во забавните прилози“ (стр. 67).

Зошто го одбравме овој цитат, се прашувате? Па, очигледно, за да посочиме дека дури и еден гимназијалец знае дека јазичниот израз во новинарското пишување треба да е стандарден. А ако гимназијалците знаат, секако, и новинарите би требало да знаат, нели?

Да не претераме со симплифицирање, јасно е дека вулгаризмите не се дел од стандардниот јазик. Всушност, во речникот на странски зборови и изрази од Велика Ширилова, тие се појаснети вака:

„Вулгаризам (лат. vulgaris) – 1. прост, непристоен израз; 2. непристојност, простачка работа“.

Значи, кажавме доволно, вулгарните зборови не припаѓаат во стандардниот јазик и оттаму не припаѓаат ни во новинарскиот стил на изразување и на пишување, односно го нарушуваат стандардот.

Новинарите, пак, би требало да знаат дека со вугарностите не само што се нарушуваат стандардите на јазикот, туку и Кодексот на новинари јасно пропишува каква треба да биде комуникацијата со публиката.

Така, во членот 15 од овој документ, кој би требало да е свето слово за новинарите, стои дека неспојлива со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста. Покрај тоа, во членот 10 од истиот документ се наведува и:

Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и на дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…)“.

А токму говорење со јазикот на омразата е тоа што прво паѓа в очи кога ќе прочитаме ваков наслов. Ако од стилска гледна точка ги разгледаме примерите што ги посочивме, но и многу други слични, тоа што можеме да го заклучиме е дека пишувачите на овие текстови прекршиле и уште едно од новинарските правила, а тоа е правилото за објективен пристап. Токму вулгарностите што ги употребиле укажуваат на фактот дека на темата за која се пишувало ѝ се пристапило со многу емоции, без да се направи дистанца од инволвираните субјекти или случувањата за кои се пишува. Тоа само по себе е уште едно прекршување на правилата во Кодексот на новинари, поточно членот број 14. Во посочените случаи неизбежна е констатацијата дека низ вулгарните зборови со кои се послужиле пишувачите, тие демонстрирале гнев, лутина, несогласување, дури и омраза поради тоа несогласување. Навистина е тешко за еден пишувач да не ги внесе своите емоции во своите зборови, но новинарската професија е токму таква – објективна. Од друга страна, дури и да се работи за коментар или колумна, како новинарски жанрови во кои на авторот му е дозволена и одредена субјективност, јазикот нуди огромен број средства за таа субјективност да биде „спакувана“ пристојно, како што му приличи на еден новинарски текст.

Еве, да речеме дека овие текстови се сместени во рубриките за коментари или колумни, иако не се. Дали не ќе беше поефективно наместо со вулгарни зборови, да се пренесе пораката или информацијата со пристоен вокабулар?

Значи, да не должам многу. На вулгарните зборови не им е местото во новинарски текстови, независно од кој жанр се тие. Јазикот има многу средства, особено стилистички, за да се изразат емоциите на пристоен начин, иако чувствата не се својствени за новинарските текстови. Употребувајќи вулгарности, новинарските производи ја губат својата веродостојност и им се заканува опасност да бидат сфатени како несериозни.

Но, да завршиме таму каде што почнавме, со членот 15 од Кодексот на новинарите. Вулгарноста не е нега на културата на говорот. Вулгарноста е сосема спротивно од тоа. И никако не може  да се нарече етичка. Според тоа, секој што се нарекува себеси новинар мора да има предвид дека презел и одговорност за јавно кажаните зборови, за тоа какво влијание во јавноста имаат тие негови зборови. А вулгарните зборови не може да имаат позитивно влијание на публиката во никој случај. Затоа не им е местото тука, во новинарскиот занает, туку на улица…

 

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести