verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Мочуриштето на невистината претставено како „поствистина“

on 5 - 01 - 2017       
Овој напис го има и на: Англиски
На пост-вистината не и треба викање, туку само ехо одаја. Фото: Garry Knight, 2012
На поствистината не ѝ треба викање, туку само ехо-одаја. Фото: Garry Knight, 2012

 

Изборот на зборот „поствистина“ како збор на годината за 2016 година од страна на лингвистите на Оксфордскиот речник е поттикнат главно од кампањите на Брексит и од претседателските избори во САД. Но, и политичките прилики во земјава со години покажуваат јавна негрижа за фактите, а политиката се води само врз основа на повладување на веќе создадените предрасуди кај делови од јавноста

 

Пишува: Љубомир КОСТОВСКИ

 

Иако изборот на зборот „поствистина“ (post-truth) за збор на 2016 година од страна на лингвистите што го дополнуваат Оксфордскиот речник очекувано требаше да предизвика реакции и осврти кај т.н. седма сила, таква појава како да изостана. Можеби и поради тоа што тој избор е своевидна оценка на некои состојби кај медиумите, што не е пријатен одраз за тие што секој ден ги градат или одржуваат јавните комуникации. Овој избор, инаку, се случи во ноември минатата година, како и секоја година, што значи дека постоеше и време за такви реакции.

Овој збор по првите дефинирања е одраз на состојбата во која фактите се помалку важни од емоциите, а најтесно е поврзан со пропагандната офанзива преку која медиумите на Островот успеале да ја добијат за нив очекуваната одлука за напуштање на Велика Британија на Европската унија. Изборот е засилен со победата на претседателските избори во САД на републиканскиот кандидат Доналд Трамп, кој многумина не го очекуваа.

„Поствистина“ се  однесува на околности во кои објективни факти имаат помалку влијание врз формирањето на јавното мислење, туку им даваат предност на емотивните реакции во општеството или, едноставно, на личните оценки или некои индивидуални ставови кои не биле предмет на рационално преоценување.

Традицијата налага зборовите што како нови се внесуваат во Оксфордскиот речник, да мора претходно да се користат најмалку 10 години во медиумите и во литературата, но овојпат е направен исклучок. Многумина сметаат дека „поствистината“ се должи на „зајакнувањето на социјалните мрежи како извор на информации и зголемувањето на недовербата кон фактите во воспоставувањето на вредностите“. Се смета дека овој збор претходно постоел, но во 2016 година во политичките коментари и осврти се содржел 2.000 отсто повеќе отколку во претходните години, особено во контекст на споменатиот Брексит и победата на Трамп, сметаат лингвистите.

Според официјалната интерпретација, префиксот „пост“ има вообичаено значење на период „по нешто“, како што се „повоената“ (состојба по војна), ама тука треба да се сфати како „период во кој одреден концепт станува неважен“.

Значи, овој термин, кој слободно можеме да го поврземе и со нашите политички (не)прилики, предочува практика кога – да речеме пред избори – за некои факти, бројки или ветувања се говори дека се вистинити, а кога тој што ги користел, на пример, направил профит од тоа, по изборот едноставно заборава на нив и тие веќе не се значајни, биле искористени само како техника на измама!

Што е поствистината и по што се разликува од лагите?

Кога по референдумот и по Брексит еден новинар побарал објаснување од политичарот кој највеќе го туркаше отцепувањето од Унијата, Најџел Фараж, за тоа дали граѓаните на Островот ќе треба да платат 350 милиони фунти помалку данок, бидејќи тоа се пари кои се заштедуваат од „разводот“, Фараж покажал амнезија и кон тој факт се однесувал со омаловажување, во стилот можеби сум рекол, а можеби и не.

Таков е и случајот со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп кој вети дека ќе го укине законот што го донесе неговиот претходник, Барак Обама, во областа на здравствените услуги (Obamacare). Но, сега, идниот претседател вели дека тој закон има и добри делови и не е сосема јасно каква ќе биде неговата судбина!

Вистината, очигледно, веќе не е во мода. „Јавните лаги не се ништо ново“ – вели новинарот Теофил Панчиќ, за кого поствистината не е само лажење, туку, исто така, е и несовесно непочитување на вистината.

„Важно е тоа што публиката сака како можна идеја. Она што би било против нечии емоции се држи под жито, се поддржуваат предрасудите на публиката, ќе се вози на нив. Наместо со здодевни податоци, здодевни зборови кои се потпираат на точни факти, се нуди нешто што е во најдобар случај половина вистина, но барем звучи добро и се знае дека некои тоа сакаат да го чујат“, вели Панчиќ.

Оние кои слушаат добро и ја оценуваат вистинитоста на зборовите, јавно велат дека статистички податоци не се добри.

„Во ера на поствистината живееме со години. Многу често, нашите политичари не се користат со факти, нема аргументи во нивните изјави, трибини, без разлика дали тоа е парламентот или во јавниот говор или на прес-конференција. Денес ситуацијата е таква што оние кои консумираат погрешни работи, се информирани од медиумите и не се разликуваат од оние кои не читаат весници и се неинформирани. Затоа, тоа е страшно голема одговорност на медиумите и на граѓаните“, рече новинарката на „Истиномер“ (Istinomer), Весна Радојевиќ.

Но, граѓаните се соучесници во еден магичен круг на поствистината. Бидејќи човекот е полесно да живее во илузија и да слуша што сака отколку да се соочи со непријатни факти, велат психолозите.

„Вистината буди емоции кои не се пријатни. Ако ви кажам дека катастрофа ни се заканува, дека утре ќе биде цунами или недостиг од вода, тоа ќе биде уште полошо, ќе има инфлација. Луѓето не сакаат да го слушнат тоа иако тоа би било добро да се слушне и да се подготват за несреќа што ги чека. И затоа што тие не сакаат да го слушнат, ќе ја свртат главата како тоа да е ирелевантно“, вели психологот Жарко Требјешанин.

Како да се извлечеме од поствистината? Во ерата на интернетот и на неограничени количества на лажни информации – тешко, велат експертите. Во секој случај, веќе почнаа дебати и на таа тема.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести