Многу врева за ништо
Објавено во Рецензии
on 11 - 11 - 2015 Автор: Владимир Мирчески
[Рецензија: Заев и Шеќеринска поднесуваат оставка во јануари?]
Уште едно четиво, во серијата од многу, чиј фокус е само на опозицијата и на нејзините внатрешни состојби. Класичен пример за спин-материјал, кој со сета сила се труди да го измести тежиштето на политичката ситуација во земјава, намерно ставајќи го товарот за сè што се случува на плеќите на раководството на СДСМ, демек Македонија нема власт која повеќе од девет години е во рацете на една партија. Обидот е некако, низ чудна диоптрија, да се прикаже дека во „опозицијата врие“ и дека се подготвува веќе фамозниот „свилен гајтан“ за двоецот Заев-Шекеринска по финализирањето на маратонските разговори за спроведување на Договорот од Пржино, кој како и да се гледа, сепак, повеќе е поблизок до почетните преговарачки позиции на опозицијата, отколку на власта?! Таканаречената анализа за политичката „сеча на глави“, што во овој напис ни се сервира, е како оладена и лошо зготвена вечера, ем е бајата, ем е правена со неквалитетни новинарски состојки.
Линк до оригиналниот напис: Заев и Шеќеринска поднесуваат оставка во јануари?
Датум и време на објавување: 08.11.2015
Датум на рецензирање: 09.11.2015
Рецензент: Владимир Мирчески
ОПОЗИЦИЈАТА ПРОКНИЖИ ПОЕНИ, АМА ПАК ТРЕБА ДА СЕ „ПОСТРОИ“?
Да тргнеме со ред. Новинарски гледано, самата основна теза дека првите двајца луѓе на СДСМ се соочуваат со извесна смена е, во најмала рака, хумористична, затоа што некаквите согледувања и проникнувања што се нудат не многу кореспондираат со реалноста. На ниту еден опозициски првенец во изминативе девет години не му успеало да издејствува толкави отстапки од Никола Груевски, како што тоа му успеа на актуелното раководство на најголемата опозициска партија. Премиерот се откажа од услугите на неговите тројца најблиски соработници, предвремени избори ќе има, Груевски самиот треба да се повлече неколку месеци пред изборите, СДСМ влегува во владата и го презема раководењето со МВР, се формираше специјално обвинителство кое ќе ги истражува материјалите што произлегоа од прислушуваните разговори… Ова сè е книжење политички поени, наспроти „непобедливата“ ВМРО-ДПМНЕ. Само за илустрација, како што велеше Груевски на почетокот на годината, откако Зоран Заев му кажал дека има материјали што упатуваат на криминал и дека затоа тој треба да си поднесе оставка:
„Сакам да го порачам следното: закани и уцени и вакви местенки не прифаќам и не проаѓаат.“ (31 јануари 2015 година)
Па, пак нешто слично изјави и пред неколку месеци:
„Тие луѓе ја бараат мојата оставка. Тие всушност бараа да им ја оставиме Македонија ним. Во нивни раце и во нивно управување без народна волја. Овој народ вечерва, оваа масовност, оваа енергија, оваа сила е најдобриот одговор за нив.“ (19 мај 2015 година)
Ова само покажува колкав пат, нормално, на сметка на своите првични ставови, изоде Никола Груевски во однос на опозициските барања. Оттука, каде е логиката, и политичка и здраворазумска, за Заев и за неговите соработници да се повлекуваат ако успеале во своите намери и навистина да го урнат митот за „монолитноста“ и за „чистотата“ на ВМРО-ДПМНЕ и да ја натераат власта на серија отстапки кои треба да овозможат фер и демократски избори напролет? Нема логика, ама тоа секако не било пречка да се пласираат низа конструкции кои се навистина зачудувачки смешни.
„Нашите извори наведуваат дека Зоран Заев и Радмила Шеќеринска во јануари треба да си поднесат оставка од лидерското место и заменик-претседателското, а нивното евентуално враќање на тронот на СДСМ треба да биде верификувано по изборите закажани за 24 април догодина.“
Па, од ова само по себе се наметнува елемнтарното прашање кој тоа ќе ја води партијата до изборите? Дедо Мраз! Како тоа тие да се повлечат од позициите и ако партијата победи, тие да се вратат назад! Небулоза.
МОРАЛИЗИРАЊЕ СО МЕШАЊЕ БАБИ И ЖАБИ
Ако ова е малку, има уште една теза „тресната од небо“:
„Иницијаторите за смена на раководството на СДСМ наведуваат дека Шеќеринска требаше да се повлече од морални причини исто како Јанкуловска и Јанакиевски, односно во моментот кога тврдејќи дека работи за граѓаните и партијата, беше фотографирана како одмора во луксузен хотел во Грција, каде со сопругот Бобо уживаа на нивната јахта.“
Навистина е неприфатливо да се прави ваква споредба – министри фатени до гуша во криминал и опозиционерка, која на своја семејна сметка, одмора во Грција. Какво е тоа морализирање и споредување?
Ајде да видиме кои се изворите, нели, кои така добро го избрифирале новинарот:
„Дипломатски извори, информациите од Бихаќка, нашите извори, нашите извори, нашите извори, нашите извори, политиколози“ – ова се изворите на информации што се користат во овој текст. На ниту едно место немаме јасно покажан соговорник кој би ги потврдил „анонимните дојави“ и би се потпишал на таквиот душегрижнички однос за ситуацијата во опозицијата. Да, се користат изјави на некои места, преземени и пласирани надвор од контекст, бидејќи се дадени пред неколку месеци, а не во конкретниот и актуелен временски период.
Истовремено, се забележува и недоследност и непрецизност во текстот. Се тврди дека поранешниот потпретседател на СДСМ, Ванчо Узунов, „во писменото образолжение на оставката, навел дека не се согласува со постапките на лидерството кое оневозможува секаква здрава социјалдемократска политика. Од друга страна, ги имаме и резултатите од анкетата на ИРИ. Во отсуство на други такви анализи, ги прифаќам и добро ќе размислам за тоа дали има било каква смисла мојот натамошен ангажман во политика, пишува Узунов“. Но, ова не е докрај точно, бидејќи станува збор за колумна на Узунов во која тој навестува дека ќе се повлече, а не е формално образложение за оставката. Сепак, има разлика, ако ништо друго, тогаш во фактографијата.
ГОЛЕМ И НЕПОТКРЕПЕН МЕДИУМСКИ ШУМ
Понатаму, неизбежен е впечотокот дека потпишаниот автор на текстот, освен што е ислучително критички, а притоа со факти непоткрепен, настроен кон сегашното раководство, истовремено како да покажува симпатии кон претходната опозициска елита, што, пак, може и да укажува дека имаме „труд“ наменет за внатрепартиска пресметка:
„На седницата во петокот, нашите извори потврдуваат дека не биле присутни најголемиот дел од функционерите кои беа дел од претходното раководство на СДСМ и важат за блиски до екслидерот Бранко Црвенковски.
….Грб на Заев и Шеќеринска му свртеа и дотогашните први луѓе на “Бихаќка“, кои дотогаш активно учествуваа во креирањето на партиската стратегија на СДСМ. Игор Ивановски, Гордан Георгиев, Јани Макрадули, Наташа Савова и уште неколку други се повлекоа од партискиот врв…“
И ова не е докрај вистинито бидејќи треба да се праша дали тие грб му свртеле или, пак, актуелното раководство ним им свртело грб. Плус, дел од споменатите можеби не се меѓу најекспонираните ликови, но се членови на Централниот одбор на партијата.
Навистина е забавен делот дека ќе има „свилен конец“ од амбасадорите за Заев и за Шекеринска. Можеби е така, ама јас не гледам некакви аргументи. Најверојатно, зашто намерата е да се дефокусира вниманието на јавноста од вистинскиот виновник кого го посочуваат амбасадите и нивните влади, а тоа е власта. Да не испадне работава „кој на друг дупка копа сам во неа паѓа“. А и да не ги заборавиме ептен тазе наодите на ЕК во извештајот за (не)напредокот на Македонија за 2015 година.
Секако, ептен боде очи и отсуството на каков било официјален став од самата партија. Па, сигурно има некој дежурен на Бихаќка кому, ако му се јавиш, барем ќе каже нешто, макар и демант.
Не треба да се изуми ниту силниот коментаторски пристап, кој има јасна задача по секоја цена да го поткопа кредибилитетот на опозициската челна двојка.
„За победа на избори потребна е работа со гласачите врз основа на реална политичка платформа, решенија за проблемите на граѓаните и луѓе кои можат да спроведат такви политики.“
Конечно, „канцери“, „гајтани“, „амбасади“, „интелектуалци“, „наши извори“… Сето тоа заедно и добиваме еден голем и непоткрепен медиумски шум. Многу врева за ништо!
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
делумно
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
анонимни
повеќе извори
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
најверојатно да
ПРИСТРАСНОСТ
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
не информира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
делумно да
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови