verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Мижи од патриотизам и плаши се од Луцифер

on 10 - 05 - 2016       
Патриотизмот и Луцифер: професор Тања Каракамишева. Фото: скриншот
Патриотизмот и Луцифер: професор Тања Каракамишева. Фото: скриншот

 

Едностраните гледишта, елементите на политичка пристрасност и слабо аргументираните тврдења што оставаат впечаток на обид за политички напад, немаат место во каква било новинарска објава, особено не во колумната, која се смета за повисока форма на новинарски израз. Сивата зона на слободата на говор е најевидентна во колумните, зашто од авторот се очекува солидна повеќестрана аргументација, а не премолчено правдање на владејачката политичка опција со дискредитација на нејзините противници

 

Пишува: Александар Пешев

 

Кога ќе се погледне колумната на професор Каракамишева како целина, се добива впечаток дека патриотизмот, поточно чувствата за национален идентитет се употребуваат за дискредитација на политички субјект со негативно обележување на лица и на организации. Ако јавниот интерес се брани со контрола на начинот на кој народните избраници, трошејќи ги народните пари, ги бранат интересите на електоратот, се поставува прашање зошто професорот својата критика базирана на недокажани тврдења ја насочува единствено кон опозициската партија СДСМ и кон меѓународната заедница, субјекти кои или не го трошат најголемиот удел од народната каса или воопшто не располагаат со парите на македонските даночници.

Screen Shot 2016-05-08 at 7.09.26 PMКолумната се отвора со став на американски аналитичар, единствено именуван по презиме, но можеме да претпоставиме дека станува збор за Лук Кофи од американската фондација „Херитиџ“. Станува збор за експерт чија специјалност се Фолкландските Острови, судејки по неговата биографија на интернет-страницата на организацијата. Во колумната се зема само еден сегмент од оригиналниот напис на Кофи, кој се однесува на опозицијата, и оттука се гради неиздржаната аргументација со  употреба на емотивни елементи.

„Kофи вели, главниот проблем на Заев е што тој нема лојалност кон сопствената земја. Тежината на оваа реченица е како цела планина за тој што знае разумно и совесно политички да размислува.“

Намерно или случајно испуштајќи го елементот од анализата на Кофи во кој одлуката за аболиција на претседателот се нарекува контроверзна, во колумната се гради случај околу патриотизмот, поточно околу едно од најчувствителните прашања за која било публика.

„Отсуството, пак, на елементарен патриотизам е поразителна дијагноза за Заев и за неговото раководство, но и за сите оние што доброволно се впрегнати во сценариото за разнебитување на државата.“


Колумната, секако, подразбира послободен израз, особено во поглед на коментарите и на тврдењата, но едно од основните правила е основана аргументација на изнесените ставови. Оттука се поставува прашањето на каква основа се темели таканаречената дијагноза дека опозицонерите немаат љубов за сопствената држава? Случајно или намерно, ваквите конструкции индиретно укажуваат кон обвинувањата за пуч на адреса на опозицијата, а формулациите, намерно или случајно, наликуваат на извадоци од партиски соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ:

„Граѓаните се гневни на СДСМ затоа што партијата продолжува со деструктивното сценарио за дестабилизација на Македонија и држење на народот во заложништво поради неспособноста на раководството од Бихаќка.“ (партиско соопштение на ВМРО – ДПМНЕ)

Следуваат согледувања за патриотизмот кои, наводно, се очекува да постават солидна основа за понатамошните тврдења, но и во овој сегмент се согледуваат формулации кои доведуваат до недоумици.

Нашите национални Луцифери-crop„Да се почитуваат граѓаните што се нејзин нераскинлив дел, но и да се почитуваат нејзините симболи (химна, знаме, грб), нејзиното име, нејзините политички институции, државни органи и тела, правосудни органи, нејзиниот економски и финансиски систем, нејзината историја и традиција, нејзините културни обележја, споменици, паметници, нејзините природни богатства и убавини, нејзините успеси и национални гордости.“

Разлики во согледувања и во тврдења настрана, евидентен е обидот да се „протне“ своевидна амнестија за работењето на институциите, кои, според релевантни показатели, како извештаите на Европската комисија и експертскиот извештај на Прибе, се политизирани. Во услови кога се тврди дека институциите на државата во основа ѝ служат на партијата, а не на народот, автор на колумна, кој се повикува на научен авторитет, убедува дека „вистински ја сакаат својата татковина го знаат тоа исконско чувство на чиста љубов и чисти емоции кога ќе се спомне името Република Македонија“. Тука се поставува прашањето дали ваквата, наводно, безусловна љубов може да ги оправда или дури и да ги коригира ваквите практични, емпириски и рационални забелешки:

„Справувањето со овие проблеми е нарушено со недоволната политичка волја и политичкото мешање во работата на релевантните тела, со што им се наштетува на нивната способност да работат активно и неселективно, особено за високопрофилните случаи“ (извештај за напредокот на Евроспката комисија во делот на  борба против корупцијата)

Се добива впечаток дека колумната нè инструира да се водиме од емоциите, а не рационалните согледувања дури и во услови кога во јавноста се понудени докази за злоупотреба на институциите за лични или партиски, а не за народни цели. Ќе замижите од љубов?

Анализата околу емотивните основи и обврски кои произлегуваат од патриотизмот се поврзува со следново тврдење:

„Ако се направи мала споредба на однесувањето на Заев и извршителите на сценариото за уништување на македонската држава, со овие квалитети, паѓа во очи огромната разлика меѓу квалитетите што имаат патриотска димензија, и она што „другата страна“ го дава за Република Македонија.“

Тука имаме виден обид за рационализација на видно неосновано тврдење, особено ако се постави прашањето: врз основа на кои докази е утврдено дека Заев и неговите соработници одработуваат сценарио за уништување на македонската држава? Дали аргументацијата се гради од политички реторики?

„Граѓаните се гневни на СДСМ за здружувањето со луѓе кои сакаат федерализација на државата, само за да продолжи планот на СДСМ кој треба да резултира со разнебитување на македонското ткиво.“ (партиско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ)

Во отсуство на конечна пресуда за случајот „Пуч“, нема основана аргументација за ваквите тврдења. Се добива впечаток дека авторот прави обид да аргументира со употреба на разционализирани национални чувства, а не со презентација на факти. Ваквото „плукање“ по политички опоненти со употреба на тези кои се присутни во партиски соопштенија, укажува на политичко навивање.

Колумната се префрла од пропагирање љубов кон татковината кон сатанизирање. Во навидум биполарен скок од величината на патриотизмот, одеднаш се пишува за Луцифер и со крајно негативен набој во изразот, се редат уште серија непроверени, слабо аргументирани тврдења за кои не се понудени докази.

„Главниот Луцифер, кој е церемонијал-мајстор на локалните извршители Луцифери создаде многу монструми во државниот систем под паролата владеење на правото, а всушност вистината е владеење на странците.“

Повторно имаме очигледен обид за дискредитација на емпириски констатации со употреба на емотивни изрази, со тоа што не е јасно кажано кој е ѓаволот? Или поедноставно, ако меѓународната заедница преку надзор и анализи утврдила дека во Македонија владеењето на правото претставува проблем, дали тој проблем ќе се реши со тоа што ќе се тргне во лов на вештерки? Или во овој случај  „Луцифери“? Додека рационалниот одговор на ова прашање би бил „не, за тоа се потребни реформи“, професорката на правниот факултет продолжува:

„А токму нивните усти се полни со владеење на правото. Kаква иронија и лицемерие. Во тој систем кој го создаваат тие владее или се поттикнува да владее дивјаштвото.“

Уште едно неконкретизирано тврдење, повторно во отсуство на факти и на докази како основа за колумнистичка аргументација. Од конкретни неаргументирани забелешки, колумната се шири кон апстрактни изрази за Луцифер и за други Луцифери за злоба и за отровни овошки кои растат поради недостиг на патриотизам, за да стигнеме до Јуда… Зошто се создава слика на пеколот според Данте со нагласени библиски елементи и совети за хортикултура (како растат отровни овошки)?

„Тој наш Јуда нема проблем да уништи сè што им припаѓа на сите. За него ништо не е свето. Ништо не е важно освен сопствениот интерес, сопственото его и егото на неговиот татко Луцифер.“

А кој е тој наш Јуда? Од нејасниот израз, конфузно измешан во форма на библиска приказна, може само да се претпостави дека станува збор за лидерот на опозицијата и за претставници на меѓународната заедница кои неосновано се прозивани на почетокот од објавата, но ништо не е конкретизирано во овој сегмент на колумната. Формулациите се налик на налутен тинејџер кој во статус на социјалните мрежи пишува: „Да им текне на тие што ме налутиле точно што направиле, бидејќи знаат кои се“.

Исказот со слаба аргументација се конкретизира кон крајот на објавата. На читателот му станува јасно дека индиректно се прозиваат претставници на Франција, Германија и на Соединетите Американски Држави:

„Токму на нивните предавања за патриотизам се зборува дека политичката лојалност и демократијата се двата клучни квалитети на кои е заснована, на пример, модерната американска федерација, француската држава, германската држава.“

Од априлските протести во центарот на Париз. Фото: Википедија
Од априлските протести во центарот на Париз. Фото: Википедија

Понатаму се тврди дека „лојалноста на еден граѓанин како мото за лојалноста на цела нација и дека токму тоа е силата на модерна Германија и на модерна Франција“. И тука повторно се поставува прашањето дали слепата лојалност е услов за напредокот на демократски земји како Франција и Британија? Ова прашање добива уште поголема тежина ако се имаат предвид последните протести во Париз. Во април годинава, илјадници демонстранти го окупираа Плоштадот на Републиката и до раните утрински часови дебатираа за даночни политики и за нееднаквост во пристапот до домување. Авторката на колумната изгледа неинформирано, тврдејќи дека лојалноста е основа на модерна држава во која пред неполн месец се организираа масовни протести против институциите и нееднаквоста.

Во заклучокот на колумната, д-р Каракамишева повикува да се свртиме кон лојалноста, откако порачува: „Наместо да ги слушате што зборуваат туѓинците во нашите дворови, видете и чујте што зборуваат нашите луѓе во нашите дворови“. Иронична препорака за крај, особено ако се има предвид дека на почетокот на колумната авторката се повикува на американскиот аналитичар Кофи. Дали, на крај, испаѓа дека странците вреди да се слушаат само кога изнесуваат критики за опозицијата?

Сè на сè, имаме напис кој е класифициран како колумна иако видно не ги исполнува елементарните услови. Поточно, имаме серија неаргументирани тврдења, кои, освен видната едностраност, имаат сличности со партиски ставови, исто така неосновани во својата суштина. Колумната, секако, подразбира презентација на ставови наместо на „чисти“ информации, но како еден од повисоките фоми на новинарски израз, истата бара солидна аргументираност и фактичка основаност.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести