verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Мирка, дал тоа премиерот „тамо свирка“!?

on 2 - 03 - 2016       

 

Дистопрзирана реалност. Фото: J.J./flickr, 2009
Дисторзирана реалност. Фото: J.J./flickr, 2009

 

Освен она што веќе се промовираше како препознатлив квазитренд за колумните во македонскиот медиумски простор, а тоа е сведување на различноста на ставовите на дискриминаторско ниво обоени со голем број предрасуди, негативно профилирање, дискредитација, односно креирање и ширење на само себе позната вистина, т.е. „вистината“ на авторот, преку еднострано подвлекување на фактите и нивно научно искривување (бидејќи не се даваат повеќе информации, ниту нивна издржана анализа карактеристична за колумнистичкиот стил на изразување) за презентирање на лични перцепции и ставови како факти, начинот на кој тоа се прави е веќе „учебникарски“ препознатлив!

 

Пишува: д-р Дејан Доневвонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

Со тоа ваквиот т.н. „колумнистички стил на слободно изразување“ стана обид и тоа доста успешен, во злоупотребата на медиумот за пресметка со одредени личности, со одредена цел и за одредени партиски „дивови“. Што се случи во меѓувреме со базичното во професијата – професионализмот? Говори, го почитува или, во најмала рака, барем некој размислува ли дека без професионализмот илузорно е да говориме за постоење, а камоли за извршување одредена професија. Во случајот новинарската и тоа преку еклатантно прекршување на Кодексот на новинарите на Р.М., т.е. членовите 10, 11, 14 и 16, а особено 15: „Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација“.

Како земја во „бебешки пелени“ во развојот на демократијата, сè почесто (согласно сите релевантни светски извештаи во делот на медиумската реалност) сме окарактеризирани како земја со слабо формирана работна ситуација и недиференцирана структура на медиумите и на новинарската професија, особено кај помладите медиуми и медиумски работници, со што кога ќе се погледне македонскиот медиумски простор, особено оној резервиран за колумни и во традиционалните и во новите медиуми, сликата е поразителна! Ова оттаму што идејата за слабо формирана работна ситуација во медиумите требаше да ја оправдаме со повисок степен на култура во отворениот медиумски простор, а кој е главна карактеристика на демократското општество. Истиот, како што и пред 15-тина анализи наназад напишав: „претставува и служи како  герила (маркетинг) простор, полигон за пласирање разно-разни вистини и факти согласно желбата, интенцијата, мотивите на тој што ја пишува, но и на тој што стои зад него, а не јавниот интерес“.

 

„ПЕРМУТИРАНИ ТЕЗИ“ ЗА МАСОВНА ХИСТЕРИЈА

Во оваа смисла, случајно или намерно, задоцнето, но нужно, пред некој ден во раце дојде еден за мене не непознат, но не ниту толку „потплаувачки аманет“, размислување кое тенденциозно, согласно професионалните стандарди на новинарството, повикува на мобилизирање на народот да отиде во опозиција – колумната на Мирка Велиновска под наслов „Колонијата Македонија“, објавена во дневниот весник „Дневник“ на 21 февруари 2016 година. Во рамки на една доследно спроведена анализа од аспект на етичкото новинарство, во колумната (која не е ништо поразлична, да речеме, од колумните на многу непрофесионални новинари, најчесто по урнекот урнисани на т.н. „новинарство“ на Драган Павловиќ-Латас), првото, а можеби и единствено што ќе го сретнете доколку ги примените судот на разумот и моралните процени во професионалното извршување на дејноста, е невидената леснотија во претставувањето и особено толкувањето на неколку невротични и конспирациони не квазитези, туку, за волја на вистината, антитези – т.н. „пермутирани тези“ за масовна хистерија – кои се користат кога се дава констатација за фактичката состојба, а која допрва ќе ја докажуваме: на 19 февруари македонските медиуми објавија вест дека амбасадорите на САД и на ЕУ во Република Македонија ќе им кажат на жителите на оваа држава дали смее или не смее да одржува вонредни парламентарни избори на 24 април годинава…

Исто така, она што е особено впечатливо е „доследното намерно, свесно и промислено правење на логички грешки во докажувањето и во изведувањето на заклучокот за збунување или измама на другиот“ (во политичките води). И оваа дефиниција за софизмите не е моја! Случајно ме потсети на неа еден мој драг пријател и колега од Нови Сад, правејќи неодамна аналогија за политичките случувања на Балканот, кога разговараме за тоа што Аристотел има оставено во наследство пред приближно 2.500 години кога се обидуваше да укаже дека човекот се разликува од животните како суштество обдарено со логос, ум, разум, говор…, а притоа и свесно и самосвесно.

 

КОЛУМНА – СОБИРАЛИШТЕ НА ПОДЛИ СТРАСТИ

Истата колумна, необлагородена со вкус, туку дегутантно обременета и пренапрегната со национални, но и со националистички пежоративи за губитникот СДСМ како октроирана власт или за албанскиот политички фактор како приватна послуга на Вашингтон, но и за Уставот кој не само што одамна не е веќе Библија, туку не е ни тоалетна хартија; понатаму навреди од типот дека непристрасно известување не е можно со пристрасно мешање однадвор преку соросоидите и усаидовците, т.е. дека надзорот ќе го врши некредибилната ОБСЕ, па сѐ со божемното бришење на гласачкото тело со помош на уметничкиот перформанс на Милчиновите „језуити“; како и непримерен говор кој се преведува со слобода на изразување кога велите дека Македонија стана колонијална куротресина, т.е. трансформација на Македонија во приватна животинска фарма, а притоа како да се чини дека по многу нешта алузијата со една друга „Животинска фарма“ ви е во целост промашена и злоупотребена или, пак, да тврдите дека во моментов имаме терористичко дивеење на американската, британската и на европската дипломатија во Македонија…, оти врз Македонија е извршена агресија! Сè на сè, да финализирате со цел …масовен отпор и вооружена борба како соодветен „радикален одговор на радикалната ситуација“, мислам дека се коси не само во однос на конспиративните теории на заговор, туку, пред сè, со секаков здрав разум, затоа што таквиот радикален одговор една друга политичка опција, а не власта, реши дека е погубна и не сакаше да ја користи дури ниту во мај минатата година затоа што е погубна за развојот на демократијата, за што пледираме!

Но, идејата барем е јасна: со, одноно во колумната без морал, која станува собиралиште на подли страсти, се прави слика на општествен хаос во кој се прекинува континуитетот и се дестабилизира системот на општествени норми. Притоа, она што зачудува е привидниот развој на новинарската професија, професионализам и имањето свест: т.н. „новинар“ (читај Мирка Велиновска) го повикува „соборениот“ премиер да стане главен свиркач (whistleblower) и да ги открие во јавноста сите морални квалитети како персона!? Ах, Мирка, Мирка, што би рекле северните соседи: „ко то тамо свирка“, а што во македонски превод значи „постои ли воопшто некој кој таму свирка, а всушност не свири, воопшто“!? Затоа професионализмот во новинарството, во јавниот збор, го нема луксузот за повик за масовен отпор и за вооружена борба, туку само издржан самосвесен морален пристап кон проблемот!

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести