verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Мигена Горенца: Тие што молчат се виновни колку и тие што прават лошо!

on 18 - 10 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански

Migena Gorenca, kryeredaktore e Servisit të Dytë PRogramor në TVM

Мигена Горенца – Главен уредник на Вториот програмски сервис на албански јазик на МТВ

 

Рецептот за позитивен исчекор во новинарството, покрај тешките предизвици и соочувањето со неправдите, овојпат за „Сервисот за проверка на факти во медиумите“ го прикажува Мигена Горенца. Taa e главен уредник на Вториот канал на албански јазик во јавниот сервис МТВ. Ексклузивно за нас зборува за тешкотиите, но и за научените лекции во својата кариера. „Кога слушам нешто погрешно, јас настојувам да се спроведе правда“, рекол медиумскиот магнат Руперт Мердок. Колку оваа изрека вреди во практиката, сведочи и добро познатата новинарка Горенца

 

Пишува: Џенис Сулимани

Во моментов сте главна уредничка во вториот канал на албански јазик во јавниот сервис. Колку сте задоволна со функционирањето на телевизијата, што мислите дека недостига?

Мигена Горенца: Македонската телевизија (МТВ) функционира врз основа на одредени критериуми чија цел е информирање, едукација и забавување на гледачите на јавниот сервис. Таа е јавен медиум чија главна цел се овие три елементи, што го прават јавниот сервис специфичен медиум, во споредба со другите комерцијални медиуми.

Ова подразбира дека одвреме-навреме ќе изгубиш од „атрактивноста“ што се пласира силно како „медиумска вредност“ во последно време, но МТВ2 е свесна дека има друга мисија, што се труди да ја исполни со многу сериозност и професионалност. Имајќи ја предвид нашата примарна мисија, но и финансиските средства со кои располагаме, има многу работи за кои можам да кажам дека во други услови може да се направат малку поинаку.

Јавниот сервис е обврзан да прикажува емисии што во јавноста можеби се сметаат за „помалку атрактивни“, но ние се гордееме со фактот што сме меѓу малкуте медиуми во земјава кои ѝ оддаваат голема важност на класичната музика, горди сме што сме единствениот медиум на албански јазик што ги емитува сите фолклорни фестивали, што се грижи за здруженијата и за организациите што можеби не го наоѓаат заслуженото место во другите медиуми.

Ние водиме грижа за зачувување на националната и верска култура на Албанците во Македонија. Поради еминентните новинари што ја водат нашата забавна емисија, ние имаме ексклузивност на естрадните ѕвезди во нашите забавни емисии. МТВ2 е единствениот медиум на албански јазик што за нејзините гледачи ги снима претставите на театарските групи во Македонија.

Ние им оддаваме голема важност на домашните продуценти, со чија соработка имаме една низа проекти, на овој начин помагајќи го и развојот на новите продуценти. Ние сме телевизија што придава голема важност и на документарните емисии и на домашните телевизиски серии, жанрови кои во голема мера недостигаат во многу други албански медиуми.

Моментално ги имаме најдобрите семејни серии на пазарот, што доаѓаат од познати производители, главно американски, што имаат голем рејтинг на гледаност во нивните земји токму од една посемејна публика. И, секако, нашата најдрага мисија се децата, за кои секој ден подготвуваме една широка палета емисии, обидувајќи се колку толку да го пополниме недостигот од такви емисии во албанскиот телевизиски етер во Македонија. МТВ2, како што сакаме да го нарекуваме, е „екранот на големите настани“. Значи, ние сме единствените емитувачи на настани како „Евровизија“, Виенскиот концерт, големите национални настани како што беше беатификацијата на Мајка Тереза, светските шампионати и Олимписките игри.

Ако во земјата се случува нешто големо, луѓето по автоматизам знаат дека тоа ќе се емитува во јавниот сервис, бидејќи тоа е мисијата на еден медиум кој се финансира директно од граѓаните. Ова е голема одговорност за сите вработени во МТВ2, но и успешно исполнување на нашата мисија. Со повеќе финансиски средства, сите овие работи можеби ќе можеа да се направат во друга форма, но и вака како што се прават во моментов, ние сме задоволни, иако не максимално.

 

ОДЛУКАТА ЗА 24-ЧАСОВЕН КАНАЛ НА АЛБАНСКИ Е ДОБРА ЗА СИТЕ

Дали имате доволно средства за 24-часовен канал? Во јавноста се зборувaше за такво нешто, за ваквите можни пречки?

Мигена Горенца: Има еден усвоен закон во Собранието што произлезе од еден политички договор. Со исполнување на условите за доделување посебни финансиски средства за работењето на 24-часовниот канал на албански јазик и прифаќање на нашите барања за екипирање со новинари, технички персонал и со техничка апаратура неопходна за реализирање на оваа програма, се надеваме дека многу бргу и во практика ќе почнеме да функционираме така како што отсекогаш сонувале вработените на оваа програма, а тоа е еден канал што ќе емитува 24 часови без престанок програма на албански јазик.

Како ќе ја направите оваа промена за 24-часовното емитување, каде ќе одат другите заедници? Дали е ова соодветното решение за вас? Ако да, зошто? И ако не, зошто?

Мигена Горенца: Никој не е порадосен од вработените во програмата на aлбански jазик поради политичката одлука што има директна врска со нашата програма. Ние имаме долга историја на „војување“ во МРТ за што повеќе простор за емитување. Сме почнале со многу малку, само со „Телевизиската хроника“, а сега сме речиси една целосна програма.

Модерните технологии даваат многу можности што ќе помогнат во овој случај и во поделбата на програмата на албански јазик, од програмите на петте други заедници кои не се мнозинство. Но, како што спомнав погоре, за сè се потребни финансиски средства. И ние, но и другите редакции што сега веќе функционираат во рамките на Вториот програмски сервис, сметаме дека поделбата би одела во прилог на гледачите на сите програми. И програмата на албански јазик би го имала саканиот 24-часовен простор на располагање, но и другите редакции би ја прошириле својата програма, која актуелно се состои од само три и пол часови дневна програма. Затоа, станува збор за една одлука за доброто на сите. Чекаме само реализација во практика.

Вашата обемна новинарска кариера сигурно брои многу предизвици, дали може да споделите еден предизвик заедно со лекцијата што сте ја научиле од тој предизвик?

Мигена Горенца: Годината 2001. беше предизвик за сите, несомнено и за мене. Еден предизвик што ме научи дека нештата треба да се кажуваат отворено во оваа земја, каде не секогаш се прифаќаат отворените ставови на луѓето што мислат поинаку. Таа година научив како е да бидеш казнета со плата и да бидеш под закана за протерување од Македонија, но во исто време научив дека човекот што е убеден за работите во кои верува, не треба да се плаши од ништо.

Оваа „лоша навика“, како што ја нарекуваат некои луѓе, на кажување на работите отворено, ми предизвикала големи проблеми и во следните години и продолжува да ми предизвикува и сега. Научив дека во Македонија луѓето не ги сакаат тие што им кажуваат в очи каде грешат, научив дека во една земја каде што се сите „сезнајковци“ е многу тешко да им кажеш в очи колку, всушност, тие не знаат. Научив дека подобро поминуваат тие што молчат. Но, ја научив и најважната лекција во животот. Доколку молчиш, работите не се менуваат и тие што молчат се исто толку виновни колку и тие што прават лошо. Јас сум од тие новинари што не молчат, не земајќи предвид дека немолчењето може да ми наштети. Подобар е еден човек што ти ги кажува работите в очи, отколку 100 други што те тапкаат по рамо, а ти забиваат нож в грб.

Значи, научената лекција од предизвиците во сите овие години ме направи подиректна во соочување со луѓето. Во оваа доста долга телевизиска кариера, научив уште нешто: „поумни“ и „повредни“ се токму тие, неработливите, но што знаат да се фалат. Јас одбрав да работам и да молчам и имам еднa професионалнa биографија која зборува многу погласно од мене.

 

НЕМА НЕЗАВИСНИ МЕДИУМИ

Дали можете да ни наброите три карактеристики на медиумите денес, што го одвлекуваат новинарството од неговите начела?

Мигена Горенца: Да, тоа се следниве:

  • Денес секој си дозволува себеси да се повика во име на новинарството. Не секој што има пред себе компјутер и што името му се појавува некаде е новинар, ова треба да се разбере јасно. Денес секој мисли дека ако пишува, макар и непотврдени празни зборови, е новинар и ова е првиот нож што медиумското новинарство му го заби в грб на вистинското новинарство. Ние сме сведоци на потценувањето на вистинското новинарство од интернет-медиумите кои се во состојба да пишуваат сè, само за неколку кликнувања повеќе, понижувајќи ја така професијата.
  • Не сите медиуми се третираат на еднаков начин од законот. На порталите им е дозволено да пишуваат сè без да бидат казнети од никого, а другите медиуми треба да бидат внимателни во исполнување на сите критериуми и новинарската етика, бидејќи има едно надзорно тело што ги казнува за макар и најмало прекршување на законите и на одредените правила. Притоа имам почит за порталите што ја почитуваат новинарската етика.
  • Вистинското новинарство се заснова на точност, правичност, независност и на одговорност, но, како и во секоја друга професија, не секој што се нарекува себеси новинар има способност да ги поседува овие карактеристики. Во последно време е излезен еден нов вид на „новинари“, кои јас ги нарекувам „кафеански новинари“. Мислам дека треба да има посебен закон што ќе ги забрани „кафеанските муабети“ да бидат предмет на информација. Треба да се изолираат на најбрутален начин тие луѓе што во име на „новинарството и слободата на изразување“, прегазуваат секое прифатено правило или етички стандард на однесувањето, наштетувајќи ѝ така на професијата.

За среќа, во Македонија има многу професионални медиуми и луѓето се свесни и знаат од каде треба да се земаат вистинските информации.

Денес во Македонија, политиката го диктира медиумот или медиумот политиката?

Мигена Горенца: За жал, политиката го диктира медиумот, во добра и во лоша смисла на зборот. Политиката е главна преокупација на граѓаните, a како таква го одредува начинот на кој медиумите ги конципираат своите програми. „Најинтересните“ политички дебати се тие во кои политичарите се караат еден со друг, првите вести во информативните изданија во повеќето случаи се составуваат од актуелните политички настани. Нема како да биде поинаку, во време кога политичката криза во Македонија е главниот елемент во секојдневието. Кризата до толку е навлезена во нашите животи, што и кога врне дожд, ние првин дискутираме која политичка партија е виновна за тоа, а потоа прашуваме кој е оштетен.

И законите за медиуми, макар и тие за медиумска независност, се донесуваат од политиката. Комисиите што треба да ја надгледуваат медиумската независност, се одредуваат од политиката, политиката го финансира „слободното мислење“ преку владините реклами или „независни проекти“ на здруженијата што мислат поинаку од власта. Во Македонија нема слободен став, или си со „нас“ или со „нив“. Вака се гледа на работите и оваа концепција, за жал, ги опфатила и медиумите. Нема независни медиуми, има медиуми зависни од едната или другата страна.

Која би била Вашата порака за тие млади што сакаат да се ангажираат во новинарството?

Мигена Горенца: Новинарството, во вистинска смисла на зборот, не е професија што те збогатува (со исклучок на новинарите што ја претвориле професијата во средство за придобивка од проекти по секоја цена). Вистинското новинарство те остава без сон, те одделува од семејството на кое ќе му недостигаш можеби и во најважните моменти, те деформира на таков начин што во секој обичен разговор ти бараш да ја најдеш скриената порака или да извадиш заклучоци. Ти создава колку пријатели, толку и непријатели, бара голема пожртвуваност.

Но, телевизиското новинарство има и своја убава страна. Те прави позната јавна личност. Заради ова последното има луѓе што се ангажираат во новинарството за да бидат славни. Новинарството не е слава, славата доаѓа со работа – оваа е мојата порака за младите.

Не е едноставно само земање една плата, има многу работни места што ти овозможуваат една плата, дури и без воопшто да се оди на работа. Новинарството е страст, доколку не е такво, тогаш тој што го прави, ќе биде само еден вработен во медиумите, но никогаш вистински новинар. За мене, новинарството е најубавата жртва во мојот живот, за која никогаш не сум зажалила.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести