verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумското слепило – плод на новинарската (де)професионализација

on 16 - 05 - 2016       

 

Слепило. Фото: pixabay
Слепило. Фото: pixabay

 

Македонското секојдневие во последните 25 години е исполнето со обиди за дефокусирање на јавноста преку разно-разни тези во однос на оние кои се на власт, но и на оние кои се во опозиција. Така, секакви (не)вистини излегоа, но и беа „пробуткани“ на површина заради интересите на тие што стојат и играат заткулисно, а најмногу преку „сопствените медиумски гласила“, кои ги држат во состојба на сервилност без иднина во квази-обидот да се постулира и да се развива демократијата. Оттука, многу тези и во последните 12 турбулентни месеци за македонската „демократија“. Од најбанални, учебникарски, па сè до конспиративни и реално тешко проверливи. Но, една од нив посебно збунува, особено заради својата тежина и проблематичност: што ако она што го нарекуваме медиумска депрофесионализација, всушност, е одличен пример за добар професионализам!? Парадоксално, зарем не! Саркастично, само ако не сте независен.

 

Пишува: д-р Дејан Донев, вонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

Иако за депрофесионализацијата во новинарството сè повеќе се говори и таа се акцентира, па од составен дел станува најголем сепнувачки камен во решавањето на  проблемите во кои сме… сепак, всушност и не се работи толку многу за депрофесионализирање, колку што станува збор за вистинско „слепо“ (дословно) професионално извршување на дејноста. Па, оттука, наместо да сме поборници на тезата дека медиумите, новинарството е јавна дејност која почива на вистината и на независноста во нејзиното пренесување, сè почесто, иако зајадливо и саркастично, говориме дека истите навистина добро и (што би се рекло, колоквијално „до даска“) најпрофесионално работат.

Претходното укажува само уште повеќе на фактот дека она што нам во последно време ни пречи е интересот и наредбодавецот (медиумските, политичките, економските газди, елити, тајкуни…), а не толку многу прашањето за свеста која повикува на совесно, т.е. професионално извршување на дејноста. Тогаш говориме за „професионализација“, а не за депрофесионализација. Ова затоа што новинарите, без оглед на интересот, секогаш одново и одново ќе ја извршуваат својата професија во согласност со одредени стандарди, само што се менува контекстот, т.е. во чија служба ќе бидат. И тука нема забелешка: секој се бори за парче леб!

 

КОЈ ИНТЕРЕС ТРЕБА ДА ДОМИНИРА?

А прашањето и натаму виси: дали нечиј интерес или јавниот интерес треба да доминира? Кој интерес треба да го следи новинарската бранша? На крајот на краиштата, на кој начин истиот треба да го задоволува? Проблем е интересот и во име на кого истото се прави, т.е. дали оваа јавна дејност ќе го напушти принципот на независност или не. Тоа е клучното прашање, бидејќи во согласност со одговорот на истото ќе може и да се каже дали тоа е интересот на одредена интересна групација или јавноста пред која треба да се полага сметката, а оттука и креирањето на јавното мнение. Тоа е така затоа што јавното мнение е онаа чуварка на моралните вредности во општеството.

Истото да го анализираме на случајот со медиумското покривање на позначајните политички настани, но само од почетокот на годинава. Основно начело ни е вистината, а базичен принцип во одредувањето на степенот на професионализација ни е независноста, која може пластично да се толкува како способност да се биде неутрален, без „застранувања“ на едната или другата страна во известувањето. Идејата е колку медиумите знаат и се држат во една ваква констелација да ја разликуваат вистина и анализираат за неа, со што би се помрднале од базичната функција на голи пренесувачи на информации и факти. Уште повеќе, во согласност со степенот на професионализација на медиумските работници, колку истите во вакви услови на релативизирање и разводнување на вистината знаат, настрана од филозофското толкување, да направат нејзино разграничување во општествено-политички контекст, на онаа општоприфатена вистина која се изразува преку мнозинството, без притоа да направат обиди за дискриминација и без рафална стрелба преку орудието „говор на омраза“. А, треба да креираат јавно мислење, односно да создадат конверзациски свет во кој сите ние живееме.

 

СОЗДАВАЧОТ НА МЕДИУМСКОТО СЛЕПИЛО

Да тргнеме од темата „избори“, па сè до „револуцијата“. Ако се тргне од проверка на тезата дека изборите во јуни се за зацврстување на демократијата, а не автократија, тогаш, кај провладините медиуми, не сме многу далеку од изместување и нарачано пренесување и толкување на настаните за уривање на силината на позицијата на опозицијата дека мора прво да се создадат услови за кредибилни избори, а особено на идејата и на тезите на носителите и на поддржувачите на граѓанското движење „Протестирам“, па сè до обидите да се девалвира и работата на СЈО и личноста на Катица Јанева. Едновремено, тука би ги споменал и спинуваните информации од „Шарената револуција“, па сè до обидот да се бранат позициите и да се сочуваат рововите на „Сендвич револуцијата“, оправдувањето на нивните акции, ставови, дела. А, сликата беше и сè уште е кристално чиста, но за оние кои сакаат да ѝ погледнат на вистината „в очи“!

Оттука, логично е прашањето за создавачот, односно создавачите на медиумското слепило кое во последно време се продуцира по инерција од политиката. Можно ли е довербата во политичкото да згасна? А нејзиното згаснување не може да се преведе поинаку освен дека и ние, јавноста, критички преиспитуваме што ќе восприемиме од тој конверзациски свет кој го креираат медиумите за неа. Уште повеќе, би завршил со зборовите на Миодраг Лабовиќ од колумната „Јавниот интерес и поделените медиуми“:

„Избалансирани, независни медиуми, професионално новинарство, јавен интерес – што ли е тоа? Какви се тие измислени поими во Македонија? Врв на хипокризијата и крајната расипаност е кога: сите непрекинато декларираат дека го застапуваат јавниот интерес и се залагаат за суштинска дебата во избалансираните и професионалните медиуми, а бегаат од нив како „ѓавол од крст… Се согласувам со критериумот за диференцијација на професионалци и на непрофесионалци, а не на проопозициски и провладини новинари. Но, страшното е што и „објективните професионалци“ премногу конвергираат кон партиско-политикантските агенди на некоја од поларизираните партиски табори. Или, едноставно, мораат да се придржуваат на политиката на медиумот финансиран и зависен од одредени центри на моќ.“

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести