verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумските рамки за анализата на Рамковниот договор

on 15 - 12 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
Јаболко на раздорот. Најавата за изработка на Анализата на Рамковниот договор во септември. Фото: Мета
Јаболко на раздорот. Најавата за изработка на анализата на Рамковниот договор во септември. Фото: Мета

 

При известувањето за неодамна објавената анализа на Рамковниот договор, медиумите се поделија по етничка линија – и според третманот на темата, но и според ставовите што доминираа во медиумите на македонски и оние на албански јазик.

 

Пишува: Светлана Вељановска, доц. д-р по меѓународно право

 

Поделеноста на македонското општество може да се согледа од многу аспекти. Деновиве, покрај партиските несогласувања околу суштествените приоритети во државата, сѐ повеќе на виделина излегуваат и различностите околу приоритетите кои ги имаат етничките заедници во земјава.

Медиумите, како и во сите други сфери, и во овој случај имаат значајна улога од аспект на креирањето на јавното мислење. Имено, додека на медиумите на албански јазик голем простор се издвојува за третманот на Охридскиот рамковен договор и неговите евентуални измени, кои, според нив, се внесени во т.н. анализа на Рамковниот договор и за која тема се организираат и дебатни емисии со поканети еминентни соговорници од партиите на албанскиот политички блок и од експерти во оваа област, состојбата кај медиумите на македонски јазик е малку поинаква.

 

Што нудат медиумите на албански јазик?

Отприлика ова се насловите преку кои се одвиваше анализирањето на Охридскиот договор во „Алсат М“ од почетокот на декември. Експертите и политичарите, кои беа поканети, се изјаснија дека станува збор за предизборен политички маркетинг и за можност која постоела многу порано и не морало да се користи актуелниот предизборен момент:

„ДУИ има за цел да придобие политички поени, а не да ги надмине досегашните неуспеси.

Реално паѓа во вода целиот заклучок дека Охридскиот договор е стандард кој ги исполнува потребите на реалноста во Македонија… Без промена на оваа ментална и политичка структура, нема да имаме некоја сериозна измена од формално-правен аспект, а да не зборуваме за практичното спроведување.“ (Алсат)

Потоа, имаме комуникација со граѓаните кои во презентираните анкети се изјаснија дека вината ја гледаат во албанскиот партнер во Владата, за во наредните содржини на медиумот да се продолжи и со обвинувањето на владејачката партија од македонскиот политички блок дека е незаинтересирана за анализата и дека и покрај фактот што одлуката да се направи анализа на Рамковниот договор била донесена на седница на Владата на РМ, нема доволно политичка волја понудените измени да бидат имплементирани.

 

Што нудат медиумите на македонски јазик?

Она што најпрво се забележува е дека во нив ова тема почна да се разработува подоцна и многу поповршно отколку во медиумите на албански јазик. Иако и овој момент е доволно индикативен за значењето што му се придава на овој документ кај медиумите на македонски јазик уште поиндикативен е аспектот од кој се известува или анализира.

Она на што особено се посочува е дека менувањето на преамбулата на Уставот и бришењето на етничките заедници во неа, односно истакнувањето на граѓанскиот концепт, не се соодветни, туку се контрадикторни од аспект на точната содржина на анализата, во која, покрај другото, се бара целосно спроведување на Бадинтеровиот принцип, кој и понатаму ќе треба да се применува на локално и на државно ниво (во сферата на вработувањето, донесувањето на буџетите и сл).

Исто така, во дел од нив се пренесува ставот на албанската опозиција дека вината за неспроведување на првичниот Охридски рамковен договор се лоцира во владините партнери од двете заедници:

„Од наша страна е укажано дека Охридскиот договор, поради неимплементација на време е растурен договор и тоа не по вина на Албанците. Ние имаме предлог за нов договор што ќе биде во духот на Охридскиот договор. Не сме против Рамковниот договор, но потребен ни е нов договор и нови рокови“ (Лидер)

Анализата во „Дневник“ препораките за нов рамковен договор ги третира од аспект на поттикнување федерализација на државата и евтин предизборен маркетинг на албанските партии, како и услови за послеизборен пазар за создавање владини коалиции.

Први кои доаѓаат до податокот дека анализата на Рамковниот договор е владин проект и кои овој документ го презентираат, се „24 Вести“. Од нив овие информации ги преземаат другите медиуми. Таму се истакнува податокот дека станува збор за документ кој пред Владата требало да биде доставен уште во август годинава, а да се презентира овој месец, но по сѐ изгледа дека фактот што стигнал и до медиумите ги усложнил работите и дискусијата се насочила во друга насока.

Ова тврдење не е прифатено од страна на ВМРО-ДПМНЕ со аргумент дека анализата се прави по барање на Секретаријатот за спроведување на Охридскиот договор и тврдење дека: членовите на ВМРО-ДПМНЕ не учествувале на ниту една од конференциите што ги организирал Секретаријатот заедно со ОБСЕ и Европскиот институт за мир.

Се пренесуваат и ставовите на оваа партија дека се против федерализација на државата и против изучување на албанскиот јазик во секое село низ Македонија.

Дел од медиумите контекстот на почитување на политичките договори од 2 јуни и од 15 јули ги поврзуваат со барањето за ревидирање на Охридскиот договор и на тој начин ја објаснуваат потребата и суштината за изработувањето на оваа анализа на договорот.

 

Перцепцијата за анализата на Рамковниот договор во јавноста зависи од медиумскиот пристап

Фактот, кој е пренесен преку анкетите, дека граѓаните Албанци во РМ се сомничави во тврдењата на нарачателот, според кои нивните права и статус во државата ќе се подобрат со новите препораки што произлегоа од анализата на Охридскиот договор и дека вината за досегашниот застој во спроведувањето на договорот ја гледаат токму во владејачката партија на Албанците, е презентиран само во медиумите на албански јазик. Ова воопшто не се третира во медиумите на македонски јазик, односно нема анкети меѓу граѓаните Македонци да кажат што мислат за оваа анализа.

Експертите од албанската стручна јавност се изјаснуваат отворено за неимплементација на Охридскиот договор и стојат на ставот дека тој треба да се измени, додека за истото прашање македонската стручна јавност, која е прашана за став, се задржува на проблемот за евентуална федерализација на државата ако се воспостави употреба на албанскиот јазик на територијата на целата држава.

Сличен е и ставот на политичарите од двата етникуми, барем на оние кои се прашани во медиумите.

Овие неколку податоци покажуваат колку е важен моментот на присутност на некој настан во медиумите. Граѓаните секојдневието во најголем дел го перципираат преку она што им го нуди медиумот кој најредовно го следат и оној настан кој не е презентиран таму како воопшто и да не се случил.

Токму од тие причини согледувањето и пренесувањето на секојдневните состојби, суштествени проблеми и настани, не треба да се игнорираат и потребно е да бидат следени и презентирани од сите медиуми. Селективното известување не значи дека проблемот не постои, напротив, навременото известување може да помогне проблемот да се осознае и полесно да биде надминат.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести