verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумските колоси на Балканот и нивните идеолошки опашки

on 19 - 09 - 2016       
Н1 ТВ и Спутњик Радио, нови регионални медиумски играчи - различни во секој поглед. Фото: Н1/Спутњик
Н1 ТВ и „Спутњик радио“, нови регионални медиумски играчи – различни во секој поглед. Фото: Н1/Спутњик

 

Телевизијата Н1 дојде како приватна компанија на поранешното југословенско тло, а „Спутник“ како државна компанија, чие седиште си остана во Москва. На првата ѝ беа потребни години за да добие дозволи за работа и постојано е на мета на власта, а втората едноставно „атерира“. Нивната позиција може да се мери врз основа на идеолошката нерамнотежа во општествата каде тие дејствуваат и таа нема врска со тоа што евроатланските ориентации се во предност кај луѓето со менувачот в рака

 

Пишува: Љубомир КОСТОВСКИ

 

Појавата на регионалните телевизии на Балканот веројатно не е нешто што би било карактеристика за овој дел на континентот, уште помалку за модерниот свет на комуникациите. Најпрвин, вгнездувањето на „Ал Џезира Балканс“ во Сараево, со покривање на целиот простор на поранешна Југославија, во тие рамки и на Македонија, преку дописништво во Скопје, беше наше прво соочување со една таква медумска амбиција на телевизиски колос. Потоа, дојде можноста да се гледа преку кабелските мрежи и американската Н1, која кај нас нема свое дописништво и чии појасни интереси се врзани за појасот каде се користеше некогашниот српско-хрватски јазик, денес малку повеќе сегрегиран (се појави босанскиот, па црногорскиот јазик), ама каде нема никакви културни бариери, кои би ја попречувале консумацијата од страна на речиси 15-милионскиот аудиториум. Како некаква противтежа на Балканот е дојдена и руската испостава на новинската агенција „Спутник“, како продолжена рака на државната агенција „Севодња Расија“, која е концентрирана главно онаму каде живее население што го користи српско-хрватскиот јазик, ама со амбиции за јазична восприемчивост и кај нас, добиена преку честите пренесувања на програмата во печатените и во електронските медиуми на нејзини прилози и кај нас, заради одреден јасен идеолошки и политички интерес за одржување на таа „линија“.

 

МЕКА МОЌ НА ВЕЛЕСИЛИТЕ

Што покажува таа „мека моќ“ на Балканот? Преку магазинот „Време“ добивме некои сознанија летово за испитувањето што невладината Медиумска опсерваторија од Белград, која ги испитувала околностите, впечатоците и улогата на медиумите  – американската приватна ТВ компанија Н1 и рускиот „Спутњик“, кој е регистриран само како радио-станица. Истражувачи биле Бојан Вучичевиќ и Тамара Секуловиќ.

Најпрвин, мора да се забележи дека овие две медиумски куќи ја согледуваат поранешна Југославија како јазични компатибилен заеднички културен простор, кој може да биде неофицијално обединет пазар и има своја публика која емотивно и од други причини е сè уште заинтересирана за регионалните настани. За тоа, да потсетиме, своевремено пишуваше и истакнатиот аналитичар на Балканот Тим Џуда („Економист“, 20 август 2010 година) како за „југо-сфера“, израз кој одвреме-навреме и ни се враќа во секојдневната економска и политичка лексика.

Инаку, запрашана за коментар за контекстот кој придонесе за доаѓањето на големи странски медиуми во Србија и во регионот, професорката на Факултетот за политички науки, Снежана Миливојевиќ, вели: „Ако си дозволам да сум цинична, јас би рекла дека како што една идеолошка матрица им помогна во раздружувањето на една земја, сега е завртена кон тоа да направи некаква нова креација – регионот да се поврзе на нов начин“.

 

СКРАТЕНА ВЕРЗИЈА

Истражувањето, кое го немаме во комплетна туку скратена верзија, како прилог во магазинот „Време“, се задржало на повеќе теми, на пример, како доаѓањето на глобалните медиуми, во услови на економска криза и политичка нестабилност, влијаат врз медиумите и системот на вредностите на земјите во регионот? Како и зошто мораше со помош на промени во националните законодавства да се позиционираат овие медиуми? Дали и како тие придонесуваат за професионалните стандарди?

Постојат контроверзии во поглед на регулаторната рамка која го дефинира статусот на испоставите на глобалните медиуми, и во нивните односи со политичките актери, што укажува на присуство на различни интереси, поврзани со нивното работење.

Истражувачите потсетуваат дека појавата на ТВ Н1 била проследена и со донесување на нови закони за медиуми во Србија, за кои Медиумската опсерваторија објави делови од истражувањето во текстот објавен во декември 2014 година („Балканскиот Си-Ен-Ен и неговиот аршин“). Дознаваме дека промената на одредбите во законите за медиуми овозможија дистрибутери/оператори да бидат доставувачи на содржина, директен резултат на активно лобирање на „Јунајтед груп“ и ККР во Брисел и во Белград.

 

НАМЕРА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА Н1

Директорот на оваа телевизија во Белград, Југослав Ќосиќ, признава во истражувањето дека „постои еден вид намера да се спречи појавата на Н1 во Србија. Предлози на одредени закони отидоа во таа насока“. Тој истакнува во истражувањето дека од самиот почеток, од страна на властите во Белград и во медиумите каде таа има влијание, доаѓањето на Н1 е дочекано со непријателство. „Опишани сме како проамерикански, антивладини, проопозициони, вклучително и дека сме канал на ЦИА“, додава директорот Ќосиќ. Да се потсетиме дека премиерот на Србија, Александар Вучиќ, неколкупати директно, на прес-конференции, ги нападна новинарите на Н1 („Вие на мое место крвта би ми ја пиеле“ – е изјава која е влезена и во форшпановите на оваа ТВ-компанија). Во април 2014 година, претставник на сопствениците на целата компанија, Дејвид Петреус, се сретна со премиерот Вучиќ, по што веројатно дојде промената на спорни делови од Законот (кои беа пречка за влог на странците кај електронските медиуми), ама и до ветувања дека Петреус ќе дава „прилози“ во инвестициските фондови во Србија!

И сега имаме еден канал во приватна сопственост, кој донел врвна техника и вработил респектибилен број на новинари со познати имиња, каков што е балканскиот „Си-Ен-Ен“. За разлика од Н1, „Спутник“ е официјално радио на руската држава. Тој во Србија легално работи како подружница на покривот на куќата „Севодња Расија“, која, пак, во Москва има статус на јавен медиум! „Ние сме слободни да се прилагодиме на она што постои тука како законската рамка и мислам дека локалните закони, во целина, се прилично добри“, вели Љубинка Милинчиќ, главен и одговорен уредник на „Спутњик“. Според тоа што покажува порталот на „Спутњик“, тој е формиран во Москва на 17 ноември 2014 година, а веќе во јануари 2015 стигнува во Белград. Неговото приземјување, иако со „космичка брзина“, немало никакви формално-правни проблеми, очевидно.

 

ИДЕОЛОШКА НЕРАМНОТЕЖА

Разликите во статусот (на една страна приватна компанија, на друга државна компанија со седиште во друга држава), според професорот на Факултетот за медиуми и комуникации во Белград, инаку и самиот новинар, Зоран Ќирјаковиќ, го имаат како клучен проблем прашањето на „идеолошка нерамнотежа“. Во меѓувреме, на пример, неколку партии со јасна проруска ориентација зазедоа свое место во српскиот парламент, па иако од истражувањето е видливо дека угледот и местото на Н1 е подобро позиционирано во јавноста, присуството на „Спутњик“ има свои подалекусежни ефекти?!

Споредувајќи ги програмските политики на „Спутњик“ и на Н1, уредникот на весникот „Нова српска политичка мисла“, Ѓорѓе Вукадиновиќ (тој е  избран за пратеник во Собранието на Србија како член на парламентарната група на Демократската партија на Србија ), наведува дека „Спутњик“ има поограничена критика на владата во однос на Н1, но причината за тоа ја објаснува како „наследството на политичка култура“ и „поинаквото разбирање на улогата на медиумите и на нивниот однос кон власта“. Тој наведува дека на „Спутњик“, повеќе од официјалните српски медиуми, може да се слушне критика на режимот, или, како што вели, „особено кога е поврзана со политиката на евро-атлантската интеграција, во однос на НАТО и на Европската Унија“ и нагласува дека и во двата медиуми, во целина, се следи линија на надворешната политика на земјите на потекло на медиумот: „Кога е „Спутњик“ во прашање, врската е јасна веднаш, а во случајот на Н1 постои малку подолг синџир, што не значи дека не постои“.

Ѓорѓе Вукадиновиќ, исто така, верува дека кај овие медиуми, во основа, има позитивна улога врз српската медиумска сцена и изјавува дека Н1, со севкупниот изглед, придонела за објективно информирање на граѓаните, бидејќи тоа е медиум целосно отворен за критика на владата. „Српското медиумско небо, особено електронското, телевизија, целосно е затворена за критика на режимот, особено кон Александар Вучиќ“, вели тој.

Третманот на македонските теми, во овие два односно три медиуми (вклучително и „Ал Џезира“), особено оние врзани за политичата криза која долго опстојува кај нас, ги покажува приближно истите сознанија, иако кај нас нема такви емпириски истраги. Во однос на состојбите со медиумите и нивната честа непрофеисоналност, од надвор главно добиваме занаетчиски стимуланси..

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести