verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумскиот кукавичлук на власта

on 16 - 07 - 2015       
Без бол, со бес. Фото скриншот: Maktel.mk, колаж: СПФМ
Без бол, со бес. Фото скриншот: Maktel.mk на YouTube, колаж: СПФМ

 

Координираното продолжение на насилството врз Саше Политико е само знак на немоќ по првата физичка пресметка пред неговата зграда, чии сторители, очекувано, никогаш не беа откриени, како и јасен показател за медиумскиот кукавичлук на власта која од слободната размена на мислења се плаши како од змија отровница.

 

Пишува: Владимир Петрески

 

Физичките напади врз Саше Ивановски – Политико покажуваат комплетно непочитување на законите и на обичната човечка пристојност. Напротив, тие покажуваат еден кукавички бес, страв од јавниот суд, па дури и задоволување на најниските садистички страсти на една недемократска политичка елита и на нејзините пропагандистички кучиња.

Насилството врз Саше во изминатите 48 часа веќе опасно наликува на договорена политика, која како да се спроведува по издадена директива и со вообличена извршна стратегија. Чашата како да ја прели неодамнешната набрзина прекината посета на премиерот Никола Груевски на новиот парк во Општина Аеродром, откако таму беше здогледан и Саше. Стравот направи да нема заедничка изјава, иако беше најавена, па премиерот си влезе во „мерцедесот“ и набрзина замина, по само 5-10 минути од пристигнувањето. Последното сериозно предупредување пред да се прибегне кон најновиот бран насилство се случи на ТВ-дневникот на „Сител“, од страна на Драган Павловиќ Латас, кој на тема Саше Политико потроши цели три минути, индиректно повикувајќи на линч и сеејќи страв дека Саше можел да се појави на нечија свадба(?!).

 

 

Следниот ден по јавното предупредување, пак, колега на Латас од иста редакција, кој се отповикува на прекарот што звучи исто како и традиционалниот гурмански специјалитет „сарма“, физички го нападна Саше на само неколку десетини метри од каде што државниот врв, заедно со ЕК-комесарот Јоханес Хан преговараше за разрешувањето на политичката криза. Веднаш утредента насилството врз Саше го повтори и вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски, инаку владин министер кој е најмногу мазен и пазен, односно најмалку напаѓан и од критичките медиуми, но и од „бомбите“ на Заев, иако за таквиот повластен третман никогаш немало причина.

Со оглед на авторитарниот ментален склоп на власта, освен насилството, таа не знае како на друг начин да постапи против лице кај кое заканите и ќотекот немаат ефект. Со оглед на тоа што власта се сретнува со некого кого не може да го заплаши и поткупи, а не знаејќи како да постапи, насилството останува нивно единствено средство за комуникација, зашто друг начин на општење и не знаат, за работите да отидат дури дотаму владејачката партија во своето соопштение безмалку да вети употреба на насилство и во иднина:

„Следниот пат, и СДСМ и платениците како Политико и слични на него треба да бидат свесни дека ќе се носат со последиците кои се резултат на било кое загрозување на приватност, слобода и права кој секој поединец и субјект независно од функцијата која ја поседува.“

Ваквото правнички неписмено соопштение, кое поставување новинарски прашања на улица поистоветува со „загрозување на приватност, слобода и права“ (која приватност на јавно место ?!) е само уште едно маскирано предупредување за насилството што ќе следи.

 

ИНАЕТЧИСКА ОДМАЗДОЉУБИВОСТ

А, кога станува збор за тоа кој е способен и подготвен да прибегнува кон насилство, негова организација и спроведување на јавни места против несакана личност, кој нема никакви резерви или лични етички контролни механизми, а поседува и склоност за такво нешто, јасно слушнавме од лентите со прислушуваните разговори, на кои до детали се планираше физички напад врз градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, кому „граѓанин“ требаше да му удри „3-4 шамари“.

Целата оваа одмаздољубивост и желба за владеење преку манифестација на моќ и на насилство, а не преку градење консензус и компромиси се пресликува и во медиумите. Тие имаат способност да навлезат длабоко во суштината на нештата, во сржта на вистината и затоа се толку многу важни за секоја демократија, како и штетни за секој недемократски режим. Проблемот е само што медиумите не можеш да ги натепаш, не можеш сите да ги затвориш, како што не можеш ни сите да ги купиш за пари. Но, ова не се вклопува во матрицата на авторитарниот популизам, чија политичка филозофија Груевски ја користи како основна во своето владеење. Затоа, медиумите мора да бидат строго контролирани, корумпирани, затворани, потплатувани на сите можни начини. Сето ова, се разбира, е резултат на невиден медиумски кукавичлук и на избегнување какво било искрено, отворено, слободно и нережирано соочување со јавноста. Колку далеку отиде тоа кукавичко манипулирање и со медиумите и со вистината, видовме ноќта по насилството врз Саше Политико во Пржино: сите провладини медиуми без исклучок го одобрија и го охрабрија насилството на дотичната и прекарно таканаречената личност „сарма“. Неговите камермани дури и гласно се смееја по физичкиот напад, јавно изразувајќи садистичко задоволство поради туѓа болка.

 

ПРЕМИЕРСКИ МЕДИУМСКИ КУКАВИЧЛУК

Кога ќе го прашате Саше зошто го прави тоа што го прави, како што и го прашавме, тој најпрвин ќе се зачуди зошто вие и другите негови колеги не го прават истото и потоа ќе ви каже дека одговори на најважните прашања кои произлегоа од прислушуваните разговори од властодршците во земјава, освен на неговиот начин, нема како да се добијат и ќе додаде дека тој начин е единствен преостанат за јавноста да го осознае кукавичлукот на власта во однос на медиумите и до каде таа е подготвена да оди само да не одговори на неговите прашања, кои се, бездруго, од голем јавен интерес и чии одговори јавноста има сосема легитимно право да ги дознае. Но, медиумскиот кукавичлук и избегнувањето на соочување со јавноста на оваа власт веќе поприма легендарни карактеристики.

Сите знаеме за неучеството на Никола Груевски во предизборни дуели со опозицијата, при што е искористено недоветно објаснување оти таквите дуели немало да бидат на ниво и ќе имало лични напади и навреди. Ваквото објаснување е навредливо само по себе зашто експлицитно кажува дека во земјава никој, освен власта, не е способен за цивилизирана комуникација. Што, пак, е крајно егоцентрично и бесмислено. Дали можете да замислите која било друга европска земја во која ниту премиерот, ниту неговите министри, ниту пратениците никогаш, ама баш никогаш да не учествувале во каква било отворена ТВ-дебата заедно со други гости, во која слободно би се разговарало за актуелните прашања и во која водителот/модераторот не би бил избран од власта врз основа на партиски критериуми? Такво нешто досега не сме виделе.

 

МИНИСТЕРСКИ МЕДИУМСКИ КУКАВИЧЛУК

Состојбата со медиумскиот кукавичлук на власта е уште подрастична кај министрите и кај пратениците. Министрите не смеат на своја рака да објават каква било поважна информација зашто тоа право го има само Груевски. Не дај Боже некој од Агенцијата за странски инвестиции или од економските сектори на Владата да објави доаѓање на некоја нова инвестиција, на пример. Тоа скапо ќе го чини. Такви информации има право да објавува само Груевски и никој друг. И тоа, ако не е лично во можност да даде изјава пред медиумите, тоа се врши преку неговиот фејсбук-профил. Важно е само некој од министрите да не се осмели да му ја украде славата. Ај, што премиерот никогаш не учествува на јавни ТВ-дебати или не дава интервјуа на слободни и на критички новинари, туку тоа не смеат да го прават ни министрите. Ни случајно. Ај што Груевски се нема никогаш појавено на ниедна од четирите најеминентни дебатни ТВ-емисии (24 анализа на „24Вести“, Топ-тема на „Телма“, 360 на „Алсат-М“ и Вин-вин исто на „24Вести“), такво нешто не смеат ни да помислат да направат министрите. Сите овие дебатни емисии се на ТВ-станици кои не се блиски до власта, додека на телевизиите блиски до неа, какви што се „Сител“, „Канал 5“, „Алфа“ и МРТВ, воопшто ни нема дебатни емисии, ниту, пак, смеат да се создадат. Замислете британскиот „Би-Би-Си“ (BBC) или германските „А-Ер-Де“ (ARD) или „Зе-Де-Еф“ (ZDF) во своите програмски шеми да немаат ниедна дебатна емисија за актуелните настани во своите земји. Но, во Македонија таквите емисии во провладините телевизии се едноставно под забрана. Има можност само за строго контролирани промотивни интервјуа во вестите и тоа е сѐ. Конечно, колкав е легитимитетот и дигнитетот на провладините телевизии доволно говори и фактот што странските амбасадори и странските државници во посета на земјава речиси никогаш не даваат интервјуа за нив, туку тоа безмалку исклучиво го прават за телевизиите критички настроени кон власта.

 

ПРАТЕНИЦИТЕ КАКО ЗАКРЕПОСТЕНИ КМЕТОВИ ОД ФЕУДАЛИЗМОТ

За медиумскиот ангажман на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, пак, и да не говориме. Нивната ситуација претставува современа верзија на закрепостените селани во времето на феудализмот, кои се задолжени уште со самото раѓање, зашто земјата на која живеат и која ги храни му припаѓа на феудалецот. Безмалку слично како што актуелните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се закрепостени кај партијата, односно кај нејзината врхушка и тоа уште пред да станат пратеници. Закрепостеноста се врши преку условно задолжување со меници вредни стотици илјади евра во корист на партијата, потпишани со нивната кандидатура, а кои можат да им се активираат во оној момент кога раководството ќе го посака тоа. Ова го објаснува и фактот што и по девет години ниеден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, во ниеден од трите пратенички состави во Собранието оттогаш, нема преминато во ниедна друга партија, никогаш нема направено своја партија и ниеден од нив нема истакнато кандидатура за највисоката позиција, инаку постапки кои за политичарите во демократскиот свет се вообичаени и очекувани во битката за власт, за позиција или како последица на спротивставени внатрепартиски мислења. Но, во актуелнава ситуација од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не може ништо друго ни да се очекува, освен да бидат гласачка машинерија која само административно и неретко против својата волја удира печат на она што го замислил Груевски. Колку се понижени пратениците на ВМРО-ДПМНЕ покажува и фактот што тие едвај добиваат можност да кажат нешто на партиските митинзи пред настапите на Груевски. Чат-пат некој министер ќе добие пар минути пред премиерот да го грабне микрофонот и да не го пушти до самиот крај. Сето ова, за разлика од опозицијата, каде што и соработниците на Заев и претставниците на невладините организации добиваат значителен простор. Истата ваква состојба се пресликува и во медиумите. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги нема никаде, на ниедна дебатна емисија, што не е случај со нивните колеги од опозицијата.

 

СИСТЕМСКИ СТРУКТУРИРАН МЕДИУМСКИ КУКАВИЧЛУК

Во строго контролираниот, системски структуриран медиумски кукавичлук на власта вклучени се и прес-конференциите, се разбира. Тие неретко се организираат набрзина, при што најпрвин се информираат провладините медиуми, додека критичките само ако се мора, и тоа не сите, прашањата се или забранети или строго контролирани и не се дозволени ако се надвор од темата. А, ако некој и се осмели да праша такво нешто, прес-конференцијата се прекинува и функционерот кој ја држи си заминува. Баш онака како што направи претседателот на Антикорупциската комисија, на својата прес-конференција, откако Саше постави прашање.

Власта не ја научи лекцијата по првиот обид пред неговата зграда да го замолкне преку физичка пресметка. Во својата немоќ таа се реши тепањето да продолжи за да се скрши неговата волја. И тука до израз доаѓа токму нејзиниот медиумски кукавичлук. Наместо да слушнеме како Никола Груевски побарал оставка од вицепремиерот Владимир Пешевски за насилниот испад, со часови по инцидентот во провладините медиуми немаше никакво самостојно и независно известување, туку само партиски диригиран молк. Така беше додека самиот Пешевски, часови подоцна, не се огласи со свое видување на „Фејсбук“, небаре станува збор за тинејџер, кој решил по школо да си помуабети со другарчињата. Како што тоа истиот ден го направија и министерот за финансии, Зоран Ставревски и заменик-министерот за образование, Спиро Ристовски на други теми. Изгледа нивниот шеф само таму им дозволува да се изразат без претходна најава, иако и во овој случај мора многу да внимаваат што пишуваат. Фејсбук-статусот на Пешевски, се разбира, наголемо беше дистрибуиран од провладините медиуми како единствен авторизиран и дозволен начин за претставување на насилниот инцидент. Што уште повеќе го покажува продолжителното практикување на мизерен медиумски кукавичлук заради едно единствено набрзина искажано прашање на Саше пред министерот насилник. Колкав треба да ти е стравот за од едно прашање да се плашиш до таа мера што е неопходно да ти проработат тупаниците?

Проблемот е само што насилството во новинарството никогаш не помагало, па не помага ни сега. Можете да бидете насилни врз новинар, можете и да го замолчите засекогаш (не дај Боже!), но она што не можете да го убиете тоа е приказната која, вака или онака, ќе биде раскажана. Иронијата како да посакувала она од што власта најмногу се плаши (вистината), тоа да биде и единствениот начин таа да се спаси една напаст каква што е Саше. Сè што треба да направи е да одговори на неговите прашања и да го разоружи за тој повеќе да нема материјал, да нема што повеќе да праша, при неговите „истражувачки заседи“. Но, ваквата можност авторитарниот ум, вмешан во тешки криминални дела, едноставно не ја перципира и не ја зема предвид. Давањето искрени одговори на важните прашања од јавен интерес за авторитарниот ум не значат само политичко самоубиство, туку и соочување со правдата. А, таа битка сѐ уште трае.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести