verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Медиумски испрана посета: Урнат споменик и комплименти за домаќинката

on 1 - 11 - 2016       
Додека на Кајмакчалан се поставуваат и кршат споменици, во Софија во 2011 година е организиран постмодерен перформанс во кој војници на Советската војска се претставени како јунаци од американски стрипови. Фото: Википедија
Додека на Кајмакчалан се поставуваат и се кршат споменици, во Софија во 2011 година е организиран постмодерен перформанс во кој војници на Советската војска се претставени како јунаци од американски стрипови. Фото: Википедија

 

Официјалните разговори меѓу македонската министерка за култура и нејзиниот бугарски колега го имаа како мотив влошувањето на односите меѓу двете земји заради т.н. споменични обележја. Или поточно – инцидентот со уривањето на бесправниот споменик на Кајмакчалан. Нашата страна очигледно одеше кон тоа да го минимизира проблемот, а со тоа и есенцијата на муабетот, па дел од македонскиот печат патемното и безначајното го оформи во пропаганден „ефект“ за министерката која за тие „комплименти“ ден-два потоа заработи истрага од страна на СЈО!

 

Пишува: Љубомир КОСТОВСКИ

 

Најновите собитија на планот на македонско-бугарските односи кои се дел од нашето секојдневие последните 40-тина денови, на медиумски план ги покажуваат нашите системски слабости. Граѓаните, консументите на вестите и на коментарите не добија заокружена и точна дефиниција за „случајот Кајмакчалан“: како настанал проблемот, посебно кои се неговите учесници (актери) и како ќе се надмине. Напротив, имаме многу фаули во одговорот на прашањата – како, каде и кој ја оформил таа афера. Дури и по неодамнешната посета на бугарскиот министер за култура Рашидов на Скопје, кој мина во премолчување на најважниот сегмент од посетата (аферата Кајмакчалан) и уште повеќе во однос на тоа што е прифатено од двете страни како појдовна основа за надминувањето на тој случај. Медиумите, пред сè нашите, се соучесници во премолчувањето, односно деформирање на разговорот.

 

ДА ПОЈДЕМЕ ОД КРАЈОТ

На 10 октомври, во земјава гостин на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска беше нејзниот бугарски колега, Вежди Рашидов. Предмет на посетата беше изгладување на односите меѓу двете земји по кршењето со токмак на споменикот на бугарските паднати војници, а кој претходно нелегално го поставиле бугарски граѓани на Кајмакчалан. Ова ги разгоре страстите на релација Софија – Скопје. Посетата би требало да се смета за успешна, барем во поставувањето на проблемот на поинаква основа. Но, македонските медиуми речиси и го одмолчеа тој настан, дури и оние провладините, кои би требало да бидат неисцрпни во пронаоѓањето форми за поддршка на владините политики и тоа во часот кога можеби и „без наша вина“ односите со Софија се брзо подоборени, по споменатиот инцидент.

Бугарскиот политичар Рашидов деновиве објаснува во бугарските медиуми дека на македонската министерка за култура ѝ предложил изградба на обединувачки споменик на врвот на Ниџе, каде би се изразувал пиетет кон сите паднати жртви. Тоа е добро да се чуе, ама не се слушна? И не се повторува, како што кај нас е обичај, како, да речеме, при други настани поврзани со споменатата министерка, на пример, како што е посетата на селото Драчево деновиве и на месната црква!

Од аспект на рубриката во која е поставен текстов, треба да укажеме дека граѓаните имаат право да очекуваат од медиумите да бидат информирани за релевантните собитија кај нас, а секако и за оние кои се дел од релациите меѓу земјава и соседите. Во тој контекст, зошто е важно да се извести навремено и целосно за целите на оваа средба?

Инцидентот кога наш граѓанин го искрши споменикот на Кајмакчалан и за тоа испрати фотографии на „Јутјуб“, целосно ги помати и онака не секогаш стабилните бугарско-македонски односи. Тука имаме, всушност, два значајни моменти – најпрвин, се прескокна моментот на нелегално поставување на споменик од страна на група бугарски граѓани, главно офицери, ама тука во својство на приватни лица, кои поставиле некаков паметник, за што се знаело, ама јавноста не била известена. Потоа, тука е чинот на уривање на истиот споменик од лице што ни малку не е овластено за таков чин. За тоа се потруди да извести самиот сторител преку социјалните мрежи.

 

РЕАКЦИИ НА КУС ФИТИЛ

Бугарските медиуми на последново реагираа со кус фитил, па имавме брзо разгорување на темата со низа обвинувања на наша сметка. Тука, секако, не треба да се заборави, нели, фактот дека нашиот источен сосед е член на ЕУ. Од друга страна, дел од македонските медиуми го величеа овој чин, во зависност од нивната конјуктурна проценка.

Главно, за сите овие настани, кои своето финале требаше да го имаат со посетата на Рашидов на земјава, организирана „промтно“, не се доби некаква точна и заокружена информација кај нас. Прегледот на бугарските медиуми, на пример, открива дека оваа посета наишла таму на голем одек. Во интервјуто за софиски „Фокус“, на пример, Вежди Рашидов објаснува:

„Она што може да нè обедини на Кајмакчалан, е фактот дека овој врв е натопен со многу крв и ние треба да имаме сили да наведнеме глави пред споменот на жртвите. Затоа и предложив да изградиме споменик на Кајмакчалан, кој ќе одигра обединувачка улога, а не да нè дели“.

Ова го изјави министерот Вежди Рашидов во врска со посетата на Македонија и со разговорите за изградба на споменик на врвот Кајмакчалан. Тој изјави дека и Бугарија и Македонија дале евидентни и бројни жртви, иако Првата светска војна е војна на големите сили. „Нашиот разговор со министерката Канческа беше прагматичен, избалансиран… Двете страни се свесни дека кога се однесува до територијата на друга земја, позицијата е да се почитуваат законите на соодветната земја. Со македонската колешка сме на ставот дека плочата на Кајмакчалан била поставена без да се бара дозвола од соодветните институции, а во врска со чинот на подбивањето и уништувањето – оваа акција е недозволива“, беше категоричен тој и додаде дека со министерката Канческа имаат разлики во гледањето на овој чин. „И двете страни сме свесни дека треба да се обединиме околу мудри одлуки и државничко размислување, без притоа да влијаеме на честа, достоинството и на интересите на која и да е од двете земји“, истакна министерот Вежди Рашидов, цитиран според софиски „Фокус“.

Изјавата очигледно укажува на патот за надминување на спорот, но и на постоењето на разлики и одделни толкувања на настаните, особено на чинот на уривање на нелегалниот споменик.

 

ЗАБОРАВ МЕСТО РЕШЕНИЕ

Чинот на средбата од наша страна очигледно е во знакот на омаловажувањето на клучниот мотив за средбата и на постоењето – сè уште – на разлики во однос на „аферата Кајмакчалан“. Министерството на својата веб-страница објави соопштение во кое спомената тема е ставена на крајот и овозможува да се види приближувањето на ставовите, но го сокрива и постоењето на разликите. Медиумите го „фатиле филмот“, па, да речеме, агенцијата „Макфакс“ дури и не го споменува спорот меѓу двете земји кој настана и разговорите на таа тема, иако тие би биле клучни ако добро „се истреби оризот“. Ова, секако, покажува дека агенцијата дури се обидела да го извлече само она што реално и не било толку битно во оваа посета!

Имаме дури и јасен обид оваа посета да се отслика низ ефемерното и безначајното, па она што е важно, како што е аферата со споменикот на Кајмакчалан, никако да ја видиме, ама затоа се „дуваат“ патемната жовијалност на гостинот и неговите комплименти за домаќинката.

Според „Вечер“, гостинот си дозволил и да ѝ посака на домаќинката да остане на нејзиното место и во иднината, оти имала многу идеи за реализација, што е целосно неодговорно, бидејќи читателите ги отргнува од есенцијата на посетата и разговорите. Но, затоа еден чин кој ги загрижува одговорните граѓани од двете страни на границата, го претвора само во пропагандистичко четиво.

 

ВЛЕТУВАЊЕ ВО ПРЕДИЗБОРНА КАМПАЊА

Без да сака, Рашидов некако влета во предизборната атмосфера кај нас, неколку дена пред прес-конференцијата на Специјалното јавно обвинителство, со фактот дека, според „Вечер“, ѝ посакал на Канческа-Милевска „да остане министер уште некое време, бидејќи има идеи кои треба да ги оствари“.

Патем, Рашидов не успеа да ја поправи и својата слика, која е нарушена во соседна Бугарија со откритието дека имал хотел на Алпите, кој не го пријавил како имот. Тој рекол дека се работи само за „голема куќа со многу гостински соби“.

За разлика од нашите пропагандистички сфаќања на информирањето, кое е, пред сè, во функција на пумпање на угледот на одделни политичари и идеологии, таму медиумите не го штедат политичарот во нивната оценка за корупцијата на функционерите. Без оглед што и таму има избори – на 5 ноември ќе се избира претседател на државата.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *