verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумска заслепеност: Македончето на семафор

on 23 - 04 - 2015       
Разнишан семафор - разнишана реалност. Фото: Dome Poon
Разнишан семафор – разнишана реалност. Фото: Dome Poon, 2010

 

Актуелниве властродршци завладеаја со медиумите, а во нив инсталираа бескрупулозни битанги. Строго диригирани од исти такви во највисоките нивоа на власта, медиумите ја одигруваат највалканата игра, која ни фамозната комунистичка пропаганда не успеваше во целост да ја изведе

 

Пишува: Александар ШОЉАКОВСКИ

 

Што најчесто прави обичниот македонски возач, чекајќи на црвено пред семафор? Се разбира, како што доликува на сите културни народи – чепка нос! … И, се разбира, доцни кога ќе се вклучи зеленото светло!

Што ли е тоа што го прави? Или е занесен, има слаби рефлекси, доцна пали или е глупав или, пак, продирајќи со показалецот во носот, блокира некои центри во мозокот и го прави за момент неспособен да реагира.

Оваа секојдневна активност можеби може да ја објасни општата затеченост од она што ни се случува. Дваесетина бомби експлодираа и граѓанинот сè уште не реагира. Барем да се стресе, да скокне од јачината на експлозиите, да се зачуди и да реагира, да се брани. Но, тој и натаму мирно седи. Што ли чека – да се вклучи зелено!? И кој да го вклучи?

Дали повеќегодишната акција за медиумско затапување, која смислено се спроведува во последниве осум-девет години, е толку успешна што македонските граѓани тешко успеваат да сфатат дека она што се случувало во земјава било лажно, дека сè она што се правело во нивно име било само обланда за сите бесрамни конструкции, манипулации и криминали.

Зошто, помеѓу две чепкања на носот, македонскиот граѓанин уште се дума и не успева да сфати дека неговите лидери се забегани личности, примитивни и недоучени, дека патолошки лажат, манипулираат и уништуваат сè што ќе им го попречи патот. Сè за што досега можеби само се сомневаше, сега излегува на виделина како обмислена монструозна варијанта за ставање под целосна контрола на сите домени на нивните животи – од економијата до културата… до душите на граѓаните.

 

КОНСУМЕРСКИ ИДИОТИЗАМ

Зачуденоста од ваквото однесување на граѓаните доаѓа и од сознанието дека истите овие луѓе го имаат искуството од некогашната комунистичка пропаганда која, слично како и сегашнава, се обидуваше да ги контролира човечките души. Медиумите на тогашната пропаганда создадоа систем на вистинити невистини, кои не дозволуваа никаков сомнеж. Тогаш беше неприкосновеното верување дека апсолутната вистина е она што ќе се напише во „Нова Македонија“ или ќе се каже на телевизијата.

Актуелниве властодршци се обидоа да го направат истото, но во сосема други околности. Завладеаја со безмалку сите медиуми, а во нив инсталираа бескрупулозни битанги. Строго диригирани од исти такви во највисоките нивоа на власта, медиумите ја одигруваат највалканата игра, во која ни фамозната комунистичка пропаганда не успеваше во целост.

Веројатно сметале на добрата почва која им ја натапкала поранешната власт и со добро искалкулираниот фактор страв, се постигна барем еден значаен дел од населението да верува во она што му го сервираат. Дали Македончето, навикнато на слепото верување во она што ќе го кажат „во телевизорот“, по автоматизам, наметнатата вистина ја зема како апсолутна. Тоа може да се толкува како консумериски идиотизам, но тоа (засега) е така.

Затоа се прашуваме за здравата памет на нацијата која би поверувала дека, на пример, невработеноста се намалува, а не се намалува, дека се живее подобро од порано, а не е така, дека сите оние стиропор-изведби ќе донесат самодоверба, подем за историската самобитност, дека ќе се зацврстела нашата моќ и углед, а туристите како луди ќе дојдат да се одушевуваат од ганц новиот Акропол.

Дали се верува во евтините приказни на историските ТВ-фељтони, правени по нарачка на шефот и по директивите на власта која сака да напише нова, своја историја? Дали и натаму се верува дека инстант барокот е модерно изразно средство за самобитноста и за дигнитетот на нацијата?

 

КОГА МАСКИТЕ ПАЃААТ

Но, маските почнаа да паѓаат. Се виде дека се измешале лончињата, дека власта не работи за интересот на граѓаните, туку само и единствено за свој личен и евентуално групен интерес на партиската клика. Сите проекти се само покритие за бескрупулозното грабање пари, градежни терени, моќ и доминација, дека само припадноста на криминалната група може да донесе добробит за некого, дека само слепата послушност и гангстерското снаоѓање може да ве издигне до присакувани материјални и професионални благодати. Нема идеологија, таа е само параванот за кражба за оние кои биле избрани да влезат во избраната мафијашка компанија.

Тоа треба да му е јасно и на најзатапениот чепкач на нос кој се вози во половниот подстандарден европски крш, едвај крпи за бензин и секојдневно тоне во мизеријата.

Но, зошто и натаму Македончето не прави ништо да ја промени оваа состојба? Дали медиумското контаминирање има продолжено дејство? Дали стравот е поголем од храброста? Дали пропагандата е до тој степен застрашувачка што ја имобилизира реакцијата? Или, пак, искуството од досегашните слични моменти се покажало како чист популизам, за некој друг да продолжи со валкани игри? Или, пак, и тоа било дел од проектот на овие битанги кои во своето ништење уништија сè, па и чувството за самопочит, за отпор, за борба?

Засега, Македончето и понатаму си го чепка носот и чека да се вклучи зеленото светло. И повторно доцни! Ќе дочекаме ли показалецот да излезе од носот и да се исправи заедно со средниот во победничкото „V“?

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести