verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумска (не)писменост – што беше тоа!?

on 15 - 11 - 2015       
Час по медиумска писменост во средно училиште - Brooklyn Tech High School. Фото: The Lamp, April 2010
Час по медиумска писменост во средно училиште – Brooklyn Tech High School. Фото: The Lamp, April 2010

 

За демократскиот развој на една не толку тазе транзициска земја, покрај прогресијата во економскиот, политичкиот, културниот, социјалниот… развој, потребен е и напредок во медиумската сфера, кој треба да прикаже зошто државата секогаш треба да биде во заднина, односно зошто тој модел на размислување за отворено, слободно и демкратско општество, кој ја сместува државата во заднина, настојувајќи да се разбере како апсолутно место на моќта, владеењето и на влијанието преку фаворизирањето на идејата за самоодговорно граѓанско општество е од пресудно значење.

 

Пишува: д-р Дејан Доневвонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

Освен економските индикатори дека земјата бележи незапаметен скок и истиот (што е од „особена важност“!?) е забележан во новинарските анализи за извештајот „Дуинг бизнис“ (Doing Business) од Северна Америка, па сѐ до Азија, со што земјава е оценета како рај за странски инвестиции (а, кои, патем, освен што имаат бомбастично најавување од власта, на дело најчесто се поврзани со една претставка за идно време „ќе“), односно дека државата бележи пораст на индустриското производство за цели 12,8 отсто, потоа каков-таков (по)раст на БДП, но и дека истиот ќе се зголемува во годините кои доаѓаат – тука се и политичките, социјалните…. индикатори за нашиот напредок. Политичките индикатори на (само)освестување во политичкото дејствување говорат дека Договорот од Пржино (за голем дел од популацијата небаре се најбитната политичка тема за дебата и кршење копја меѓу главните актери од политичкиот живот на Македонија) претставува камен-темелник на новиот политички соживот и просперитетна иднина на Македонија. Социјалните индикатори, пак, на субвенционирање (особено во земјоделството), создавање дом преку поволности во изградба, отпишани долгови за социјално ранливите категории, се чини дека се финале по кое како и да нема за што друго да се дискутира и да се пропагира, (пардон промовира) од македонското секојдневие.

А, медиумите катадневно и ревносно „информираат“ за сево ова, некои во клише, а некои и со „ладни глави“. Но, ретко кој прашува и се обидува да го „избоксува“ прашањето за медиумската реалност и состојби во Македонија на дневен ред. Оттука, не треба да чуди ниту фактот што во последните шест години Р. Македонија бележи константен пад во делот на слободата на изразување и на независноста на медиумите регистриран од релевантни меѓународни организации, како Европската унија, американската администрација, специјалниот известувач на ОН за слобода на мислење и на изразување, ОБСЕ, особено реномирани граѓански организации „Фридом хаус“ и „Репортери без граници“. Но, нејсе! Она што барем мене повеќе ме загрижува и од каде ја црпи оправданоста оваа анализа е фактот дека овој медиумски пад во однос на демократските капацитети е јасен показател многу повеќе за незначајната интервенција на граѓаните, иако во индикаторите за развој на медиумите на УНЕСКО инклузијата на граѓанскиот сектор, јавноста во генерална смисла на зборот, е една од петте компоненти што особено ја акцентира достапноста на медиумите до граѓаните, загарантирана и со регулаторниот систем на Република Македонија, како и прашањето за (не)оправданоста на начинот на кој тоа се прави. Се работи за (не)намерно креирање медиумски јаз меѓу рецепиентите и испраќачите на порака, кој најчесто е последица на кодираната порака што ја пренесуваат медиумите преку специфичните жанрови и форми на телевизија, радио, печатени медиуми, филм, интернет-платформата и слично и незнаењето како истата да се декодира, а би можел да биде надминат само доколку се стекне потребното знаење и разбирање на начините во создавањето и технологијата што ја користат медиумите во функција на произведениот продукт што се објавува во јавноста.

 

СТЕКНУВАЊЕ ЗНАЕЊЕ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ СПЕЦИФИЧНИ МЕДИУМСКИ СОДРЖИНИ

Ова вреднување на информациите и пораките на медиумите од граѓаните се основниот принцип на медиумската писменост, како и разбирањето на продукцијата, но и реалниот бизнис-сектор во кој се интегрирани. Оттука, онака како што ја дефинираше Европската комисија во 2007 година медиумската писменост, т.е. како „способност за пристап до медиумите, разбирање и критичка евалуација на различните аспекти на медиумите и на медиумските содржини и остварување на комуникација во различни контексти“, има цел да создаде активни граѓани подготвени да ги разберат и да ги анализираат информациите кои често се нецелосни во пренесувањето на фактите, а од друга страна да обезбеди механизми за навремено интервенирање кон неточното и необјективно новинарство.

Со тоа повеќе од јасно е зошто толку многу се инсистира на процесот на стекнување знаење за оценување специфични медиумски содржини од граѓаните – бидејќи овозможува создавање критичко мислење кон дадена тема, а со тоа и нејзина корекција. Со оглед на тоа што изборот секогаш останува на реципиентот, критичкото и едуцирано разбирање на прикажаната содржина во медиумите е клучен индикатор за развојот на индивидуите како свесни и активни партиципиенти во развојот на општествените процеси. На ваков начин се подобрува и се унапредува и општествената одговорност на медиумите при известување и при креирање на јавното мислење, се јакнат граѓанските капацитети и се унапредуваат демократските процеси во државата, клучни за заштита на слободата на изразувањето и за човековите права. Во таа смисла, на долг рок, би се зајакнале медиумските капацитети во насока на писменост на новинарите, објективноста и независноста при известувањето.

 

МЕДИУМСКАТА ПИСМЕНОСТ – ПИОНЕРСКИ ИСТРАЖУВАЧКИ НАПОР

Во македонски рамки, засега медиумската писменост сѐ уште припаѓа во категоријата на пионерски истражувачки напори, единствено направени од неколку граѓански организации, кои решија барем да побараат одговор на прашањето што е медиумската писменост воопшто. Евидентен е недостиг од обиди за подетално елаборирање на суштината на медиумската писменост, како и нејзино интегрирање во образовниот систем. Истовремено, (без претензии на детално елаборирање на проблемот, пред сѐ, поради просторните можности за оваа анализа) евидентен е и пропустот од нејзино активно вклучување во развојните политики на власта и покрај донесувањето на новиот Закон за медиуми и аудио и аудиовизуелни услуги, кој нотира дека медиумската писменост е нужна, но не прецизира доволно јасно како таа да се развие и да се унапреди. Тоа укажува дека концептот за медиумска писменост во Р.Македонија не е доволно добро вграден во медиумската политика, односно во домашната регулатива за медиуми, а регулаторните тела од оваа област, секое од свој аспект, некоординирано, организираат едукативни кампањи или работилници, со што сѐ уште нема значителен напредок во општествен контекст.

Имено, во 2007 година, Европската комисија усвои соопштение за медиумската писменост, со што го вклучи овој концепт во рамки на европската аудиовизуелна политика. Очекуван регулаторен развој беше вклучувањето на медиумската писменост во директивата за аудиовизуелни медиумски услуги, затоа што член 33 утврдува обврска за Европската комисија да известува за нивоата на медиумска писменост во земјите-членки на ЕУ. Уште повеќе, во 2009 година, Европската комисија усвои препорака за медиумската писменост во дигиталното опкружување, во која ја истакна улогата на надлежните тела за регулација на аудиовизуелните медиуми и на електронските комуникации, како и на медиумската индустрија во подобрување на нивото на медиумска писменост во земјите-членки на ЕУ.

Со активноста на проектот и со поврзаните активности на корисниците, овие обврски се прошируваат и за Р. Македонија, па, препознавајќи ја стратегиската важност на медиумската писменост, во согласност со членовите 2, 6 и 26 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, власта ѝ додели обврска за промовирање на медиумската писменост на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Но, за Агенцијата да успее во оваа своја мисија, „регулаторното тело планира(!?) да се поврзе со релевантните чинители – креатори на политики, медиуми, едукатори, граѓански организации…“, при што „агенцијата ќе има улога на модератор меѓу различните чинители, како што е случајот и во други земји. Таа ќе соработува со чинителите заради извршување одредени активности, додека други, пак, самата Агенција ќе ги координира…“, стои во нивната програма за поттикнување на медиумската писменост во Р. Македонија.

И дотука е јасно и делумно добро! Но, на хартија. Во практика, како европски, па и светски тренд за унапредување на демократскиот живот, дали ние каскаме или, воопшто, се подготвуваме сѐ уште за „низок старт“? Бидејќи медиумската писменост мора да биде промовирана како еден од круцијалните интереси на општеството – граѓанското учество и демократијата значително се потпираат на медиумската писменост и на граѓаните, што значи дека со активностите за промовирање на медиумската писменост се промовира и ангажирањето на граѓаните за ефективното учество во демократскиот живот – го правиме истото намерно преку медиумската сфера на дејствување или ненамерно го кочиме развојот на критичката свест заради саможиви интереси на политиканството!?


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести