verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумска измама и недемантирачки демант

on 26 - 06 - 2015       
Недостапно за демант, извинување нема. Сајтот на МРТ.
Недостапно за демант, извинување нема. Веб-страницата на МРТ.

 

Срамот за оваа постапка дополнително го сведочеше пораката „Access Denied“ на местото каде што беше објавена измамата, со што симболично и без да сакаат, одговорните во МРТ сосема јасно ѝ ставија на јавноста до знаење дека таа нема пристап до јавниот сервис, сервисот на граѓаните на Македонија.

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Концептот „недемантирачки демант“ е една од вообичаените алатки во теоријата на измамата, односно во пропагандата, и, особено, во делот на медиумите. Основната идеја на таа алатка е да соопштите нешто што личи на демант на нешто што било оценето од јавноста како погрешно, а, всушност, ништо не демантирате, туку, напротив, го афирмирате првичното.

Таквите „недемантирачки деманти“, или не-деманти, можат да имаат различни форми. На пример, оној што чувствува потреба да не-демантира, публикува некоја содржина која има премногу зборови, ги плете како плетенка, а, вусшност, не кажува ништо – ги избегнува централната тема и обвинувањето. Или, ги отфрлате обвинувањата како нешто што не заслужува одговор. Или во „недемантирачкиот демант“ обвинувате некој друг заради тоа што тој е виновен за вашата недугавост. Во теоријата на медиумите, комуникацијата и во односите со јавноста и пропагандата, таа постапка се нарекува „straw man accusation“, односно „човек од слама како обвинет“, во кој, како во вуду-куклите, се боцкаат иглите на пропагандата во виталните животни органи.

Можам да бидам сигурен дека ги препознавате овие медиумски измами зашто во нашата секојдневна политичка и медиумска практика ги имаме на дневна основа. Но, еве, да наведеме по еден пример за да ги поткрепиме овие, теориски и практично, потврдени практики:

  1. Содржина која има премногу зборови, а, вусшност, не кажува ништо – ја избегнува централната тема и обвинувањето: Демант на Министерството за здравство на текстот на НОВА
  2.  Отфрлање на обвинувањата како нешто што не заслужува одговор: Иванов: Не излегов на референдумот за ГТЦ почитувјќи го ставот – некои прашања не заслужуваат одговор
  3. Дежурни луѓе од слама:  Заев игра како што му „свири “ квартетот Геровски-Ордановски-Фрчковски-Милчин

 

МЕДИУМСКИ ИЗМАМИ

Во теориските концепти, како и во практиката на медиумската и на политичката комуникација, „недемантирачките деманти“ се чин на мамење, на измама.

Со истите аршини и во истиот контекст се ставаат и оние постапки кои во себе содржат тврдење од типот: „Јас не лажам. Јас само внимателно го избегнувам одговорот на вистиснкото прашање“. Зашто, во таков случај, таквите одговори само ја потврдуваат намерата да се постапи измамнички. Во случаи кога станува збор за луѓе или за институции кои, по правило, заради својата јавна функција, треба да го заштитуваат јавниот интерес, кога така постапуваат, тие, вусшност, ја изневеруваат јавната доверба и го игнорираат јавниот интерес.

Најподмолен начин на секоја медиумска измама не е срамната објава или тврдење, туку намерата тоа да се прикаже како потреба на публиката. Дека публиката тоа го сака. Уметноста на измамата лежи во знаењето и во вештините на суптилно влијание и извртување на стереотипите во свеста на луѓето. „Миење на мозоците“, преведено на говорот на еден познат јазик и терминологија.

Но, да бидеме искрени, успешноста на медиумската измама зависи и од подложноста и од соработката на публиката. Најважно е да се пронајдат луѓе што споделуваат исти вредности, очекувања и предрасуди и да ги „најмите“ како ваш тинк-тенк. Со тоа ја имате едната страна од двонасочната комуникација во која се остварува медиумската измама. На другата страна треба да имате публика за која се прифатливи истите тие вредности, очекувања и предрасуди кои ќе ги прифати како вистински и на тој начин, несвесно, ќе учествува во измамата. Меѓу двете страни се медиумите, но многу често, во совршените форми на медиумска измама, медиумите се и – првата страна. Повторно преведено на говорот на секојдневниот јазик, тоа се ситуации кога медиумите или новинарите се поголеми „папи“ од „папата“.

Еден таков пример беше измамата, а потоа и недемантирачкиот демант на Македонската телевизија на 5 јуни. Јавниот радиодифен сервис прво објави вест потпишана од нивната дописничка од Вашингтон под наслов „Хан од Вашингтон: Предвремените избори ќе ги спроведува актуелната влада“, а потоа, по жестоката реакција на јавноста, објави недемантирачки демант под наслов „Хан од Вашингтон побара спроведување на договорот за политичка нормализација“. Во недемантирачкиот демант, освен променет наслов, немаше ништо друго што би требало да биде извинување за нивната измама.

Срамот за оваа измама дополнително го сведочеше оваа страница со порака „Access Denied“ со што симболично и без да сакаат, одговорните во МРТ сосема јасно ѝ ставија на јавноста до знаење дека таа нема пристап до јавниот сервис, сервисот на граѓаните на Македонија.

Ако некој од актерите на медиумската измама одбива да биде соучесник во неа, тогаш е доволно и една контролирана дезориентација и хаотична состојба. Тоа е многу погодна состојба за креирање медиумски измами. Зашто таквите состојби генерираат страв, а во таква емотивна состјба на заедницата и на нејзините припадници, многу добро поминуваат измамите.

Психологијата на измамата сѐ уште не е доволно истражено поле и механизмите кои придонесуваат таа да се потисне, да се елиминира или да се обработи за да се препознае, се недоволно истражени, заклучува едно истражување на американската агенција за разузнавање (ЦИА).

Медиумските измами се исклучително полезни во бизнисот и во политиката, констатира ова истражување.

 

МЕДИУМИТЕ И ИНТЕГРИТЕТОТ

Кога станува збор за јавните радиодифузни медиуми, оние кои се основани, му припаѓаат на народот и известуваат во име на нивниот јавен интерес, постојат одредени, утврдени принципи кои произлегуваат од нивниот интегритет и довербата што ја еманираат кога станува збор за вакви институции.

Ова доаѓа од местото и од улогата на јавните медиумски компании кои (би) треба(ло) да бидат организации со силен придонес во цивилното општество и кои се активни чинители во однос на граѓанските вредности во една заедница во која живеат еднакви граѓани. Од таквото позиционирање во општеството и од таквата улога произлегува дека јавните радиодифузери обезбедуваат пристап до информациите, до знаењето од јавен интерес. Во исто време, јавните радиодифузни сервиси секогаш се грижат различните погледи, политички и други гледишта да добијат еднаква застапеност.

Кога зборуваме за интегритетот на медумите, таа тема во себе го вклучува и интергитетот на уредниците и на новинарите кои работат во медиумите. Тоа е особено од значење кога станува збор за јавните радиодифузни претпријатија. Освен нивниот личен и професионален интегритет, многу е важно, како резултат на демократската култура, јавните медиуми да бидат слободни, да не бидат ставени под контрола на власта, на партиите.

Во Република Македонија, јавното радиодифузно претпријатите МРТ е медиум од јавен интерес, им припаѓа на граѓаните и тоа по неколку основи: Според Законот за аудио и аудиовизуелни комуникации, според Уставот на нашата држава и според сите конвенции и повелби за слобода на изразување и слобода на медиумите кои ги има ратификувано Македонија, а со тоа и се обврзала да ги почитува и да ги практикува.

Во таа смисла, доколку се почитуваат овие стандарди и принципи, следно што е од суштествена важност е – довербата. Таа доверба се воспоставува меѓу публиката, односно граѓаните на земјата и редиодифизната компанија, а врската што ги врзува е јавниот интерес. Стандардите на интегритетот се аплицираат на сите содржини што ги продуцира јавниот медиум, кои освен вестите, ги вклучуваат и документарната, културната, играната, детската, музичката, и која било друга програма опфатена во програмската продукција.

 

КОДЕКС ЗА ИНТЕГРИТЕТ

Доколку јавните медиуми, уредниците и новинарите што работат во нив, сакаат да го чуваат и надградуваат сопствениот интегритет, тие мора да почитуваат одредени стандарди што произлегуваат од есенцијата на јавниот медиум и на јавниот интерес. Некои од нив се:

  • Да учествуваат и да придонесуваат во животот на заедницата преку образованието, културата и другите сфери со афирмација на широк спектар идеи, без разлика од кои групи доаѓаат, за да се постигне динамична и плодотворна дебата;
  • Да се посветат во потрагата по точни информации кои се од важност за заедниците и за припадниците на тие заедници поединечно;
  • Да обезбедат простор за фер пристап и одговорност за застапување на различните заедници кои застапуваат различни и автентични културни и други уверувања;
  • Да застапуваат транспарентност во прибирањето информации, како и во соопштувањето на тие информации, соодветно на јавниот интерес;
  • Да ги заштитуваат утврдените уреднички принципи и политики од влијание од политичките и бизнис-центрите на моќ;
  • Да ги штитат начините на финансирање кои ќе ги овозможат сите форми на влијание на партикуларни центри на моќ, за да се заштити нормалното финансирање на јавните радиодифузни компании;
  • Да ја промовираат и аплицираат културата на вработени во компанија од јавен интерес кои треба и професионално и лично да ги штитат и застапуваат интересите на граѓаните и сите заедници кои се дел од едно општество кое промовира граѓански вредности;
  • Секогаш, во сите прилики, да ги афирмираат принципите на јавниот интерес и на медиумите како промотори на тој интерес.

 

МЕДИУМИТЕ И ЈАВНИОТ ИНТЕРЕС

Новинарите секогаш треба да ги ставаат на тестот на јавниот интерес своите стории пред да ги објават. Тоа не е сложен процес и со текот на времето за нив станува инстинкт со кој се прави брза процена дали е нешто од јавен интерес или не е.

Се разбира, не тврдиме дека е секогаш едноставно. Работите се комплицираат кога јавниот интерес се испреплетува со аспектите на приватноста.

Зошто е важен јавниот интерес? Како прво, треба да се разликува јавниот интерес од интересите на одделни индивидуи кои не секогаш се совпаѓаат – иако би можеле да се совпаднат.

Јавен интерес е да се живее во безбедно, здраво и целосно функционално општество. Во Република Македонија ниту се живее безбедно, ниту има здраво општество ниту, пак, функционално. Од факторите кои имаат значаен придонес за да се надмине една ваква состојба, новинарството е еден од најзначајните. Со помош на медиумите, до граѓаните стигаат информации кои се неопходни за да бидат дел од еден таков процес. Доколку новинарите добро си ја вршат работата, тие ја надгледуваат владата и институциите за да ја следат нивната одговорност во тие процеси.

Тоа го прават вистинските новинари. Тие ги анализираат активностите на извршителите, ги осветлуваат темните места, копаат таму каде што никој не копа – и сето тоа во име на јавниот интерес.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести