verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумите во Египет „ги мери“ Акбарметар

on 4 - 06 - 2016       
Овој напис го има и на: Англиски

Дел од нсловната страница на едноставно уредениот сајт на Акбарметар. Фото: скриншот
Дел од насловната страница на едноставно уредената веб-страница на Акбарметар. Фото: скриншот

 

Сервисот за проверка на факти во медиумите функционира и во Египет. Двајца ентузијасти и револтирани од огромната медиумска пропаганда во таа земја, уште пред повеќе од една година се решиле да постават интернет-платформа за проверка на фактите во медиумите, а во тоа им помогна и „Метаморфозис“, со прилагодена верзија на методологијата што ја користи организацијата за својот „Сервис за проверка на факти од медиумите“.

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Ако сте мислеле дека медиумската пропаганда и шум се огромни во Македонија, можеби сте во право, но тоа е неспоредливо со она што се случува, особено последниве неколку години, во Египет. Оваа прекрасна земја со 90-тина милиони луѓе, која се соочува со големи проблеми во политиката и во економијата, е земја во која борбата за остварување на основните човекови права е секојдневие. Актуелната „генералска“ власт на Египет, која дојде по соборувањето на Мохамед Морси во 2013 година (постреволуцијата во таа земја по Арапската пролет е многу конфузна), применува автократски методи на владеење со кои се супресира секаква посериозна критика кон власта.

Притоа, во демонизирањето на критичарите, според релевантни меѓународни организации и институции, активно се вклучени сите мејнстрим медиуми во земјата, а сето тоа создава грда медиумска слика и оценки за неслободни медиуми.  Постојат десетици големи комерцијални телевизии, покрај државниот сервис, како и десетици големи весници со милионски тиражи, кои, исто така, имаат и интернет-патформи со милионски број посетители. Сите медиуми што беа отворено или задскриено со поддршка на Морси, пак, беа згаснати веднаш по пучот во 2013 година.

Ова ни го потврдија неодамна во разговор и двајца колеги ентузијасти од Египет, со кои имавме можност да разговораме на локација во Европа. Анонимноста што ни ја побараа и во однос на идентитетот и во однос на местото на разговор ја почитуваме, бидејќу луѓето рекоа дека чувствуваат страв од можни последици доколку истапат со име и презиме. Запрашани за актуелната состојба во медиумската сфера во нивната земја, тие велат дека се соочени со практично непостоење на објективни и професионални медиуми кога станува збор за големите медиуми.

 

ТВ-ШОУ СО СНИМКИ ОД ТЕЛЕФОНСКИ РАЗГОВОРИ!?

Состојбата на медиумскиот пазар и со медиумите во Египет е многу лоша. Националната телевизија извршува отворена пропаганда, а приватните телевизии кои се гледани, во нивните информативни и дебатни програми, го чинат истото што и националната, но на помалку или повеќе замаскиран начин, во зависност од сопствениците на телевизиите. Некои од нив отворено се декларираат дека се поддржувачи на власта, додека други не се изјаснуваат по тоа прашање, но, исто така, ја поддржуваат актуелната врхушка на генералот Сиси.

Нашите соговорници велат дека пропагандата се умножува и преку веб-страниците на тие комерцијални телевизии, како и преку веб-страниците на печатените медиуми. Интернетот, според нините зборови, е многу популарен во Египет, па така милиони луѓе се информираат преку интернет. Инаку, за каква медиумска стварност станува збор во оваа земја, збоорува следниов пример за кој ни кажаа соговорниците:

„Постои една комерцијална телевизија, која во најгледаното време, емитува шоу кое се состои од емитување снимени телефонски разговори на јавни личности. Телевизијата не кажува од каде ги добила и како ги поседува тие снимки, за кои е јасно дека се нелегално прибавени и најверојатно дадени од тајната полиција, а на кои се обично универзитетски професори, познати новинари, опозициски политичари и слично, кои се декларирани противници на режимот. Емисијата што се емитува како вечерно шоу еднаш неделно, е многу популарна и гледана, а утредента и коментирана по другите медиуми. Разговорите се најчесто од приватната сфера на животите на тие луѓе, вклучувајќи ја и интимната, по што следуваат јавни осуди за личностите“, велат нашите соговорници.

 

АКБАРМЕТАРОТ ОЦЕНУВА МЕДИУМИ

Соочени со ваквата голема пропаганда, а не помирувајќи се со состојбата, нашите соговорници решиле да направат еден вид сервис за проверка на факти во медиумите. По углед на истоветната вебстраница на „Метаморфозис“, двајцата ентузијасти решиле да направат слична платформа во својата земја. Платформата е наречена Акбарметар и таа се занимава со професионалните стандарди на медиумите во целост, а не на одделни новинарски производи.

Фејсбук фан страницата на Акбарметар. Фото: скриншот
Фејсбук-страницата на Акбарметар. Фото: скриншот

Методологијата за утврдување на фактите е изработена со помош на „Метаморфозис“ и врз база на методологијата од „Сервисот за проверка на факти“, откако доаѓа до случајно запознавање на една меѓународна конференција. Таа методологија се состои од 23 прашања на кои детално мораат да одговорат оценувачите на медиумите и засега функционира добро. Прашањата се групирани и поврзани во четири области кои се оценуваат:

  • Исполнување на професионалните правила и етичките стандарди
  • Манипулативност и пропагандноста на новинарските производи
  • Кршење на човековите права
  • Кршење на авторските права

Голема помош колегите од Египет на почетокот на нивната работа добиле и од една универзитетска професорка што се занимава со медиуми. Соговорниците велат дека нивната идеја е едноставна:

„Соочени со фактот дека не можеме да сретнеме или имплементираме етика во медиумите, сакаме да ги соочиме со нивното вистинско лице и на тој начин да видиме дали тие може да станат професионални и да ја отстранат цензурата која е широко распространета“.

 

ЗАСЕГА НÈ ИГНОРИРААТ

Запрашани дали има ефект или некаков импакт нивната досегашна работа, тие одговараат негативно.

„Постоиме една година. Имаме вебстраница и имаме обожавателска група на „Фејсбук“. Немаме никаква финансиска поддршка, а во работата на волонтерска основа ни помагаат универзитетски професори и четворица новинари кои одговарат на прашалникот од методологијата, многу детално за секоја тема. На нашите оценки за тоа кои медиуми се најнеетични или најпропагандистички, се соочуваме со молк. Едноставно, медиумите што ги оценуваме нè игнорираат. Но, бидејќи постоиме само една година, се надеваме на сè поголемо влијание на нашите подржувачи на интернет-платформите и дека на тој начин можеби ќе успееме нешто да смениме и кај медиумите“.

Соговорниците наведуваат дека мрачната медиумска стварност во Египет се должи и на новинарите, кои се едноставно заробени во нивната професија и неслободни. Тие, иако имаат свој синдикат, синдикалните права во медиумите речиси и да не им се дозволени, а нивните договори се најмногу на една година. На тој начин, држејќи ги во социјална несигурност, практично ја овозможуваат и цензурата и автоцензурата кај самите новинари. Но, дека нешто се менува полека, зборуваат и последните протести во Египет против претседателот Сиси и упадот на нивната полиција во просториите на Синдикатот на новинарите, при што се уапсени двајца од лидерите, кои се обвинети дека криеле други нивни колеги што биле барани од органите на прогонот.

Двајцата ентузијасти од Акбарметар, со оптимизам гледаат на нивната работа во иднина, под услов да обезбедат барем малку финансиска поддршка и стручна помош во поглед на обуки за нивните оценувачи. Во таков случај, тие планираат да го прошират полето на покривање на медиумите и внатре, детално во нивната содржина, на секој поважен текст или ТВ-вест, како што тоа го прави македонскиот „Сервис за проверка на факти“. Засега остануваат да ги покриваат само 10-те најголеми медиумски интернет-платформи во Египет, рангирани според листата на Alexa.

Но, како и да е, трудот на овие луѓе изгледа неверојатен кога ќе се погледнат опасности со кои се соочуват од нивната работа. Дотолку повеќе што сервисите за проверки на факти и таквите оддели во повеќето развиени медиумски средини, едноставно се соочени со тренд на згаснувања, најчесто протолкуван од недостиг на финансиски средства.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести