verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумите треба да го препознаат профилирањето (II)

on 21 - 10 - 2013       

 

Профилирањето може да добие и многу пошироки размери и да стане алатка во рацете на политичарите и на власта за соодветно насочување на јавното мнение и мобилизација на граѓаните во одредена насока.

 

Овој напис претставува втор и последен дел до анализата за профилирањето и медиумите. Првиот дел од анализата можете да го најдете овде.

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

 

Многу често, во профилирањето се користи религијата (посебно поврзувањето на одреден човек или поголем број луѓе со радикална струја на одредена религиозна определба) со цел создавање слика за тој човек која е репулзивна за јавноста. Ваквиот вид профилирање вообичаено има за цел да ја заплаши јавноста и врз основа на тој страв однапред да изгради негативен став кон лицата кои се осомничени, лишени од слобода или обвинети.

Школски пример за ваков вид на профилирање претставува медиумското известување за лишувањето од слобода на осомничените за убиството кај Смилковското езеро. Потпирајќи се на официјалната информација дадена од МВР, медиумите без исклучок ја пренесоа веста дека се уапсени сторителите на убиството кај Смилковци и дека тие злосторството го направиле од побуди на исламскиот радикализам. Со ставањето на етикетата “радикални исламисти“, се намалува потребата од расветлување на вистинските мотиви за убиството, се развива голема антипатија кај јавноста против осомничените/обвинетите и се создаваат услови за занемарување на евентуалните пропусти во процедурите кои можат да значат суштински проблем во една ваква постапка.

Профилирањето може да добие и многу пошироки размери и да стане алатка во рацете на политичарите и на власта за соодветно насочување на јавното мнение и мобилизација на граѓаните во одредена насока.

 

Политичко профилирање

 

Политичкото профилирање дури станува и заштитен знак на значаен дел од медиумското известување за реакциите на граѓаните поврзани со активностите на власта, за демонстрации на граѓаните и настапи на одредени граѓански активисти. Вообичаено, медиумите ја пренесуваат квалификацијата дадена од една политичка партија,  односно од власта каде што протестите на граѓаните се претставуваат како дел од нечие сценарио, организирани од опозициона политичка партија, имаат сосема друга цел од онаа која ја прикажуваат. Со употребата на истоветни изрази со кои се опишува секој облик на спротивставување на граѓаните на решенијата на власта и со подведувањето на граѓанскиот активизам под еден генерален плашт на неколку обрасци на делување, се создава препознатлив профил на делување кој е однапред девалвиран и обесмислен. Со овој вид политичко профилирање:

  • Се поместува вниманието на јавноста од причините за протестот, односно содржината на протестот и целта на протестот веќе немаат никакво значење за јавноста;
  • Се девалвира кредибилитетот на тие кои протестираат;
  • Се создава можност власта воопшто да не одговори на барањата/прашањата на протестантите;
  • Се создава убедување кај јавноста дека е лошо некој протест да биде поддржан од страна на опозициона партија или партии.

Политичкото профилирање во Македонија добива посебна димензија во градењето   претстава за луѓето врз основа на припишување на нивна припадност кон одредена група за која претходно е веќе изграден негативен профил (на пример: соросоиди, комуњари и сл.). Ова овозможува унифицирано претставување на различни мислења и ставови (посебно на експерти и стручњаци) кои заради подведувањето под заеднички именител многу лесно се прикажуваат како некредибилни. Некритичкото пренесување на ваквото профилирање од медиумите може да доведе до:

  • Дезавуирање на ставовите и мислењата на експерти, наспроти партиските ставови и мислења;
  • Отфрлање релевантни и оправдани прашања или барања поставени од граѓанските здруженија;
  • Намалување на соработката меѓу партиите и граѓанскиот сектор.

 

Профилирање на ранливи групи

 

Посебен вид профилирање е поврзан со ранливите групи (како: луѓе зависни од  дрога, жени, луѓе со нехетеросексуална ориентација, постари граѓани и сл.).

На пример, и насловот: “Откриено дувло на наркомани во општина Аеродром“ и текстот даден под овој наслов сместуваат цела категорија на луѓе зависни од дрога во профил кој ги прави помалку од луѓе (животни кои живеат во дувло) и ја поместува перцепцијата на луѓето од зависноста (како болест), кон наркоманијата (како општествено зло).

Посебна област на профилирање е родово базираното. Дури и во случаите кога е очигледна позитивната намера на новинарот, односно, е видлива позитивната конотација во која е ставена една приказна, на површина избива веќе однапред изграден профил на жената кој ја детерминира нејзината активност. Во спомнатиот напис ??? се истакнува дека:

“Жените исто така можат да бидат професионалци како и мажите, дури и кога станува збор за типична машка работа. Некои жени се родени да бидат водачи, да даваат наредби и да всеат почит кај останатите.“ И понатаму: Наспроти женската природа, сепак токму жени како Елизабета I и Екатерина II ги воделе едни од најголемите запомнети војни.“, односно “Всушност се чини интересно кога жената ја игра улогата на маж отколку да се занимава со типични женски професии.“

Авторот создава профил на жените (како категорија) кои не се професионалци (ама понекогаш можат да бидат), вообичаено не се водачи и не даваат наредби (ама по исклучок и тоа може да се случи), кои имаат природа во која не се вклопува водењето војни и кои можат само да ја играат улогата за која не се створени со цел да бидат интересни. Ваквиот вид (сублиминално) профилирање всушност е контрапродуктивно и влијае на јавноста да не бира жени за раководни функции, да ги омаловажува жените кои се на водечки позиции и да ги перципира како несоодветни жените кои се обидуваат да изградат професионална кариера.

 

Стереотипите за жените

 

Во одделни медиуми, половото профилирање добива уште позагрижувачки размери. На пример под насловот “Пет професии од соништата на жените“, со изразот:

            “Еве 5 професии од соништата со кои би сакала да се занимава секоја жена“

е бетониран профил на жените како преокупирани со: мода, забавни патувања, слатки, забава и играчки. Ваквиот вид профилирање ја поддржува претходно посочената перцепција за жената која не може да раководи, која ретко станува водач и која може, по исклучок (или по грешка), да ја ’игра’ улогата на маж.

Профилирањето може да се базира на етничка или полова припадност, на сексуална ориентација, на социјален статус, на политичка определба и на било кој друг основ за дискриминација кој ги сместува луѓето во однапред подготвени калапи, кои треба да ја олеснат селекцијата, да ја смират совеста или да ја обесхрабрат реакцијата на јавноста заради прекршувањата на законите од страна на органите на власта или заради продолжителната виктимизација.

Од исклучително голема важност е новинарите да ја имаат предвид оваа можност и соодветно да реагираат со цел минимизирање на негативните последици на ваквиот вид практики. Медиумите можат да ги разбиваат стереотипите и предрасудите; или, токму тие можат да бидат и моќни застапници и дисеменатори на стереотипите и предрасудите. Современиот линч е возможен и се базира токму на дискриминирачкото профилирање во медиумите, а последиците се застрашувачки како за конкретна индивидуа/индивидуи, така и за цели групи граѓани на кои им се оспорува практикувањето и заштитата на основните човекови права и слободи.


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести