verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумите и стравот на листата на диктаторот

on 26 - 11 - 2015       
Фото: Directions to the Dark Side via photopin (license)
Фото: Photopin. Интервенција: СПФМ

 

За диктаторите е многу полесно и покорисно, пред сѐ, да создаваат илузија на заедништво врз основа на омраза, отколку на љубов и на пријателство. Во создавањето на таа илузија пресудна улога имаат медиумите.

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Во својата книга „Од диктатура до демократија“, Џин Шарп вели дека ослободувањето од стравот, како и од навиката за потчинување, се првите чекори за да се отфрли еден диктаторски режим. Состојбата на потчинување е темата што е во фокусот на овој текст, а тоа нè доведува до првото прашање што си го поставуваме.

 

Зошто луѓето им се потчинуваат на диктаторите?

Еден од можните одговори на ова прашање, како и на прашањето зошто е важен одговорот, има во веќе споменатата книга на Џин Шарп. Тој вели:

„Кога ќе разбереме зошто луѓето се потчинуваат, ќе можеме со поголем ефект да ја промовираме колективната непослушност кон неправедната власт. Исто така, одговорот на овие прашања ќе нè соочи со неодржливиот став дека потчинувањето е природна состојба на човекот. Луѓето не се генетски предиспонирани да се потчинуваат, туку да живеат во заедница, во општество во кое се усогласени добрата волја и слободниот избор да се живее во согласност со договорените закони и конвенции. Тогаш кога усогласувањето се постигнува со помош на присила, закани и казни, заедницата се претвора во диктатура.“

Потчинувањето на луѓето во диктаторските општества е комплексен микс од причини. Оној што најдобро ги познава е – диктаторот лично. Освен што добро ги знае, уште подобрo умее да ги практикува. Зашто неговиот опстанок зависи од тоа знаење и од тоа умеење.

Не е нормална, ниту е природна состојба на човекот – да се потчинува. Тоа е состојба која му се наметнува. Уште од деца нè учат да им се потчинуваме на поголемите, на повозрасните и на оние, за кои некој друг проценил, дека имаат поголем авторитет. Им се потчинуваме на нашите родители, на нашите наставници, на сообраќајните знаци, на полицијата…, и на власта дури и тогаш кога е таа лоша. Тое нè доведува до второто прашање:

 

Како е можно воспоставувањето на диктатурата ако потчинувањето е неприродна состојба на човекот?

Одговорот е едноставен: заради искривената свест што ја предизвикува владејачката идеологија. Состојбата на искривена свест се постигнува со време и со страв кои коегзистираат во обратно-пропорционален сооднос: Колку повеќе на диктаророт му се дава време, толку помалку страв е потребно за да се создадe амбиент на потчинети поданици. Колку повеќе страв се шири, толку помалку време е потребно за да се постигне истата состојба.

Во таква состојба се случува една дегенерација на улогите. Една од причините поради кои граѓаните стануваат потчинети послушници е зашто ја прифаќаат состојбата како „судбина“. Не гледаат излез дури и кога стојат пред него.

Уште една од многу причини лежи и во инструментот наречен „замена на улогите“. Според професор Стенли Милграм од Универзитетот „Јејл“, долготрајната состојба на потчинетост поради страв доведува во ситуација кога граѓаните стануваат послушници на диктаторот („Obedience to authority: An experimental view“).

Во таква состојба, познати се ситуации кога дикаторот им наложува на послушниците да бидат деструктивни кон „непослушните“. Најголемата измама тука се состои во диктаторското уверување дека тој им го отстапува тоа право. Во такви ситуации, луѓето се чувствуваат ослободени од вина, бидејќи тоа го прават во име на властите, односно диктаторот. Тоа нè води до третото прашање:

 

Кој го храни инстинктот за потребата од силен лидер? Дали е тоа стравот?

Диктаторите го користат стравот на три начини. Како прво, тоа е стравот од него и од режимот. Како второ, стравот од некој друг или од нешто друго – архинепријателот. И, трето, стравот на потчинетите од самите себеси.

Стравот е едно од најмоќните оружја на диктаторите. Историјата покажала, а современите диктаторски режими потврдуваат дека најголемата лична цел на диктаторите е да се прикажат себеси како спасители, пастири, фирери, дуче… Сите пораки и постапки што на диктаторите, кои си самозадаваат ваква улога, одат во насока да се потврдат себеси како такви и дека доколку не се тие, земјата, народот… ќе завршат во пропаст. Тие се единствениот излез, а народот на избори треба да го потврди тоа.

За да го остварат тоа, освен контролата на информациите и на сите други општествени ресурси, диктаторите во голема мера го користат и стравот од нивниот авторитет и гнев, како и казните и наградите. Кој не е со мене, тој е против мене. Така се создава општествен амбиент исполнет со непријатели.

Непријателите се супстанацијата на вториот страв со кој владеат диктаторите. Архинепријателот. Доколку не е „реален“ и „опиплив“, тој може да биде измислен или имагинарен. Тоа е постапка за креирање систематична и постојана омраза. За диктаторите е многу полесно и покорисно, пред сѐ, да создаваат илузија на заедништво врз основа на омраза, отколку на љубов и на пријателство. Затоа, политички прифитабилно е да ги мразиме соседите, да ги мразиме малцинствата и другите што не се како нас, иако живеат во нашата држава, да ја мразиме опозицијата…

Таквата состојба ја изместува рамнотежата во општеството и креира постојана параноја. Но, тоа е амбиентот во кој диктаторите најдобро се чувствуваат.

Згора на тоа, ако на двете претходни состојби на страв им се придружи и третиот – стравот на потчинетите од самите себеси, диктаторот може да ужива во таквиот амбиент.

Стравот од самите себеси произлегува од нарушената самодоверба, која се манифестира во страв од неуспех дека поединецот може нешто да измени. Овој страв и оваа состојба се остварува со уште една постапка – со изолација на членовите на заедницата. Тој страв се постигнува и се засилува тогаш кога е потребно, со стравовите од незаменливоста на лидерот и од „заканата“ што може да дојде од архинепријателот. Така се постигнува атомизација на членовите на заедницата и всадување на мислата „Што можам јас? Јас сум сам…“.

Имплантирањето на таквите мисли, меѓу другото, се постигнува со помош на медиумите. Со контрола на информациите и на непослушноста.

Денеска диктаторите не забрануваат. Денеска контролата на информациите и на послушноста се постигнува со „перење мозоци“ и со сетирање на агендата која не се однесува само на вестите. Туку на стилот на живот.

Двајцата големи писатели Џорџ Орвел и Олдоус Хаксли, секој на свој начин, ги предвидоа моделите на владеење на диктаторите. Орвел, во „1984“ пишува дека ќе владее стравот и теророт со забрани, а Хаксли, во „Храбриот нов свет“, најави дека нема да има потреба да се забранува слободната мисла зашто нема да има кој да ја застапува. Хаксли предвиде, и беше во право, дека медиумите ќе создадат луѓе што не мислат, туку го прават она што им го сугерираат медиумите. Освен медиумите, тука е и контролата на комуникациите, прислушувањето…

Но, Леонард Коен во една своја песна пее:

„… Нека ѕвонат ѕвоната што сѐ уште можат да ѕвонат
Заборавете на најдобрата понуда,
Секогаш има некоја пукнатинка, пукнатинка во сѐ,
Така, низ нив влегува светлината…“

Ако ги имаме предвид овие стихови, две опции остануваат:

Првата е дека диктаторите нема да се откажат од тоа да ја одржуваат состојбата на атомизирани заедници, во кои вегетираат поединци завладеани со страв и со поданички менталитет. Диктаторот и понатаму ќе ги употребува контролата на информациите, стравот, заканите, пропагандата и дефокусирањето од важните теми. Диктаторот знае дека доколку луѓето се ослободат од стравот и се обединат заради нивните незадоволства, тој ќе се соочи со проблеми. Сериозни проблеми.

Втората опција произлегува од диктаторското слепило и од темелното непознавање на дигиталната ера и на мобилната технологија. Она што, кога-тогаш, ќе го разберат диктаторски ориентираните лидери е дека тие веќе нема да можат да ги контролираат информациите така како некогаш. Моќта и природата на дигиталната и на мобилната технологија сѐ повеќе се префрлаат во рацете на поединците и се сѐ подалеку од канџите на владите и на корпорациите.

Тоа се тие пукнатини низ кои влегува светлината…


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести