verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Mедиумите и предизвиците со кои се соочува судството

on 24 - 09 - 2013       

,,Македонскиот судски систем е пред слободен пад“ е почетната реченица на статијата во која се обелоденува дека заштитениот сведок на одреден случај бил приморан да лаже од полициските инспектори.

Analiza_na_nezavisno_sudstvo_vo_RM crop skew 001

(Написот е втор од вкупно два дела од поглавјето за судството и медиумите објавено во публикацијата со наслов: Анализа на независноста на судството во Република Македонија, изработена од страна на Институтот за човекови права. Првиот дел од анализата е објавен овде. Повеќе за Институтот можете да дознаете овде, а целата анализа во PDF формат можете да ја преземете овде).

 

Финансиски притисок врз судството

 

Медиумите никако да се извлечат од канџите на политиката. Судството исто така. Во веќе споменатиот извештај на Стејт департментот се наведуваат и тврдења на одреден број претставници на судските власти дека Владата врши притисок врз нив, преку буџетските средства за судството.

Дека судската власт не ја доби потребната финансиска поддршка за 2013 година потврдува и изјавата на актуелната претседателка на Судскиот Совет на РМ, Александра Зафироска, во која таа вели:

„Добивме помалку од она што предвидува законот, но такви се состојбите во државава и во регионов. Се приспособуваме и мора да работиме со она што ни е оставено на располагање. Имаме зголемување 14 милиони денари, што е повеќе од она што го имаме добиено во 2012 година, а е помалку од она што е планирано“.

И претседателот на Уставниот суд, иако посебна уставна категорија, се пожали на сè уште ограничените кадровски и финансиски средства. Вкупниот буџет на Уставен суд за 2012 година бил околу 520 илјади евра, од кои за плати се потрошени околу 128 илјади, што, според него, е далеку под минимумот за нормално функционирање на институцијата.

„Уставен суд е еден од ретките државни органи чиј буџет со години наназад е непроменет. Но, и покрај овие тешкотии, успешно ги реализираме своите надлежности“.Поради лимитираните средства, додаде тој, Судот не е во можност да ги исполнува финансиските обврски поврзани со членството во меѓународните организации за уставна правда“- напомена Наумовски.

 

Сомнеж во работата на Устаниот суд

 

,,Уставниот суд на владин колосек“ – гласи насловот на статијата која најотворено прашува дали владината коалиција може најпосле да здивне и да не стравува дека во иднина највисоката институција што ја контролира уставноста и законитоста во државава, нема, со некои свои интервентни одлуки, да ги закочи реформските проекти кои власта ги смета за важни? Се очекува, во ситуација кога за исти или слични правни прашања кои порано веќе биле предмет на оцена на уставните судии, по принципот на конзистентност да се следи истата правна логика.

Сомневајќи се во независната работа на Уставниот суд во статијата се наведуваат Автентичното толкување на Законот за амнестија, Законот за здравствена заштита (кој исто така претрпува огромни пропусти), а тука може да се додаде и Законот за лустрација.

Познавачите на работата на Уставниот суд не се изненадени од начинот на постапување на уставните судии, особено ако се има предвид распоредот на силите. На ова нешто и досега се предупредуваше дека може да се случи, а што отворено беше навестено и во изјавите на високи претставници на владејачката ВМРО-ДПМНЕ при изборот на новите судии. Треба ли да се присетиме на зборовите на пратеникот Александар Николовски, кој за време на изборот на тројцата нови уставни судии – Елена Гошева, Никола Ивановски и Сали Мурати рече нешто од што би требало да се замисли, но и посрамоти, секој правник, но и обичен граѓанин во државава? Тој рече дека со нивниот избор „конечно Република Македонија ќе стане демократска држава и Уставниот суд нема да ги укинува законите донесени врз основа на Програмата на ВМРО-ДПМНЕ за која граѓаните дале поддршка на изборите“- се вели во Утрински весник.

За изборот на Уставните судии се образложува и во друга статија на дневен весник (Димоски, Саше, Уставен суд- пензионерски клуб, дневен весник ,,Фокус“, 20.12.2012). Таму се вели дека Собранието треба да избере уште еден уставен судија кој ниту еден ден не бил во судството или во некоја научна институција во која би се занимавал со Уставот и со неговата практична примена, како и тоа дека, поради тоа што неговиот син бил на функција во кабинетот на претседателот на државава тоа била доволна виза владејачката партија да го предложи за функцијата. Ова е втор случај во кој власта ги вади кандидатите од пензија и ги става во највисокиот суд кој одлучува за Уставот и за законите.

На новинарско прашање колку се точни политичките обвинувања дека со последните измени во составот Уставен суд станува продолжена рака на власта, Наумовски рече дека ,,не може да ги потврди ваквите тврдења“. „Секој судија е одговорен за својата работа, особено по изјавата што ја дава во Собранието дека функцијата ќе ја извршува совесно, чесно и доследно“, потенцираше Ивановски. Сепак, Ивановски индиректно потврди дека има одредени отстапувања во образложенијата на одлуките и во некои ставови, промена на ставови на Судот. „Тоа го имало порано, може ќе го има и сега, некогаш подрастично, некогаш не толку изразено. Сепак, секој судија е самостоен и независен во своето одлучување. Одговорен е во рамки на надлежноста, водејќи притоа сметка и за севкупната одговорност на Судот“, истакна Наумовски и рече дека самиот во изминатиот период имал неколку издвоени мислења околу законите за високо образование, за здравствена заштита и за управна постапка.

Прашање е колку овој состав на Уставниот суд е свесен за својата улога. Професионалниот и стручниот капацитет, а уште повеќе моралниот интегритет на судиите не ветува ништо добро (Дувњак, Гордана, Купување време за лустрацијата, Утрински весник, 14.3.2013).

 

Правосудството и изборите/ Работата на Управниот суд

 

Антикорупциска комисија им препорача на Советот на јавни обвинители и на Судскиот совет да се воздржат од изборот на судии и обвинители до конституирање на новата локална власт со цел да го заштитат изборот од евентуални влијанија во предизборието.

Партиските влијанија не го заобиколуваат ни Управниот суд кој е актуелен поради оставката на првиот човек – Исамедин Лимани. Оставката се случи во време кога неговите колеги сè уште одлучуваа по жалбите на приговорите на овластените предлагачи на одбиените проговори од ДИК за гласањето во вториот круг од локалните избори одржани на 7 април. Неофицијално се дознава дека мотив на судијата Исамедин Лимани е незадоволството од одлуките на неговите колеги за Струга и за Центар.

 

Останати теми присутни во медиумите

 

Неделникот ,,Фокус“ пишува и за продавањето на телевизијата АЛФА и за нејзиното „бојадисување во портокалово“ со цел спасување на приватниот бизнис на сопственикот од негативна судска одлука. Во ,,Фокус“ се вели дека по продавањетоТВ Алфа станала провладин медиум, Штерјо Наков, поранешниот сопственик на телевизијата го спасил ,,Фершпед“, а судиките кои ја донесоа позитивната одлуката се унапредени и сега се судии во Врховниот суд на РМ. ,,Сите добија, само демократијата е оштетена“ се вели во прилогот. (Димовски, Саше, Неделник Фокус, 11.01.2013.)

Мета на критика е и професионалниот систем за евалуација во земјава кој, со цел да промовира објективна оценка го запоставува критериумот за оценување на квалитетот на работата на судиите и не произведува никакви значајни информации, како за коригирање на недостатоците кои произлегуваат од работата на поединецот,така и за подобрување на квалитетот на судскиот систем како целина.

,,Македонскиот судски систем е пред слободен пад“ е почетната реченица на статијата во која се обелоденува дека заштитениот сведок на одреден случај бил приморан да лаже од полициските инспектори. Воочени се можни злоупотреби на посебните истражни техники и заштита на сведоците за справување со политички противници, а е злоупотребен и институтот „заштитен сведок“ од органите на прогон. Во истата статија се зборува и за изгубената непристрасност во судењето, со самото тоа што судијата имал средба со „заштитениот сведок“ надвор од судот, после што сведокот решил да се откаже од статусот на „заштитен сведок“. ,,Со ова“ се вели, ,,судството не само што не успеа да се докаже како контролор над полицијата и службите за безбедност, во смисла на гарант на законитоста на човековите права на осомничените, туку напротив, остава впечаток на безлична алка во бирократизираниот систем што не покажува голем респект кон човековите права (Димовски, Саше, Признанието на “Бреза” дека лажно сведочел по налог на СБК откри како власта креира „заштитени сведоци“?, Неделник ,,Фокус“, 15.2.2013)


Оваа анализа е реобјавена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Работата на проектот e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторите и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести