verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумите и отпишувањето на долговите

on 25 - 04 - 2014       
Отпишување долгови: кој треба да го стегне, а кој да го попушти ременот. Фото: Ken Teegardin

Отпишување долгови: кој треба да го стегне, а кој да го попушти ременот. Фото: Ken Teegardin

Популистичките мерки на властите во една држава воoбичаено предизикуваат голем интерес кај медиумите посебно ако е во време на изборна кампања.

 

Пишува: доц. д-р Светлана Вељановскадоктор по меѓународно право

 

Не верувам дека има некој медиум во земјава кој не ја пренесол информацијата за мерката со која се најавува дека на граѓаните од социјалните категории ќе им се помогне на тој начин што ќе им се отпишат долговите за заостанати сметки за струја, парно, радиодифузна такса, како и долгови на кредитни картички, минусни салда и потрошувачки кредити.

Стандардно, медиумите го пренесуваат тоа што им се нуди на прес-конференциите:

И, пак, стандардно, со ретки исклучоци, медиумите не сакаат да постават неколку суштински прашања на кои граѓаните како нивни гледачи, слушатели или читатели би требало да добијат одговор.

Едно од прашањата кое неспорно мораше да биде поставено на пресовите каде се споменуваа овие популистички активности е: како ваквиот метод на поддржување на неплаќачите ќе биде образложен пред редовните плаќачи на обврските во однос и на приватните и на државните претпријатија.

Следно што граѓаните треба да знаат е: зошто во иднина тие треба да плаќаат се што потрошиле и зошто да не почекаат некој друг да ги плати нивните обврски-па макар тоа била и државата.

 

Уставното начело за еднаквост на граѓаните

 

Даночните обврзници сигурно треба да се информирани каде одат парите кои тие ги плаќаат во буџетот на државата – дали во корист на сите граѓани или само за една категорија која според податоците на Министерството за труд и социјална политика во Македонија брои околу 40.000 домаќинства и за кои, ако ова се реализира, ќе треба да се потрошат повеќе од 12 милиони евра заеднички средства од буџетот на државата.

Или каде овде може да се согледа уставното начело за еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, односно дали е уставен нееднаквиот третман на граѓаните во однос на нивните обврски за плаќање.

Одговорите на овие и други прашања кои си ги поставуваат граѓаните кои не спаѓаат во категоријата на социјално загрозени лица во име на своите гледачи, читатели и слушатели најповикани се да ги добијат токму медиумите.

Прашања поставуваат и социјално загрозените лица кои сметаат дека се ускратени од ова право поради тоа што не се активни баратели на работа или затоа што нивните приходи се неколку денари над лимитот кој се бара за да им бидат „простени долговите.“

Со оглед на понудените вести, информации и анализи на оваа тема, најкраткиот одговор е дека никој не ги праша најповиканите за одговор на овие прашања. Премиерот, министерот за финансии, министерот за труд и социјална политика, самите, во рамките на својата добра волја (и изборни ветувања) информираат, а медиумите пренесуваат дека отписот е еднократна мерка која треба да им помогне на граѓаните погодени од економската криза. Државата на компаниите и банките, на кои им се должи, ќе им даде даночно ослободување во износ на долговите и понатаму да имаат подобри можности во однос на плаќањето на идните oбврски.

Само три медиуми DW, Сител и Плусинфо најдоа начин преку поканување на соговорници да ги информираат своите читатели (гледачи) на кој начин и дали е можно ваквите најавени мерки да се применат и кои би биле евентуалните последици од нивната примена. Презентирано е мислењето на претставникот на Транспаренси интернешнел – Македонија според која:

Овој тип на ветувања во ниту еден случај не би можеле да се реализираат само со одлука на оние кои ги нудат во кампања. На пример, за ослободување од радиодифузната такса за јавниот сервис мора да одлучи Собранието со двотретинско мнозинство. Долговите за парно и струја се долгови кон приватни компании, а за да може тие да се плаќаат од страна на државата, исто така треба да се обезбедат средства во буџетот со двотретинско мнозинство. Долговите во банки никој не може да ги отпише затоа што финансиските институции склучуваат договори со реални каматни стапки.

Свој став за оваа мерка презентиран преку СИТЕЛ изнесоа и извршителите според кои тоа е:

Реално изводлива и добра идеја, која ќе им го олесни животот на најзагрозените категории на граѓани.

Додека пак во DW може да прочитате дека:

Сите што имаат блокирани сметки поради неплатени обврски, доаѓаат и бараат да се стопира постапката, бидејќи долговите ќе им ги покриела ВМРО-ДПМНЕ од септември. Како ние да стопираме нешто, кога имаме решение од органи или економски субјекти, според кое сме обврзани да постапуваме? Ова ни направи огромен проблем. Секој ден буквално имаме митинзи пред канцелариите, притисоци и кавги. Луѓето мислат дека ние сме причина за сите нивни проблеми. Тоа и не е случајно, бидејќи и во кампањата некои партии ги хушкаат гласачите дека ние извршителите се збогатуваме врз грбот на граѓаните“, велат револтирано извршители.

Плусинфо во обид да презентира дали е можно да се спроведе и практично ова ветување анализира кои сѐ предуслови треба да исполни граѓанин за да биде вклучен во оваа категорија.При тоа го цитира ветувањето во програмата на владеачката политичка партија:

„Oтписот на обврските од страна на економските субјекти ќе се изврши на доброволна основа, преку одобрување на даночен кредит од страна на државата во висина на отпишаните обврски“.

 

Дали некој ги постави овие прашања?

Меѓутоа, никој од посочените медиуми не се обидел да ги исконтактира банките, МРТ, ЕВН, Топлификација и другите компании кон кои се насочени овие мерки и препораки, односно од кои би требало да се очекува да ги реализираат во наредниот период.

Се поставува прашање за причината поради која се постапува на ваков начин од страна на медиумите. Без разлика дали ја поддржуваат или се против оваа мерка, заради своите читатели, гледачи, слушатели треба да се обидат да се информираат на „изворот“ . Од најповиканите за спроведување на оваа мерка да дознаат:

  1. Дали некој ги консултирал при предлагањето на овие мерки;
  2. Ако ги консултирал- дали се реално остварливи;
  3. Ако не биле консултирани – зошто не реагираат и молчат за предложените мерки кои ќе имаат последици на нивното работење и губење на довербата на граѓаните кон нив;

Има уште бројни други прашања кои треба да бидат одговорени, само треба некој да се охрабри и да ги постави на вистинската адреса. Медиумите го имаат легитимитетот, правото и обврската. Потребно е само да соберат храброст.


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести