verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Медиумите и изборите (1)

on 1 - 03 - 2013       
Овој напис го има и на: Албански, Англиски

Ни медиумите не се тоа што беа: Смеат ли министри да даваат партиски изјави во работно време?

Пишува Жарко Трајаноски, м-р по човекови права

Текстот е достапен и на албански јазик: As mediumet nuk janë ato që ishin: A guxojnë ministrat të japin deklarata partiake në kohë të punës?

Медиумите и изборите (1)

„Ни конзервативците не се тоа што беа:
британскиот парламент ги одобри геј-браковите

– наслов на интернет-портал

Будното и критичко следење на политичките процеси за време на изборите и (зло)употребата на политичката моќ е една од главните етички и професионални обврски на новинарите.

Новинарите кои известуваат за политичките процеси во Република Македонија се соочени со повеќе етички предизвици во несекојдневен политички и медиумски контекст. Актуелниот политички контекст е предодреден од политичката криза по настаните од 24.12.2012 која ја доведува под прашање легитимноста и регуларноста на претстојните локални избори.

Еден од главните етички предизвици за новинарите во услови на загрозена слобода на изразување е: Како да се исполни етичкиот императив за критичко следење на политичките процеси (особено изборите) кога голем дел од критичките медиуми по изборите во 2011 згаснаа или беа затворени, а критичките новинари беа и сеуште се изложени на најразлични притисоци и закани?

Што стана со критичкото новинарство по изборите во 2011?

И пред изборите во 2011 г. имаше подолг период на бојкот на Собранието од страна на мнозинството опозициски  партии,  како „одговор на замрзнувањето на жиро сметките на четири медиуми,  во врска со кривичната истрага поврзана со сопственикот на А1  Телевизија,  која се смета за најкритички настроен медиум кон владата“. Според мониторингот на медиумите од страна на ОБСЕ/ОДИХР, „најголем број медиуми ја следеа изборната кампања според партиски уредувачки политики, при што недостасуваше критичка анализа, честопати надополнувајќи ги фактите со уреднички коментари“.

Недостигот на „критичка анализа“ беше надополнет со други оценки кои тогаш сугерираа незаконска поврзаност на најголем број медиуми со политичките претставници:

„Најголем број приватни телевизиски канали кои се емитуваат на национално ниво,  се во сопственост на роднини на лидери на политички партии кои се преставени во парламентот, што е спротивно на Законот за радиодифузна дејност.“

Наместо да бидат перципирани како глас на јавен интерес, поголемиот број медиуми за време на изборите во 2011 г. беа перципирани како (раз)глас на владин или партиски интерес.

Она што прво паѓа во очи две години по парламентарните избори,  е дека „најкритичките медиуми“ – А1, Време, Шпиц и Коха е ре – одамна веќе ги нема.  Хелсиншкиот комитет оцени дека „…затворањето на неколку медиуми кои биле критички расположени кон власта, го помрачува медиумскиот простор во државата, а со тоа и демократијата во истата.“ Отсуството на критичка анализа станува се позабележително и со згаснувањето на критички медиуми („Ден“, „Граѓански“)  кои не успеаја економски да преживеат во клима каде што владините реклами „се доделуваат како награда за лојалните уредувачки политики“, а рекламерите стравуваат од владини притисоци доколку објавуваат реклами во критички медиуми. И промената на сопственоста во одредени медиуми придонесе за промени во уредувачката политика, отстранување на критички новинари, или затапување на нивната критичка острица.

Загрижувачки е што во најголем дел од провладините медиуми критичката анализа се негува најмногу кон опозиционерите или кон критичарите на власта, а најмалку кон претставници на властите.  Наместо „Будно да ги следат и храбро да ги повикуваат на одговорност лицата што се на власт“, провладините новинари будно ги следат и храбро ги повикуваат на одговорност опозиционерите кои не се на власт. Така, голем дел од медиумите воопшто не се фокусирани во барање на одговорноста од власта за настаните од 24.12.2012, туку политичката криза ја тематизираат фокусирајќи се на одлуките на опозицијата.

Отсуство на критички пристап и повикување на одговорност на власта

Насловите  „ВМРО-ДПМНЕ со нова подадена рака до СДСМ“ (Курир,  25.02.2013 14:22) и „Ставрески: Ние подадовме рака, штета е што СДСМ донесе лоша одлука“ (МИА, 27.02.2013 11:47) беа некритички пренесени од страна на голем број медиуми, без обиди да покрене прашањето за одговорноста и инволвираноста на „вицепремиерот“ во насилното отстранување на пратениците.

Да потсетиме, Хелсиншкиот комитет  соопшти дека „Неколку сведоци го виделе,  а некои ја овековечиле сцената кога Министерот за финансии,  Зоран Ставревски, со мавтање на раката бара од обезбедувањето побрзо отстранување на пратениците од опозицијата од собраниската сала“. Врз основа на видео снимките, Хелсиншкиот комитет констатираше дека „е нарушен и принципот на поделба на власта, бидејќи припадниците на полицијата вршеа насилно отстранување на пратениците и тоа по „наредба“ на министерот за финансии, Зоран Ставревски“. Но, и покрај тоа, авторитетот на Ставревски и неговиот „имиџ“ како претставник на тие што „подаваат рака“ не беше доведен под прашање со поставување на критички новинарски прашања.

Згора на тоа, МИА некритички ја пренесе партиската изјава на Ставревски дадена на државен настан (промоција на безготовинско плаќање за нови лични документи), во работно време, каде што тој ја извршува својата владина, а не партиска функција. Медиумите не го покренаа прашањето дали јавни функционери можат да даваат партиски изјави на владини промоции или на партиски прес конференции во работно време. Напротив, повеќе медиуми известија дека новиот предлог на партиска прес конференција го соопштил вицепремиерот и министер Зоран Ставрески,  иако на партиската страница стои дека предлогот го соопштил „Зоран Ставрески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ“. Практично, иако Ставревски не настапи како министер за финансии или вицепремиер, туку како партиски член, тоа не претставуваше повод неговиот настап да биде доведен под прашање од новинарите, во име на јавниот интерес.  Иако граѓаните се непосредно засегнати како плаќачи на данок, новинарите не се осмелија да истражат дали министерот за финансии зел слободен работен ден, за да може да им се посвети на партиските обврски. Напротив, некои медиуми ја споија неговата државна и партиска функција („вицепремиерот Ставрески, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ“) без воопшто да проблематизираат дали има случај на злоупотреба на државната функција за партиски цели.

 Ем државни, ем партиски гласноговорници

Медиумите не ја доведоа под прашање ниту улогата на Министерката за внатрешни работи како партиски гласноговорник на ВМРО-ДПМНЕ. Во прилогот „ВМРО-ДПМНЕ по итна постапка донесе измени со кои се дава шанса СДСМ да учествува на изборите“ (објавен на веб од Сител на 26.02.2013 – 12:45) се пренесува во интегрална форма  „Изјавата од прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ, на која се обрати министерката Јанкуловска“, иако на партиската веб-страница стои информација дека станува збор за „Прес конференција на г-ѓа  Гордана Јанкуловска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ“.  Но, на партиската конференција не беа соопштени некакви нови партиски, туку владини информации:

„…информираме дека Владата на Република Македонија на денешната седница по итна постапка усвои предлог закон за измени и дополнувања на Изборниот законик…“

И во овој случај беше забележително отсуството на критички пристап, па не беа покренати прашањата од јавен интерес: Зошто информациите не се соопштени на владина прес-конференција? Дали владејачката партија може да ги користи своите прес конференции за да информира за владини одлуки? Дотолку повеќе, што минатите парламентарни избори беа критикувани  од ОБСЕ/ОДИХР поради „случаи на недоволно одделување на државните од партиските структури, спротивно на став 5.4 од Копенхашкиот документ на ОБСЕ од 1990 г“, за „злоупотреба на државни ресурси за цели на кампањата и употреба на партиска реторика во случаи кога кандидатите дејствуваа во улога на службени лица“. Имено, новинарите испуштија да го афирмираат став 5.4 од Копенхашкиот документ на ОБСЕ од 1990 г., во кој заради заштита на човековите права и фундаменталните слободи, државите се обврзале дека ќе го почитуваат како есенцијален елемент на правдата, „јасното одделување помеѓу државата и политичките партии; особено, политичките партии нема да бидат спојувани со државата“.

Исто така, повторно не беа покренати критички прашања за одговорноста на Министерката за внатрешни работи за полициското протерување на новинарите и пратениците кое резултираше со длабока политичка криза. Не беше покренато ни прашањето што особено ги засега граѓаните кои го полнат буџетот од кој министерката зема плата: Дали Гордана Јанкуловска зела слободен ден за да настапува како член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во работно време за да ја оддржи партиската прес-конференција, или пак ја злоупотребила својата министерска функција за партиски цели?

Етичката и професионална обврска за будно и критичко следење на политичките процеси за време на изборите им налага на новинарите да ги преиспитуваат и анализираат случаите каде што нема јасно одделување помеѓу државата и политичките партии, помеѓу државните и партиските функции. Токму таквите случаи се показател за можна злоупотребата на политичката моќ.

 

Илустрација: Gabriel VanHelsing

(Продолжува: Медиумите, изборите, говорот на омраза и нетолеранција)

 



Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за најнови вести