verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиумите да се свртат кон едукација наместо сензационализам во известувањето за групата „Јавна соба“

on 29 - 01 - 2020       

Откривањето на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа „Телеграм“, на која се објавуваат експлицитни фотографии и видеа, крена голема прашина и покрена многу контроверзни прашања и проблеми од јавен интерес.

Нејасно е како оваа група, за која техничкиот премиер Оливер Спасовски рече дека е новоформирана, успеала да достигне над 7.000 членови за кратко време. Дел од медиумите побрзаа сензационалистички да објават дека поранешни високи функционери, менаџери на кафулиња, новинари и бизнисмени се дел од групата.

Па, оттука се поставува прашањето дали сите што се членови на оваа група биле свесни каде им фигурира името. Дали додавањето на луѓето во групата било на нивна иницијатива или некој ги додавал без нивно знаење.

КАКО ФУНКЦИОНИРА ТЕЛЕГРАМ?

На јавните групите на Телеграм може да се вклучи секој. Пристапувањето кон затворените групи, каква што е и оваа, е малку поинакво, но и тоа не е многу тешко зашто се одвива преку линкови за поканување. И медиумите кои што го објавија случајот информираа дека зачленувањето оди преку испраќање приватни пораки, по што автоматски тој што ја добива пораката станува дел од групата. Секој од групата може да испрати линк со покана за вклучување во групата на било кого и преку кликнување на линкот веднаш се станува член на групата. Ова го потврдува и администраторот на групата, кој вели дека „работата излегла од контрола“ со тоа што „(…) еден администратор додал еден член, друг додал трет и така за два дена групата имаше речиси 500 членови.

Руската апликација „Телеграм“ со седиште во Дубаи нуди и опција тој што ја користи да може да го скрие телефонскиот број и да се претставува со прекар. Па, така, ако некој е потпишан како Трпе Трпевски не значи дека тоа му е вистинското име. Всушност, со тоа може да се направи и манипулација и некој да се потпише со име и презиме на личност која е јавна и позната на сите.

ЕДУКАЦИЈА НАМЕСТО ШПЕКУЛАЦИЈА

Иако случајот е многу актуелен и покренува навистина важно прашање во кое се вклучени малолетни лица и покренува свест за последиците кои што тие може да ги сносат преку ваквите групи, сепак медиумите треба да бидат особено внимателни во објавувањата на вакви податоци.

Проблематични се објавувањата и на принтскринови од самите објави. Фотографиите со интимните содржини, иако се заматени, сепак, јасно се гледа за што станува збор. А, фотографиите со наркотичните средства се јасно пренесени во медиумите.

Пред да се објавуваат било какви шпекулативни податоци на оваа тема, и медиумите и корисниците на социјалните мрежи треба да почекаат да заврши официјалната истрага од надлежните институции која што треба да даде одговор на многу нејаснотии поврзани со овој случај.

А, во меѓувреме, бидејќи задачата на медиумите, освен да информираат, им е и да едуцираат, потребни се повеќе едукативни написи на оваа тема што ќе ја подигнат јавната свест за постоењето, превенцијата и решавањето на вакви проблеми.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења.

Претплатете се за најнови вести