verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиуми, а да помислевте на детето, а не на кликнувањата!

on 29 - 07 - 2016       

 

 независно кој прв почна да ја расплетува чувствителната приказна, срамно е што притоа многумина во медиумите заборавија на болката на детето. Фото: Принтскрин http://www.historymatters.group.shef.ac.uk

Независно кој прв почна да ја расплетува чувствителната приказна, срамно е што притоа многумина во медиумите заборавија на болката на детето.
Фото: Принтскрин http://www.historymatters.group.shef.ac.uk

 

И независно кој прв почна да ја расплетува чувствителната приказна, срамно е што притоа многумина во медиумите заборавија на болката на детето. Тоа, се разбира,  е неодговорно и недозволиво за етички исправното новинарство.

 

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Кој прв почна и кој е виновен за обелоденувањето  на имињата на малолетното девојче и на осомничениот педофил, случај што деновиве ја потресе македонската јавност? На остри и крајно поделени реакции наиде морничавата приказната што ја обзнани многу блиска роднина на девојчето и која со брзина на светлината се рашири низ македонскиот етер.  За жал, медиумите потфрлија известувајќи за настанот. Трчајќи по сензационализам, заборавија како се известува за случаи во кои жртви или инволвирани се малолетници, но и на презумцијата на невиност.

 

 

УСТАВОТ Е ЗА ПОЧИТУВАЊЕ

Уставот во член 13 предвидел:

Лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино сè додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука. Лицето незаконито лишено од слобода, притворено или незаконито осудено, има право на надомест на штета и други права утврдени со закон.

Ова ниеден новинар не смее да го заборави при својата работа. Не случајно уставните и законските рамки се инкорпорирани и во Кодексот на новинари на Македонија.

Во членот 7 е наведено:

Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес.

Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост.

Во членот 8 стои :

Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми.

Во судските постапки треба да се почитува принципот на презумција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда.

 

ДА СЕ ЗАШТИТИ ПРИВАТНОСТА

Кога новинарите известуваат за деца, особено за деликатни теми, како што е сексуалното насилство, неопходно е, но не е и доволно, да се придржуваат до етичкото начело „минимизирајте ја штетата“, вели Жарко Трајаноски, магистер по човекови права, во анализата насловена: „Неетичко новинарство: Сензационалистичка употреба на „педофил“ и „педофилија“.

Во текстот се вели дека потребно е новинарите да ги познаваат казнените одредби, како и одредбите од Конвенцијата за правата на детето, особено членот 34, во кој се вели:

Државите потписнички се обврзуваат да ги штитат децата од сите облици на сексуално искористување и сексуално малтретирање.

Исто така, стои во анализата, потребно е новинарите да ги познаваат и посебните етички стандарди за медиумско известување за деца, како што се: Етичките насоки на УНИЦЕФ, насоките и принципите на Меѓународната федерација на новинари, како и Упатствата за известување и информирање за малолетници (Прирачник за етиката во новинарството). На уредниците можат да им бидат од особена корист и „Уредничките принципи за деца на BBC“.

Кога известуваат за деца кои се жртви на сексуално насилство, новинар(к)ите мора да ја заштитат приватноста и идентитетот на децата, како и да избегнуваат несоодветно пренесување информации кои можат да доведат до нивно идентификување. На новинарите им се препорачува никако да не ја откриваат адресата на децата за кои известуваат. Согласно насоките за медиуми на Третиот конгрес против сексуалното искористување на деца и на адолесценти, кога се известува за сексуално малтретирање и за експлоатација, не треба никогаш да се идентификуваат преку зборови или слика, не само децата, туку и местата каде што можат да се лоцираат ранливите деца. Според насоките и принципите на Меѓународната федерација на новинари, новинарите и медиумските организации треба да избегнуваат „употреба на сексуализирани слики на деца“, како и употреба на „стереотипи и сензационалистички претстави“ кога промовираат материјали кои вклучуваат деца, пишува Трајановски.

Дека новинарите и медиумите секогаш треба да имаат предвид дека информирањето на несоодветен начин може да остави трајни последици во животот на детето и секогаш треба да водат грижа за неговиот најдобар интерес, пишува и во „Кодексот на новинари при известување за случаи на сексуална злоупотреба на деца и педофилија“, изработен од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, во соработка со новинарите во Македонија.

Во членот 4 стои:

Новинарите и медиумите секогаш треба да го заштитуваат идентитетот, интегритетот и приватноста на детето при известување во случај на сексуална злоупотреба на деца и педофилија, на начин што нема да го обелоденуваат, откриваат или објавуваат идентитетот на децата инволвирани во овие случаи, без разлика дали се јавуваат како жртви или сведоци.

 

СЕ ЗАБАВУВА РЕХАБИЛИТАЦИЈАТА

Причината за заштита на идентитетот на детето жртва на полов напад, според Уранија Пировска, од Хелсиншкиот комитет е за да може тоа дете побргу да се рехабилитира.

uranija pirovska 1„Сето ова што се случува со приказнава во медиумите само ќе ја влоши шансата за брза рехабилитација на детето. Кога има ваков случај, тој не треба да се решава преку медиумите, туку потребно е да се вклучат социјални, психолошки служби за детето да се рехабилитира побргу. Со овој напад на текстови само се одложува неговото заздравување“, вели Пировска.

Според неа, детето само, по навршување на 18 години, треба да одлучи дали оваа приказна ќе ја сподели со светот или не.

„Не случајно постојат стандарди и посебен пристап во известувањето кога станува збор за малолетни жртви на полов напад. Тука има двојна виктимизација, срам, стигматизација. Секогаш треба да се води сметка за најдобриот интерес на детето“, вели Пировска.

Тоа дека сето ова што се случува со медиумите е резултат на нивното повеќегодишно уништување е став и на Драган Антоновски од Советот на етика во медиумите. Тој вели дека во општеството владеат искривени стандарди и искривени професионални аспекти.

dragan antonovski 1„Ова е само уште една потврда за тоа што ни се случува. Се уриваат вредностите на професијата постојано. Сериозно е нарушен новинарскиот простор, а дали и кога ќе се вратиме на нормална состојба, веќе никој не знае. За народот стана интересно некој да пцуе на телевизија, да крши маси, ние веќе не сме интересни. Вулгарноста е тоа што го бара публиката, таков принцип е наметнат последниве години“, ни изјави Антоновски.

Дел од македонските медиуми и јавноста во целост потфрлија во начинот на кој ја третираа темата за наводното силување на малолетното девојче. Како нација, очигледно сме гладни и жедни за ексклузивитети, но во тој процес како да се заборава на човечката димензија на оваа трагедија, вели за „Сервисот за проверка на факти во медиумите“, новинарката од „Призма“, Мери Јордановска. Таа објаснува дека третирањето на децата во медиумите, освен во новинарскиот Кодекс, е регулирано и со Конвенцијата на ОН за правата на детето, како и со општоприфатените стандарди кои налагаат дека е строго забрането манипулирање со детските емоции, инсистирање на повторно преживување на траумата и објавување на идентитетот на детето.

meri jordanovska 1„Од друга страна, во случајов, секојдневно и на медиумите и на социјалните мрежи гледаме дека не само што се споменува името на девојчето, туку се споделуваат и нејзини фотографии. Се прашувам, каков е ефектот од тоа, бидејќи јавен интерес тука не гледам. Единствено што гледам е дека со тоа јавноста само може да придонесе траумите на детето да траат подолго. Станува збор за крајно сензитивен случај, кој треба и крајно сензитивно да се третира. Факт е дека јавноста и институциите треба да бидат алармирани за вакви случаи, но тука е улогата на новинарите и на сите граѓани кои првото прашање што треба да го постават пред јавно да објават нешто е, „како со ова помагам на девојчето?“. Јавните сожалувања, соопштувањето детали, тагирања и именувања, колку и да се добронамерни, во вакви случаи не помагаат“, вели Јордановска.

Таа напоменува дека во вакви случаи помага само едно нешто – да се зголеми свесноста, санкциите, превенциите.

„Тоа можат да го сторат институциите и тие се местата што треба да се тагираат. Оттаму, неприфатливо ми е да се објавува идентитетот и фотографиите од наводниот педофил, со оглед на тоа што лицето е во притвор и ќе следува постапка. Презумцијата на невиност важи еднакво за сите, па оттаму, наместо да се повикува на линчови и на бесилки, многу поголем ефект ќе има доколку медиумите се зафатат со овие проблеми далеку посериозно, притоа почитувајќи го секој живот и сечија приватност еднакво“, заклучува Јордановска.

И независно кој прв почна да ја расплетува чувствителната приказна, срамно е што притоа многумина во медиумите заборавија на болката на детето. Тоа, се разбира,  е неодговорно и недозволиво за етички исправното новинарство. Појавата на вести со детални и чувствителни информации,  напади, откривањето на идентитетите на засегнатите, пцовки и слично, само покажа дека ништо не сме научиле од професијата. Сè уште се однесуваме како новинарството од неговите почетоци, од жолтата ера на медиумите. Тоа е неприфатливо во 21 век.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести