verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Медиуми, избори и избирачки список во држава без направен попис

on 9 - 04 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански
„Таман стигнав да се родам пред попис за да бидам попишан.“ Кампања за попис во Велика Британија, 2006. Фото: John Dalton

„Таман стигнав да се родам пред попис за да бидам попишан.“ Кампања за попис во Велика Британија, 2006. Фото: John Dalton

 

Суштинска е потребата да се има информација за бројот на населението, образовната структура, возраста на популацијата, расположливите земјоделски површини и слични податоци со кои треба да располага Заводот за статистика на РМ. Меѓутоа, бидејќи кај нас и ова се поврзува со политиката, неспорно е дека медиумите треба да се интересираат и за ова прашање во контекст на претстојниот изборен процес.

 

Пишува: доц. д-р Светлана Вељановскадоктор по меѓународно право

 

Во напливот на информации за изборните кампањи на претседателските кандидати медуимите како да подзаборавија на суштината поради која се организираат изборите: можноста која им се нуди на гласачите на една земја со својот глас на еден од понудените кандидати да му го предадат својот авторитет тој да донесува одлуки во нивно име.

Дебатите околу содржината на избирачкиот список, дали и колку тој е „(не)чист“, кои се одвиваат преку медиумите се презентираат од погрешен аспект на набљудување. Прашањето кое примарно треба да се постави и од кое зависат сите понатамошни активности е, всушност, она што е поставено во интервјуто на Утрински весник За добар избирачки список треба да има попис. Зошто во Република Македонија подолго време нема попис на населението?

Медиумот кој ќе го постави ова прашање и ќе добие одговор од претставниците на институциите во државата, а не од меѓународните набљудувачи, ќе ја има привилегијата да ги отвори вратите за демократски избори во Република Македонија.

 

Ако Бурма прави попис, можеме и ние

 

Потралот Плусинфо и Радио Слободна Европа го презентираат ставот на политичарите дека проблемот е во концептот на попишувањето кај нас:

„Моето мислење е дека нам ни треба, еден компјутерски софтвер со кој точно ќе се евидентира присуството на секој граѓанин во секој момент, во секоја минута, значи кој е во земјата и кој не е во земјата, и на него би можело да се направи само еден дополнителен попис секој да се искаже етнички и верски, заради потребите на Охридскиот рамковен договор и уставните одредби поврзани со тоа.“ Политичка волја, а не нов софтвер за пописот

 

Чиста работа – попис по пошта во САД: „Формуларите за пописот ви се доставени: Вашиот одговор е обврска според закон“, 2010. Фото: Quin Dombrowski

Чиста работа – попис по пошта во САД: „Формуларите за пописот ви се доставени: Вашиот одговор е обврска според закон“, 2010. Фото: Quin Dombrowski

 

Со ова не се согласуваат демографите кои тврдат дека не може да се менува концептот на попишување затоа што сите земји мора да ги почитуваат препораките за попис донесени од страна на Европската комисија и Обединетите нации. Во спротивно, ние ќе го измешаме бројот на населението во една земја со друга земја, бидејќи тие ќе се појавуваат двојно попишани и во нашата земја и во земјата во која престојуваат. Стручњаците, пред сѐ, проблемот го дефинираат како недостаток на функционалност на институциите во системот.

Голем дел од нашите медиуми деновиве пренесоа вест дека во Мијанмар (поранешна Бурма) повеќе од 30 години немало попис и дека тој е во тек овие денови, при што не заборавија да потенцираат дека сомневањата се околу бројот на населението, а фокусот ќе биде ставен и на религиозната припадност на етничките групи. Обединетите нации се организацијата која ги обезбедила обуките и формуларите за попишувачите.

Можеби аналогијата со оваа земја не е најсоодветна со Република Македонија. Сепак, во независна Македонија, се одржани три пописи на населението во 1991, 1994 и во 2002 година. За секој од нив постоеја сомневања во веродостојноста на податоците за бројот на населението и за етничкиот состав, а повлекуваа оставки или откази на членовите на Државната пописна комисија. Плусинфо

Зошто на медиумите им се потребни податоците од пописот?

Во секое нормално демократско општество пописот е само статистичка операција. Суштинска е потребата да се има информација за бројот на населението, образовната структура, возраста на популацијата, расположливите земјоделски површини и слични податоци со кои треба да располага Заводот за статистика на РМ. Меѓутоа, бидејќи кај нас и ова се поврзува со политиката, неспорно е дека медиумите треба да се интересираат и за ова прашање во контекст на претстојниот изборен процес.

 

Како работат државните институции без пописни податоци

 

За пописот кој се спроведуваше во летото 2011 година, а беше прекинат неколку дена пред да заврши, имаше две теории зошто тоа се случи: првата, дека резултатите нема да им одговараат на Албанците, односно дека ќе излезе оти се помалку отколку што се тврди. Според втората, одлуката за прекин на попишувањето ја донела токму владејачката партија од македонскиот блок, бидејќи првичните резултати покажале значителен број отселени Македонци, особено од источните делови на земјата. Плус инфо

 

Пописна машина за пребројување и читање на дупчени картички (Hollerith Census Machine – компанијата потоа се спои со IBM), 1890 година. Денес се наоѓа во Computer History Museum. Фото: Scott Beale, 2006 godina

Пописна машина за пребројување и читање на дупчени картички (Hollerith Census Machine – компанијата потоа се спои со IBM), 1890 година. Денес се наоѓа во Computer History Museum. Фото: Scott Beale, 2006 godina

 

Медиумите не треба да се интересираат која од двете или можеби трета е вистината поради која пописот не успеа. Тие треба да се обидат да најдат одговор на други прашања, меѓу кои и  следниве:

  • Од претставниците на Заводот за статистика да се информираат (и да нѐ информираат нас како нивни читатели, слушатели и гледачи) зошто не се во можност да ги почитуваат стандардите на Европската комисија и Обединетите нации секои десет години (препорачано е тоа да се годините кои завршуваат на 0 или 1) да организираат попис на населението каква што е практиката во секоја демократска држава. Дали нивните вработени, во моментот кога се на своите работни места, ги реализираат своите работни или партиски задачи?
  • Од претставниците на Министерството за економија да се информираат врз база на кои статистички податоци ги прават проекциите за функционирање на економијата?
  • Од претставниците на Агенцијата за вработување да се информираат од кои статистички податоци ги црпат стапките на невработеност во земјава? Од колкав број работоспособно население ги пресметуваат процентите на вработени, односно невработени?
  • Од Министерството за образованието – како доаѓаат до потребниот број слободни места за објавување на конкурсите за упис на факултетите и средните училишта?
  • Од Министерството за земјоделие како знаат колку обработлива површина има и со кои култури е засадена? Дали податоците доставени во пријавите на земјоделците се доволно веродостојни?
  • Претставниците на опозиционите партии да ги запрашаат од каде се нивните податоци кои ги користат при критиките на политиките на владејачката структура без разлика за која област станува збор или ги земаат оние податоци кои им се посоодветни за критиките кои сакаат да ги направат?

 

4811068834_0955d1a325_o

Канадска реклама за попис од 1971 година: „Први јуни е ден за попис. Што има ново кај вас?“ Илустрација: Duncan Macpherson. Извор: The Telegram (Toronto), May 21, 1971. Фото: Jamie

 

Пописот клучен за реален избирачки список

 

Пописот е клучен за да може да се добие реален избирачки список од кој ќе бидат тргнати имињата на починатите и на отселените, со кои се манипулира на сите избори. Известувањата од типот:

нема да ги има само ако точно се знае колку лица со биометриски пасоши пријавиле адреса на живеење во Албанија, Германија, Швајцарија или САД и дали тие можат да гласаат во Тирана, Берлин, Чикаго или во Скопје.

Дури и одлуките на Управниот суд кои се темелат на формални, а не на суштински аргументи можат да се подобрат само со реализирање на реален попис.

Медиумите имаат право и обврска во име на своите читатели, слушатели и гледачи да ги прашаат институциите зошто тоа не е реализирано. Ако некој од медиумите добие одговор кој безрезервно и без сомнеж од никого ќе може да се користи во определување на бројката на население во Република Македонија, кој е соодветен со бројот на издадени лични документи и бројот на запишани гласачи во избирачкиот список, тогаш можеби сѐ уште има надеж да имаме легални избори.


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести