Манипулативна медиумска „каша“
Објавено во Рецензии
on 4 - 02 - 2016 Автор: Југослава Дуковска[Функционер на партијата признава: Сите набљудувачи на МОСТ беа од СДСМ]
Пред нас е текст во кој не е скриена намерата да се изнесуваат невистини. Целта на неговото објавување не е да информира туку да оцрни и по цена да дезинформира. Поточно, под превезот на информација се крие напад врз организацијата за набљудување на изборите, невладината „Мост“ и нејзино дискредитирање во пресрет на предвремените парламентарни избори, поради тоа што нејзини претставници се залагаат за избори со прочистен избирачки список.
Овој напис се потпира на изјава на некогашен функционер на Социјалдемократскиот сојуз од Охрид, Владо Чингоски, дадена неодамна на една јавна трибина, но намерно се вади од контекст само тој дел што може да се употреби во функција на дискредитација на првиот човек на „Мост“, Дарко Алексов, а се забошотува делот кој вистински го објаснува ставот на Чинговски за набљудувањето на изборните циклуси. А, тоа е дека секоја актуелна власт, и онаа на СДСМ и сегашната на ВМРО-ДПМНЕ, се обидувала и успевала помеѓу независните набљудувачи да инфилтрира и свои поддржувачи, кои пристрасно ги следеле изборните неправилности.
Поуката до читателите е едноставна: проверувајте ги изворите, бидејќи некои написи, поради незнаење или непрофесионалност, тоа не го направиле!
Линк до оригиналниот напис: Функционер на партијата признава: Сите набљудувачи на МОСТ беа од СДСМ
Датум и време на објавување: 01.02.2016 11:36
Датум на рецензирање: 02.02.2016
Рецензент: Југослава Дуковска
НЕВИСТИНА НАМЕСТО ИНФОРМАЦИЈА
Ова е еден од оние текстови што ја изневериле довербата на читателите, сервирајќи им невистина наместо информација. Ниту една реченица не може да го „помине“ судот на вистинитоста докрај ниту да го сокрие манипулативниот карактер. Да тргнеме со ред:
„Претседателот на асоцијацијата МОСТ Дарко Алексов веќе неколкупати експлицитно ги бранеше позициите дека не може да се прочисти избирачкиот список до априлските избори, иако експертите го сметаат спротивното.“
Кои експерти и дали сите го тврдат тоа? Нема одговор.
„Општо познато е дека целата операција за прочистување на изборниот список ќе трае од 20 до 25 дена, па оттаму македонската јавност си го поставува прашањето колку Алексов и МОСТ работат на агендата на СДСМ за одложување на априлските избори?“
Општо познато? Неаргументирано и неточно тврдење.
Она што е општо познато е дека претставници на владејачката коалиција прилично настојчиво инсистираат на тоа дека избори на 24 април мора да има и дека е можно да се завршат сите подготовки за реализација на изборите на тој датум, но затоа, пак, последните пораки од претставниците на меѓународната заедница, дел од стручната јавност, а особено претставниците на опозицијата, инсистираат на тоа сите подготовки прво да се завршат, па во зависност од таа динамика да се определи дали ќе се почитува датумот што стои во Договорот од Пржино или ќе се договори нов.
Во методологијата за прочистување на избирачкиот список која последен ја потпиша СДСМ, а на која претходно ставија потпис и другите три партии, стои дека процесот на прочистување на избирачкиот список ќе се одвива во три фази, при што првата почнува со споредба на сегашната состојба на списокот со податоците од последните избори. Во наредната фаза ќе се прави вкрстено споредување на базите на податоци од 13 институции. Во третата фаза ќе се врши теренска проверка на местата каде што податоците нема да се совпаѓаат. Никаде не стои дека тој процес би можел да биде завршен за 20 до 25 дена, наведена е само динамиката по која процесот треба да се изврши.
МАНИПУЛАЦИЈА
„Функционерот на опозициската партија вчера јавно го даде признанието дека набљудувачите од МОСТ биле од СДСМ.“
Ова е клучната аргументација на текстот, но таа е извадена од контекст. Еве како гласи целата изјава, која е дел од пошироко излагање на Чингоски на тема изборни манипулации и независен надзор:
„Ние имавме пример со Мост, од Мост рекоа – ние ќе бидеме објективни. СДСМ беа на власт, во Мост сите набљудувачи од СДСМ беа. Сé што беше неправилно на избирачките места, за набљудувачите на МОСТ, немаше никакви проблеми…Истото го прават сега и ВМРО-ДПМНЕ, тие можат и се инволвираат во МОСТ, се инволвираат набљудувачи, си инволвираат луѓе, и тие после си даваат добри извештаи. Кога ќе се соберат извештаите во Мост (или во ЦИВИЛ), добри се извештаите и тие извештаи се пуштени до вашите надредени, до ОБСЕ или ОДИХР не знам кој…“
Значи, кога ќе се прочита целата изјава, таа дава сосема поинаква информација од таа што им се пласира на читателите во оваа објава. А тоа е – секоја власт, што ќе рече и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, досега успевала да инволвира свои луѓе помеѓу независните набљудувачи и така влијаела на оцената за регуларноста на изборите.
И, како шлаг на оваа исклучително манипулативна медиумска торта, доаѓа последната реченица на написот:
„Последните јавни настапи на Алексов каде неговите ставови речиси во целост се поклопуваат со оние на СДСМ и лидерот Заев, отвора сериозен основ на сомнеж дека МОСТ е само уште организација финансирана од Соросовата фондација.“
Освен што е несоодветно склопена како јазична конструкција, оваа реченица ги открива мотивите што стојат зад текстот – „Мост“ пречи бидејќи не го поддржува инсистирањето на власта по секоја цена, буквално, изборите да се одржат на 24 април. Според логиката на поддржувачите на таа политика, прочистувањето на избирачкиот список не е толкав приоритет колкав што е самиот датум. Спомнувањето на Сорос е веќе востановен начин на етикетирање на противниците на власта, без оглед што е апсурден сам по себе, не само бидејќи фондацијата на Сорос легално постои и работи во Република Македонија, туку и бидејќи и самата власт има нормални контакти и комуникација со американскиот милијардер Џорџ Сорос и со претставниците на неговата фондација и тие со години непречено се одвиваат без оглед на пропагандата што е наменета за внатрешна употреба.
Овој текст има еден солиден извор, а тоа е јавен настап на личност која квалификувано информира за одредена тема. Кога еден така солиден извор на информација ќе биде злоупотребен, јасно е колку е часот со целиот текст. Тоа е случајот со текстот што го рецензираме. А еве што вели самиот автор на изјавата, Чингоски, за оваа манипулација, во своето обраќање преку социјалните мрежи:
„ Е, бре, курировци, до каде одите со Вашата забеганост. Не сум толку битен, за со извадени од контекст изјави, да мислите дека некого ќе убедите дека ете, СДСМ се инфилтрирал во набљудувачите во „Мост“ и така ги лажирале извештаите од изборите. Кој бил набљудувач во „Мост“ и на која политичка партија припаѓал, лесно може да се дознае, со оглед дека „Мост“ со сигурност во својата архива има документација кој на кое изборно место бил набљудувач.
Која и да Ви е целта со Вашата објава, сте промашиле“.
Доволно речит коментар, кој ја отсликува невистината што ја носи овој текст и написите што се негови копии.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
неточни наводи
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални
релевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
написот изнесува невистини
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
несензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
поврзан со тагови