verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Манипулација и пропаганда преку измислување непријатели

on 28 - 04 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
#протестирам #ШаренаРеволуција Скопје Македонија

Протестен марш во Скопје на 22 април 2016. Фото: Ванчо Џамбаски, CC BY-NC-SA.

Еден од начините на медиумска манипулација е измислувањето непријател кој сака да ѝ наштети на државата.

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

 

Медиумот може да погреши во информирањето на јавноста. Може да добие погрешни или нецелосни податоци. Може да даде погрешно толкување на податоците со кои располага. Може да испушти некои релевантни информации и пред јавноста да даде поинаква слика од таа што е во реалноста. Тоа се случува и е нормален дел од работењето.

Тоа што не смее да се случи е прикривање на суштински податоци, еднострано истакнување податоци, намерно искривување факти, презентирање на перцепциите и на ставовите како факти, фалсификување и манипулација со документи, фабрикување податоци и јавно мислење. Секој од овие методи поединечно го прави медиумското известување несоодветно и пристрасно.

Употребата на повеќе од спомнатите методи (па дури и на сите методи) во подолг период, го претвора медиумското известување во пропаганда, која за цел може да има само намерна манипулација на граѓаните. Огромното количество дезинформации, искривени податоци и дури и отворените лаги, го дезавуираат медиумското известување, а сè почесто ја преминуваат и црвената линија на прекршување на законот, со актите на разгорување омраза и, уште повеќе, со поттикнувањето на граѓаните на дејства што се спротивни на Уставот, на базичните уставни вредности, спротивни на вредносниот корпус врз кој се темели демократската држава и врз кој се темели концептот на човековите права и слободи што е прифатен од страна на Република Македонија.

Еден од начините на медиумска манипулација е измислувањето непријател кој сака да ѝ наштети на државата.

На пример, под насловот „Проглас за Македонија: Нема да дозволиме Македонија да биде понижена“, во „медиумот Република“, пренесени се четири точки од проглас прочитан на митинг на ГДОМ. Бидејќи не е дадена никаква анализа на содржината на прогласот ниту, пак, се поставени прашања поврзани со прогласот, медиумот дава до знаење на јавноста дека стои зад тој проглас, односно, ѝ соопштува на јавноста дека постојат „мрачни сценарија“ кои ги смислува некој, дека државата треба да се заштити од некого („ќе ја заштитиме нашата земја со разум и храброст“), дека некој се спротиставува на тоа во државата да има избори и некој не мисли дека „изборите се суштина на демократија, без избори нема демократија“, дека некој е насилен кон македонската полиција заради што се бара „итно стопирање на секој облик на насилство врз македонската полиција“, дека хулигани го уништуваат македонскиот имот и дека некој сака да го подели народот.

Бидејќи не се наведени никакви факти за тоа во што се состојат мрачните сценарија, од што треба да се заштити државата, кој е тој што рекол дека не треба да има избори во државата и врз основа на што се тврди дека има напади врз полицијата и во што се состои уништувањето на народниот имот, медиумот, всушност, едноставно ја пренесува пропагандната порака на една група луѓе, односно станува пропагандна алатка.

Втор начин на медиумска манипулација е создавањето психологија на линч кај јавноста. Медиумот не информира, не известува, туку поттикнува непријателство.

На пример, во многу медиуми се појавија наслови како:

Поттикнувањето непријателство не се задржува само на насловот („Хулиганите на СДСМ одбија да се појават на информативен разговор во полиција“), туку продолжува и во содржината на написот. Медиумот на таков начин ги искривува фактите што создава силен емоционален набој насочен кон поединци, кој многу лесно може да се претвори во реален атак врз овие луѓе. Отсуството на елементарна одговорност за напишаното, за терминологијата што се употребува и отсуството на елементарна потврда на изнесените тврдења (хулигани кои се претставници на една политичка партија, која има свои разграноци кои се радикални левичари, а кои се финансирани од легално регистрирани фондации, кои не се одзиваат на информативен раговор и со тоа искажуваат непочитување кон државата), создава целосна какафонија со единствен резултат – градење негативен емоционален набој кон одредени луѓе кои се или можат да бидат перципирани како припадници на посочената група.

Сличен вид манипулација (иако многу поопасен по последиците што може да ги има) е написот под наслов „Тортурата од СЈО – причина за самоубиство“, во кој наместо да се бараат одговори од надлежните органи, да се собираат факти и да се ловат контрадикторностите на официјалните извештаи, новинарот гради приказна која не се базира на никакви докази, но очигледно е насочена кон предизвикување негативен набој кон Специјалното јавно обвинителство.

Трет начин на манипулација е испуштање битни елементи поврзани со одреден настан или ситуација, односно активност.

На пример, има редица медиуми („Вечер“, „Нетпрес“, „Курир“, ТВ „Сител“, ТВ „Канал 5“, „Дневник“, …) кои во период од почетокот на демонстрациите во Скопје (а потоа и во други градови низ Македонија), во ниту еден момент на своите читатели, односно гледачи не им дадоа соодветна (целосна) информација за барањата што се поставени од тие што демонстрираат, односно за целта околу која се организираат демонстрациите. Во овие медиуми не се зборува за барањата (нивната оправданост или неоправданост, соодветност или несоодветност), не се анализираат ниту се проблематизираат, туку едноставно се занемаруваат исто како и поддршката дадена од многу конкретни здруженија на граѓани обединети во платформата „Граѓаните за Македонија“. Во најдобар случај, во дел од овие медиуми се издвојува несразмерно повеќе место за презентирање на барањата поставени од една структура демонстранти (поддржувачи на власта), наспроти оние од другата (противници на актуелната власт).

Слободата на информирање подразбира одговорно новинарство, кое не само што ги почитува основните вредности врз кои се гради современата демократска држава и основните права и слободи на луѓето, туку и се спротиставува на секој што атакува врз тие вредности. Презентирањето и анализата на барања кои се поврзани со практикувањето на правото од власта, со одговорноста на власта, со практичното остварување на демократијата и со заштитата на основните права и слободи на граѓаните, претставува индикатор за независноста на еден медиум и показател за нивото на неговата објективност.

 

Примери на јасно искажување на барања на демонстрантите:

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести