verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Mакедонска „квазигонзо“ новинарска комедија

on 13 - 07 - 2015       
Моментот кога проработе спрејот и почнаа брканиците. „Гонзо новинарство“ или нешто друго. Фото: скриншот
Моментот кога проработе спрејот и почнаа брканиците. „Гонзо новинарство“ или нешто друго. Фото: скриншот

 

Што значат брканиците на Саше Политико и на Јанко Јади Бурек од гледна точка на начинот на доаѓање до информациите и вистината („Гонзо новинарство“ или не), актуелната политичка криза и одбивањето на владините функционери да даваат интервјуа на кои се можни непријатни прашања, како и општите состојби во професијата.

 

Пишува: д-р Дејан Доневвонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

Поради големата медиумска делотворност, денес неодминлива е расправата за моралноста на медиумската и на новинарската практика, бидејќи се осозна дека истата со себе повлекува голем степен на одговорност, односно дека новинарството и медиумите секогаш одново доаѓаат во служба на различни интереси, а тоа заедно со формалните и содржинските квалитети на медиумската понуда, е еден од најважните критериуми за оцена. Ова особено доколку сакаме отворено, слободно, демократско општество, кое самото себеси ќе се одредува. Во овој случај сме повеќе од одговорни за неговата реализација, преку унапредувањето на културата на комуникација која ја развиваме во медиумите и со нив во однос на јавноста.

Но, дали и во колкава мера македонското новинарство се држи до овој постулат во извршувањето на професијата, дали и колку македонските „слободни“ стилови во новинарската професија се компатибилни или инкомпатибилни со овој постулат? Ова особено ако ја имате пред себе сликата за „бркотницата“, „инцидентот“… на Бурек и Политико од 30 јуни 2015 година, која повторно, меѓу другото, го доведува во прашање и критериумот за тоа што е новинарство и кои сè можат да бидат новинари, т.е. за какво образование и новинарска образовна надградба можеме да говориме и ја анализираме на наше тло (посебна е приказната според кои курикулуми и какви луѓе ја извршуваат, со каков капацитет располагаат тие „куќи на знаењето“ и можеби не последно, но многу важно, каква е и тековната образовна политика), како и за професионализмот и за нормите на прифатливо морално однесување во извршувањето на оваа благородна професија – првиот нацрт на историјата на човештвото!

 

„ГОНЗО-НОВИНАРСТВО“ ИЛИ НЕ

Оттука, заради комплицираноста на постапката за доаѓање до вистинските одговори, оваа анализа нема да се занимава и нема да ги анализира главните протагонисти на ова „пародично новинарско дело“ како такво, во согласност со критериумите на етичкото новинарство, туку начинот на доаѓање до информациите, т.е. начинот преку кој јавноста доаѓа до вистината, се информира и оценува во однос на самата себеси по прашањето за реалниот свет, во кој треба да дејствува и да носи оцени (затоа што целиот „инцидент“ е мотивиран од потребата на Саше Политикo да дојде до одговор на прашањето дали тековната власт како еден вид заслуга кон Јанко Јади Бурек ја вработува неговата жена во Археолошкиот музеј). Истовремено, истата нема да се занимава ниту со феноменолошка анализа на „пародијата“, бидејќи тоа бара и многу време и доволно голем простор за елаборација на целокупната причинско-последична спрега која доведе и секогаш ќе доведува до вакви „инфотејмант“ збиднувања, туку ќе се обиде од аспект на етичкото новинарство да понуди една анализа на самиот „професионален“ ангажман на двајцата нејзини протагонисти, а кој „професинален“ ангажман во последно време се нуди не како инцидентност по својата оригиналност, туку како тренд во новинарството кој многу сака да биде поврзан со еден термин и правец кој се нарекува „гонзо-новинарство“, а оттука и да ја црпи целата своја општествена морална оправданост и заснованост.

И тоа е клучната теза: тие се диспаратни, различни… и покрај обидот феноменот „гонзо-новинарство“ да се вплете во македонското новинарство и тоа на „мала врата“, а главните актери да станат нејзини икони! Имено, доколку се погледнат посолидните новинарски лексикони, научни дела, па дури и повнимателно се прочитаат подобрите натписи на интернет-порталите на тема „гонзо-новинарство“ може да се забележи дека се работи за новинарски стил (не тренд) да се пишува субјективно, често вклучувајќи го и самиот известувач како дел од приказната по пат на нарација во прво лице еднина, со што се фаворизира стилот на сметка на точноста, вистинитоста, при што се користат лични искуства и емоции за да се прикаже контекстот на темата или настанот. Бидејќи овој стил претпочита хумор, претерувања, па дури и вулгарности, но и сарказам како облик на сатира на самиот новинар, со обилност во цитатите, многу често одреден број аналитичари го инаугурираат како најподатлив тренд на социјална критика.

 

ОТФРЛАЊЕ НА СТРОГО УРЕДЕНИОТ НОВИНАРСКИ ПРОИЗВОД

Втората разлика или грешка во импостирањето на гонзо-новинарството или обидот на Саше Политика неговата герилска акција во Градски парк да се подведе и оправда со терминот „гонзо-новинарство“ е фактот за митологизација на објективноста во новинарството. Дури и мотивот да е јасен (поставување прашање и добивање директен, „затекнат“, „фатен во тесно“ одговор), сепак, употребата на „гонзо-новинарството“ за оправдување на чинот е смешна, бидејќи истото е bona-fide стил на пишување кој се занимава самиот со себе, во согласност со сентенцата: „Раскажување онака како што е!“ – стил многу сличен на правецот неоновинарство (New Journalism), кој се појави во 1960-тите години од страна на Том Вулф. Имено, гонзо-новинарството вклучува пристап на точност, вистинитост преку личните искуства и емоции, кое, споредено со традиционалното новинарство што претпочита дистанца, а стилот се потпира на факти и на изјави кои можат да бидат верифицирани од трети лица, го отфрла строгиот уреден новинарски производ, базирајќи се на личниот пристап во уредувањето и во пакувањето на новинарскиот производ. Како што наведува Хантер С. Томпсон, таткото на овој стил, кој целото свое творештво го темелеше на размислувањата на Вилијам Фолкнер, „фикцијата често е најдобра вистина и факт, поверодостојна од каква било новинарска форма“.

Од друга страна, пак, акцијата на Јанко Јади Бурек, а уште повеќе обидите да се „одбрани“ таа негова реакција, па дури и фабрикува од новинарското здружение на Латас е уште повеќе смешна – да се брани она што и нема потреба да брани (постои видеозапис), т.е. не постои како акт. Логично, поставениот видеозапис на социјалните мрежи го ништи тоа и уште еднаш ја потврдува апсурдноста на дејствувањата на одредени „фигури“ во македонскиот јавен простор да направат скандал од целата случка, фаворизирајќи едни наспроти други, т.е. повредувајќи го правото на презумција на невиност и извитоперувајќи ги фактите во однос на нападот со спреј, кој, патем, кај нас е кривично дело. Во овој контекст и големот број написи на генераторите на вести од типот: „Провладините пишуваат наслов: Саше го брка Јанко. Од видеото е поинаку!

Трето, овој стил не оди на реконструкција на приказната, што логично укажува на фактот дека оној кој ја пишува не е новинар и не треба да се замислува за таков (Hunter S. Thompson. Ancient Gonzo Wisdom: Interviews with Hunter S. Thompson. De Capo Press, 2009). Како што има наведено Хантер С. Томпсон во својата молба за работа упатена до уредништвото во „Ванкувер сан“:

„Штета е што едно потенцијално динамично и витално подрачје какво што е новинарството, да биде прегазено од здодевни луѓе, пропаднати луѓе и измамници, повештерено со кратковидност.“

Ова го поставува прашањето за критериумите на новинарството, бидејќи „од широчината на сферата на информирањето зависи и димензијата на сферата на јавноста, како симболично место за дискусија за прашања кои се однесуваат на заедничкото добро“. (Thomas A. Bauer. Mediji za otvoreno društvo. ICEJ, Zagreb, 2007). А, дали местото кое сега медиумите го зазедоа во тој простор на јавноста, ја прави сѐ уште можна дискусијата за работата на политичката власт во општеството или „гонзо-новинарството“ е нужно и единствено исходиште!?

 

КАКО ДА СЕ „ИЗМОЛЗАТ ОДГОВОРИ“ ОД ВЛАДЕЈАЧКАТА ГАРНИТУРА

Во обидот да се даде одговор на ова прашање, може да се констатира дека „гонзо-новинарството“ како стил (што е и тешко да се категоризира и смести во некаков новинарски стил на изразување), не е и не може да биде одговор на безуспешните обиди за нормален пристап до информации. Иако повеќе од евидентно е дека највисоките функционери во земјава никогаш не даваат интервјуа на ниедно место, во ниеден медиум каде што има можност некој да ги праша нешто што е малку од малку критично, т.е. нема како и нема каде (значи нема форум) каде што може да им се постават вистински, непријатни и критични прашања, сепак овој стил на новинарство не е начин преку кој можете да се обидете да „измолзите одговори“ од владејачката гарнитура. Токму тоа е она што најмногу треба да чуди: дали обидот за инсталација на „гонзо-новинарството“ не значи намерно затскриено пропаѓање на професионалните критериуми на журналистиката, етичкото новинарство, за јавноста повеќе да не мора да биде информирана, бидејќи информацијата како знаење за една одредена работа е сила, моќ!

Исто така, да не говориме дека овој облик на доаѓање, попрецизно „изнудување“ (во смисла на затекнатост во мигот) на информации не ги повредува другите критериуми на новинарството, т.е. правото на приватност (и на соговорникот, но и на публиката), правото и прашањето за соодветен пристап до информација и тоа вистинита (немањето, а и незнаењето на идејата за форумизација), но и правото јавноста да знае, да биде информирана (како есенцијално за извршувањето на оваа професија). Едно е сигурно, а тоа е дека „затекнатиот“ со сигурност нема на јавноста да ѝ каже: „Извинете! Сè што ме прашаа е точно, само што сега немам време ниту простор и медиум истото да го обландирам за да полесно го преџвакате, па ќе се обидам нападот да го искористам како најдобра одбрана!“.

На крај, од понуденово, може да се констатира следново: прво, станува збор за еден неуспешен и блед обид за пуста имитација и за всадување нешто што пред повеќе од 40 години беше хит и направи одредено поместување во американското новинарство, пишувајќи и критикувајќи од Никсон па наваму. Второ, обидите на актерите за втемелување на овој стил немаат барем мала историска хронологија на настојување да се имплементира овој стил, освен личниот интерес (позната е приказната за Јанко како почна и од која идеја беше раководен и сѐ уште се раководи во она што тој го нарекува „новинарство“), сопствените несреќи (случајот со претепувањето на Саше пред неговиот стан и обидот сега истиот гнев да го преточи во јавен протест и општествена критика кон оние кои и никогаш не ги пронајдоа сторителите, т.е. не дозволија правдата да профункционира)…, да се „искалат“ во про и контра владини „кревачи на џева“, без ниту ред да прочитаат од манифестот на „гонзо-новинарството“ (култниот роман на Хантер С. Томпсон – Fear And Loathing In Las Vegas). Трето, штета е што веста е пренесена не само од тоалетоидните портали, туку и од посериозните, што го потврдува сознанието дека интернет-новинарството кај нас најчесто се сведува на пренесување „копи-пејст“, па дури и на сензации поради масовна забава. „Она што како веб-субкултура во 1998 година произлезе од овој стил, денес веќе ги „инфицираше“ социјалните медиуми“. (Jennifer Marinelli. “Hunter S. Thompson: The Man, The Legend, and his effect on the Digital Age”. Michigan Online News Association, 1 May 2010).

Заклучно, можеме да констатираме на два начина, т.е. во духот на нашиот народ:

„И док трае докажување на македонску „дно дна“ медиумску сцену за тој кој од квази новинари е близак до власт, а кој до опозицију, на социјални мреже осамна видео кое само гу докажује тезу дека Македонија нажалост трпи све и свашта, па и овакво нешто“, објавени под наслов Да си повадив очи Саше Политико и Јанко „Јади бурек“.

Но, исто така, доколку се прифати фактот дека преку положбата и значењето на медиумите и на медиумскиот простор и култура на изразување во едно општество, може да се процени неговата отвореност и демократичност, односно почитување и загарантираност на слободното мислење, искажување, здружување и воопшто слободниот живот, согласно еден афоризам на мојот познаник од Црна Гора, сатиричарот Рајко Јоличиќ, може да се констатира дека: „Во земјава слободата на информирање е на највисоко ниво. Сите џавкаат за сè и сешто!


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести