verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Македонија нема само осум респираторни машини

on 17 - 03 - 2020       

[Рецензија: Македонија располага со 8 респираторни машини]

Фактот изнесен во насловот на текстот, дека Македонија има осум респираторни машини е невистинит, создава паника кај граѓаните и во состојба кога бројот на пациенти од коронавирусот се зголемува на дневна основа, претставува крајно непрофесионален начин на известување.

Линк до оригиналниот напис: Македонија располага со 8 респираторни машини

Датум и време на објавување:14.03.2020 00:17

Датум на рецензирање:15.03.2020

Рецензент: Мирослава Бурнс

Во текстот што го рецензираме,  се пренесува изјава на министерот за здравство Венко Филипче, дадена на ТВ Нова (од 3,28 до 4,45 минута од видеото), а во која тој одговара на новинарско прашање околу медицинските и стручни капацитети за менаџирање на коронавирусот. Притоа, испуштена е една клучна реченица од неговата изјава и од тоа произлегува неточното информирање.

Имено, во самата изјава, тој вели дека има осум респираторни машини на Инфективната клиника, а не во цела Македонија.

Изјавата интегрално гласи:

Во овој момент имаме разработено еден акциски план за адаптирање и преадаптирање на капацитетите на Клиниката за инфективни болести. Тука има осум респираторни машини кои се на располагање на пациентите. Немаме некој ризик дека немаме респираторна машина.  Добивме задолжение од владата да набавиме дополнителни 50 дополнителни вентилатори кои ќе стигнат следната недела. Се спремаме да набавиме и дополнителни 50 доколку за тоа се јави потреба.

Оваа изјава на министерот Филипче во написот што е предмет на рецензија, не е доследно и прецизно цитирана. Кога се пренесуваат изјави тие не треба да бидат интерпретација, туку веродостојно пренесување на секој збор кажан од оној кој ја дава изјавата. Токму тоа не е испочитувано во текстот. Прикажаната изјава воопшто не го содржи делот во кој министерот објаснува дека зборува за Инфективната клиника. Тој упатува смирувачки пораки во текот на целото интервју и во поглед на медицинскиот кадар и во поглед на бројот на респираторните машини.

Сепак, од насловот на текстот кој гласи: „Македонија има осум респираторни машини“, се добива впечаток дека капацитетите за справување со ковид 19 се исклучително ниски. Ова предизвика огромна паника и недоразбирање.

Имајќи  ги предвид спецификите на читателската публика на интернет, која е изложена на огромен број информации во кратко време и во различен формат, тоа што насловот е невистинит претставува уште поголем проблем. Насловите во суштина, треба да се пишуваат како да се единственото нешто што некој ќе го прочита. Впрочем, многу е реално да се очекува дека публиката може да го прочита само насловот, па затоа тој не смее да биде мамка, нецелосен, полувистинит и слично. Треба да биде напишан така, што ако некој го прочита само насловот, сепак ќе биде точно информиран. Колку читатели го прочитале само насловот и воопшто не кликнале да ја прочитаат веста?

Секогаш, но особено кога се известува за состојби од значење за здравјето и животот на сите граѓани, неопходна е хируршка прецизност и фактографија. Медиумите и новинарите не смеат да си дозволат во насловот да дезинформираат зашто тој за голем број читатели е единственото нешто што ќе го прочитаат. Точниот наслов би гласел: Инфективна клиника располага со осум респираторни машини.

Овој напис е дел од специјалното известување на КриТинк за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести