verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Ловот на вештерки почнува со првата

on 22 - 12 - 2016       

 

Атакот на државата врз граѓанскиот сектор не смее да се симнува од насловните страници на медиумите Фото: Скриншот Wikimedia Commons

Атакот на државата врз граѓанскиот сектор не смее да се симнува од насловните страници на медиумите
Фото:  Wikimedia Commons

 

Паѓа в очи фактот дека за ниту еден од медиумите што ја поддржуваат политиката на актуелната власт, влегувањето на УЈП во поголем број здруженија на граѓани одеднаш воопшто не претставува вест. Дури и оние мал број медиуми што ја информираат јавноста за активностите на УЈП, не се впуштија во поопсежни анализи и не ја продлабочија медиумската контрола над постапувањето на еден од државните органи

 

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт по човекови права

 

 

Здруженијата на граѓани не само што претставуваат еден од суштинските елементи на демократското општество и се своевиден гарант за плуралитетот на мислења во општеството, туку се и природен сојузник во работењето на медиумите, особено во областа на контролата на власта и на заштитата на човековите права и слободи.

Од ова произлегува очекувањето дека случувањата во граѓанскиот сектор, а особено тие што се поврзани со каков било облик на притисок од страна на власта врз невладините организации, ќе испровоцира многу остра реакција кај медиумите, координиран настап и мобилизација на силите заради утврдување на фактичката ситуација, контекстот и на последиците од еден ваков настап на државните органи.

Соодветна реакција во обратна насока, секако, се очекува од страна на здруженијата на граѓани во моментот кога ќе биде на каков било начин загрозена слободата на информирање и кога медиумите ќе станат цел на атак на државните органи.

 

АКЦИЈАТА НА УЈП „НЕВИДЛИВА“  ЗА ПРОВЛАДИНИТЕ МЕДИУМИ

Актуелната комплексна акција на Управата за јавни приходи (УЈП), во чии рамки претставници на УЈП почнаа надзорно-истражни дејства во повеќе од 20 здруженија на граѓани, е една од тие акции на државата што би требало да запалат црвено светло кај медиумите и да ги алармираат во најголема можна мера.

Меѓутоа, доколку се погледне медиумската реакција, не се стекнува впечаток дека медиумите до крај ја разбираат сериозноста на проблемот. Имено, многу ограничен број медиуми реагираа на активностите на УЈП и ги идентификуваа како проблематични или, во најмала мера, акции кои вредат да бидат анализирани.

Паѓа в очи фактот дека за ниту еден од медиумите што ја поддржуваат политиката на актуелната власт, влегувањето на УЈП во поголем број здруженија на граѓани одеднаш воопшто не претставува вест. Едноставно, оваа информација (дури и на ниво на најобично известување за активности на УЈП, како, на пример: Регионална работилница на УЈП за воспоставување ИТ форензичка лабораторија) целосно отсуствува од медиумите што ја поддржуваат политиката на актуелната власт. Како воопшто и да не се случило.

Ваквиот облик на апсолутна селективност во информирањето, од една страна, директно влијае врз перцепцијата на јавноста за тоа што се случува во реалноста, а од друга страна, ја лишува јавноста од една од моќните алатки за контрола на власта и за спречување на злоупотребата на државните институции на начин спротивен на едно демократско општество.

 

 

ДЕЛ ОД МЕДИУМИТЕ ОТВОРИЈА ЗНАЧАЈНИ ПРАШАЊА

Во медиумите кои, сепак, информираа за активноста на УЈП во рамките на невладиниот сектор, беа покриени неколку значајни прашања.

Прво, воочена е можната поврзаност меѓу настапот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на 17 декември 2016 г. и големата заинтересираност на УЈП за финансиското работење на конкретни здруженија на граѓани.

Сите овие организации пари за своето работење обезбедуваат од Фондацијата Отворено општество, како и од УСАИД и странски амбасади. Контролите од УЈП следуваат откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во таканаречениот проглас на партијата, наведе дека треба да се спроведе „десороизација“ и дека ќе се пристапи кон „регулирање на финансирањето на невладините организации“.

 

„Фокус“ праша и дали вакви контроли кои се во согласност со нивните законски надлежности се спроведени во организациите како Здружение за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушодари од Лерин, Здружение на припадници на безбедносните сили БЕДЕМ, Горанско друштво и Федерација на фармери, кои во текот на изборната кампања потпишаа меморандум за соработка со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на што УЈП одговори дека не може да даде такви информации, бидејќи тие имаат третман на даночна тајна.

Во дел од медиумите е поставено легитимното прашање за начинот на кој се определува во кои здруженија на граѓани ќе биде извршена проверка.

Се врши притисок на невладините организации кои имаат критички став кон власта, велат од невладините кои деновиве се мета на инспекторите. За нив спорен е тајмингот на контроли, оти се случува веднаш по објавата на Груевски дека ќе се справува со соросоизацијата на граѓанскиот сектор.

 

БЕЗ ПООПСЕЖНА АНАЛИЗА

Меѓутоа, дури и оние мал број медиуми што ја информираат јавноста за активностите на УЈП, не се впуштија во поопсежни анализи и не ја продлабочија медиумската контрола над постапувањето на еден од државните органи, кој многу лесно може да биде употребен во функција на ограничување на основните права на луѓето.

Тие се задоволуваат со фразата „да ги слушнеме сите страни“ без да навлегуваат во понатамошна анализа и објаснување на последиците од еден ваков чин. И наместо со огромни букви да го користат зборот дискриминација, тие, на овој начин овозможуваат на мала врата да влезе  македонскиот „Ѓулен“ – Џорџ Сорос. А, потоа, само прашање на време е кога „Ѓулен“ или „Сорос“ ќе станат „Трпе“ или „Митре“…

За Александар Пандов од ГДОМ, сосема е легитимна финансиската контрола врз организациите кои се финансираат од надвор, односно јавноста има право да знае од каде доаѓаат тие пари и за какви цели се трошат.

Мислам дека треба да бидат под засилена контрола затоа што добиваат пари од странска организација и затоа што со тие пари се финансираат не само организации туку и луѓе кои имаат сериозно влијание врз јавното мнение , смета Пандов.  (ТВ 21)

 

  • ПИСМА – ИЗВРШУВАЊЕ НА НАРАЧАНИ ДАНОЧНИ КОНТРОЛИ Е ТЕШКА ПОВРЕДА НА РАБОТНИОТ ОДНОС (Утрински весник)

Некој поистоветува или исто му е: барање и/или иницијатива. И третото, премногу амбициозното: „контрола на финансиското работење“. Го отворам Законот за даночната постапка, таму таков термин нема.

 

НЕПОСТАВЕНИ ПРАШАЊА

Она што остана надвор од поопсежната анализа на медиумите се прашањата за:

  • дискриминацијата (во ваков случај многу е важно да се идентификуваат точно сите организации во кои во ист момент влегува УЈП и да се побара одговор од УЈП, кој понатаму може да биде искористен и во соодветна процедура, за тоа, дали основата за интересот за за сите овие организации е истоветна – барање на некој државен орган, и дали таа основа била доволна да се решат за една вака обемна акција);
  • партиското влијание (при што не е доволно да се прикаже перцепцијата на самите здруженија на граѓани дека гледаат поврзаност меѓу прогласот на Никола Груевски за „десоросоизација“ и акцијата на УЈП, туку да се направи истражувачка сторија во која ќе може да се проследи евентуалната причинско- последична поврзаност);
  • поширокиот контекст на законско подготвување на ваков вид акции, направено со измените на легислативата од 2014 година;
  • човековите права (имено, мошне важен податок е дали сите здруженија на граѓани кои се предмет на интерес на УЈП се здруженија кои во својата програма имаат заштита на човековите права и основни слободи или, пак, не постои ваква врзувачка точка);
  • генерален наспроти индивидуален настап (влезот на УЈП во една конкретна организација може да се смета за легитимен и за оправдан, меѓутоа координираниот влез на УЈП во поголем број здруженија на граѓани кои се занимаваат со заштита на човековите права и со контрола на власта, не може да биде ништо друго освен закана или/и практикување на забрана несоодветна за едно демократско општество);
  • засилена контрола (останува целосно нејасно зошто во услови кога сите извештаи посочуваат корупција и злоупотреба во рамките на државните институции, треба да биде засилена контролата над недржавните институции, наместо обратно).

Кој било облик на посебен интерес на државата за граѓанскиот сектор (здруженијата на граѓани од кој било вид, а особено здруженија на граѓани кои се занимаваат со заштита на човековите права и слободи), мора да биде од исклучително значење за медиумите.

Ограничувањето на просторот на дејствување на здруженијата на граѓани и истражувањето на нивното финансиско работење (без претходни јасни показатели за индицирани можности за конкретни злоупотреби), и особено генералниот настап на државните органи кон поголем број здруженија на граѓани (наместо кон едно конкретно, за кое, евентуално, има докази дека го прекршило законот), вообичаено претставува јасен сигнал за злоупотреба на власта во функција на намалување на контролата над власта од страна на цивилниот сектор и намалување на правата и на слободите на граѓаните.

Ова е тема која мора да се појави на насловните страници на секој медиум и да не се симне оттаму сè додека не заврши или додека не биде прекината акцијата, односно атакот на државата врз граѓанскиот сектор.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести