Локалните улички, националните медиуми и пропагандата
Објавено во Рецензии
on 16 - 09 - 2015 Автор: Vladimir Petreski
[Рецензија: Изградена нова улица во економската зона Марино-Кадино]
Оваа вест е пример како пропагандата неретко преминува во бесмисленост по извесен период. Во демократските земји, властите не мора баш секој ден да бележат „работни победи“. Во рационалните општества е јасно дека светот не функционира на таков начин и дека секоја власт има работи што мора да ги спроведе, а кои се секојдневни и прозаични, може да се и поважни, но не заслужуваат удирање во гради по медиумите. Но, во недемократските општества, каде што властите мора постојано да го потхрануваат својот сомнителен легитимитет, се појавуваат и вакви вести кај нивните пријателски медиуми.
Можноста за ширење на „вакви“ вести е уште поголема во време на интернетот и на новите комуникациски технологии, кога просторот за објавување е речиси неограничен и евтин и кога „чудовиштето“ на пропагандата мора постојано да се храни и за на оној кому ваквата пропаганда му е наменета да нема време да размисли за големата слика, односно за важните прашања и да се поклопи противникот со вакви „вести“ ако тој понуди нешто поинтересно.
Линкуван наслов на анализираниот напис: Изградена нова улица во економската зона Марино-Кадино
Датум и време на објавување: 16.09.2015
Датум на рецензирање: 16.09.2015
Рецензент: Владимир Петрески
Според кои тоа критериуми информација дека е изградена пристапна уличка внатре во локална економска зона, долга 400 метри и вредна 65.000 евра, заслужува да биде вест што би се нашла во рубриките на национален медиум, поточно на национален новински портал кој објавува содржини од целата земја и од светот? И тоа не во еден, туку во десет такви портали? Па, барем да ни кажеа кој е изведувач на работите кога веќе за ваков настан се известува. Но, такво нешто нема – властите својата „работна победа“ не сакаат да ја споделат со никого.
Би можеле овде да извршиме проверка за точно да утврдиме дали ова е вест-вредно преку учебникарска анализа на сите критериуми, кои би покажале дали оваа информација заслужува ваков третман (како што тоа е сторено овде), но сметаме дека тоа е бесмислено. Еве, видете. Во соопштението на Општина Илиднен се вели дека таа имала девет локални економски зони. Сигурно во секоја од нив има барем две-три вакви интерни улички за внатрешен сообраќај, ако не и повеќе. Ова значи 30, можеби и 40 интерни улички во локалните економски зони само во оваа општина. Треба ли сега на секои две-три недели да се известува секогаш кога некоја ваква уличка ќе биде изградена? На што ќе личи тоа? Потоа, малку ако се размисли, ваквите улички се интегрален дел од економските зони. Какви се тие економски зони во кои нема асфалтирани пристапни улици? Од тоа логично произлегува дека кога се отвора свечено економската зона, се претпоставува дека таа вклучува асфалтирани улици. И тогаш е времето за промоција, а не кога се довршуваат основните елементи на економските зони без кои тие не би можеле да функционираат.
Да не говориме, пак, за ваквите улички од локално или маалско значење од овој вид надвор од економските зони. Отворете кој било билтен или веб-страница на која било општина и во секој од нив ќе видите информации за новозиградени, реновирани или асфалтирани улички од неколку стотини метри. За сите ли тие сега треба да се прават вести во рубриките на националните портали и на други медиуми? Тоа значи ТВ-дневниците на националните телевизии секој ден ќе известуваат за некоја уличка и кластерите од таквите вести постојано ќе бидат на врвот на интернет-страниците на агрегаторите на вести зашто нив ќе ги има најмногу.
Но, за жал, и вакви работи се случуваат во земја каде властите зависат од пропаганда. Неретко власта бивала обвинета дека повеќепати промовира ист проект, дека министри одат на отворање киоск за сувенири на граница, дека се објавуваат соопштенија кога во болниците ќе се купат пижами и душеци и кога премиерот оди на отворање пешачки патеки од 800 метри, при што некои од тие пешачки патеки, платени со пари од владата, потоа биваат потопувани од канализационен отпад. Но, еве ова последново, кое навистина претставува вест, се објавува само на стручни портали од областа на градежништвото.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
точни наводи
веродостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
СЕОПФАТНОСТ
сеопфатнo
нема прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
И повеќе отколку што бара јавниот интерес, до ниво на баналност
извртување на вистина (спин)
нема лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор, ненаведен извор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
несензационален
соодветен
јасен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
квалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови