verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Линч во живо: Медиумите и презумцијата на невиност

on 29 - 03 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
При снимање на приведување на осомничени лицата треба да бидат затемнети. Фото: МВР - од вежба на полицијата
При снимање на приведување на осомничени, лицата треба да бидат затемнети. Фото: МВР – од вежба на полицијата

 

Каде се спојуваат почитувањето на правата на осомничените и правото на јавноста на знае? Дали медиумите се асистенти на џелатите за политичка егзекуција?

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Полумрак е. Само што не осамнало… На местото на настанот се препознаваат сенките на полициските специјалци. Лицата им се покриени со маски. Заштитни елеци на градите. Оружјето е откочено. Се чека команда за почеток на акцијата. Треба да бидат уапсени лица осомничени за тежок криминал.

Меѓу редовите на полицајците почнува да се чувствува нестрпливост. Команда сè уште нема. Секундите стануваат минути…

– Што се чека?

– Ги чекаме од телевизијата…

– Па, еве, има тука од телевизијата – возвраќа првиот.

– Треба да дојде уште една – одговара старешината кој го слушнал разговорот.

Верувате ли во автентичноста на оваа сцена? Една, за полицијата, важна акција, го чека доаѓањето на телевизиската екипа.

Се разбира, секоја сличност со вистинити настани е сосема случајна, но тие постапки се сосема намерни. А дека беа практика, сведочевме ние самите како гледачи. Дека тие аранжмани и полицијата биле договарани меѓу високи полициски службеници и уредници или сопственици на медиуми, потврдија тајно сниманите телефонски разговори објавена во теленовелата „Бомба“. Овие аранжмани биле договарани во детали и со одбрани медиуми. Дали ќе продолжат да бидат практика – треба да се види.

Понекогаш, кога новинарските екипи ги мрзи да станат рано, пред зори, техничарите на одделенијата за крим-техника снимаат, а потоа снимките, кои инаку се доказен материјал, им се доставуваат на уредниците за да бидат спакувани „новинарски“ стории.

Од нашето поблиско минато се сеќаваме на спектакуларни акции на полицијата: медиумски експонираните апсења на поранешниот директор на „Мобимак“, Рубин Заревски, на угледниот доктор Дејан Докиќ; апсолутно непропорциналниот број на полициски сили кога се изврши инвазија на „А1-телевизија“; потоа следуваше серија од полициско-медиумски апсења во акциите „Змиско око“, „Ровер“, „Шпион“, „Расколник“, „Јустиција“, како и особено спектакуларните апсења на поранешниот министер за внатрешни работи и лидер на партијата Обединети за Македонија Љубе Бошковски, и колегата, новинарот Томислав Кежаровски.

Хелсиншкиот комитет за човекови права, како и многу други домашни и меѓународни организации овие апсења ги ставија во сите извештаи за кршење на човековите права поради начинот на приведување. Сите тие беа спектакуларни и намерно медиумски покриени, со што се продолжија практиките на МВР за јавно приведување на осомничените со  медиумска експонираност, што, секако, влијае на презумцијата на невиност на осомничените. Со ваквото постапување воочлива е тенденцијата на извршната власт да влијае врз судската, со што се нарушува принципот на владеење на правото, беше истакнато во соопштението на Хелсиншкиот комитет на 10 октомври 2014 година.

 

МЕЃУ ПРЕТПОСТАВКАТА ЗА НЕВИНОСТ И ЗА ВИНА

Како и секој медал, така и овој феномен на медиумско експонирање на осмничени, има две страни – лице и опачина. Лицето се правата на тие што ги апси полицијата, а опачината е злоупотребата на овластувањата на полицијата, медиумската сервилност и драмата, односно душевната болка на тие што се изложени на јавност.

Ах, тие човекови права! Што да се прави со нив? Колку полесна би ѝ била работата на полицијата кога не би постоеле. Па уште и претпоставката дека се невини додека не се докаже дека се виновни.

Дали борбата против криминалот може да биде оправдана доколку со неа се кршат човековите права?

Кога се водат принципиелни дебати околу овие прашања, веројатно никого посебно не треба да убедуваме дека човековите права се загарантирани: сите човекови права, секому, секаде и во секое време. Вклучувајки го и правото на претпоставка за невиност. Сè додека не се докаже спротивното и додека не се донесе правосилна судска одлука. На овие принципи се темели целиот концепт за човековите права, на правичното судење и тие стандарди се вградени во уставните и во законските прописи и во Македонија.

Клучната алка во оваа приказна е полицијата, но и медиумите, кои кај нас, главно преку уредниците и сопствениците, се здружуваат заради создавање слики кои јавноста треба да ја насочат кон заклучок дека уапсените се виновни уште пред почетокот на судскиот процес. Според сите стандарди и конвенции за човековите права, нарушувањата на претпоставката за невиност е повреда на тие стандарди и конвенции, а асистентите во тие повреди – медиумите – се сојузници во кршењето на човековите права. Таквата нивна постапка не може да се амнестира со ништо. Ниту пред законот, ниту пред кодексот на професијата, ниту пред демократската јавност.

 

БРУТАЛНОТО МЕДИУМСКО ЕКСПОНИРАЊЕ Е ТОРТУРА

Спротивноста на постапката на медиумите со универзалните човекови права и со принципите на професијата, кога тие посредуваат во јавното стигматизирање и „осуда“ на осомничените, не завршува само тука. Како што можеме да заклучиме од примерите од нашето современо политичко битисување, медиумската пресуда може да биде многу сурова. Луѓето кои уште во оваа фаза се стигматизирани, обвинети, па дури и осудени, дури и тогаш кога добиваат ослободувачки пресуди, не можат да ја добијат целосната морална сатисфакција. Тоа е како да се обидувате да го соберете песокот што на сите страни го разнесуваат медиумските стихии.

Заради тоа концептот на човековите права инсистира дека тие се однесуваат на сите, вклучувајќи ги тие што се на удар за законот. Без исклучок.

Тоа, од друга страна, не значи дека медиумите не смеат да известуваат во сите фази на некоја полициска акција или судска постапка. Напротив. Сепак, постојат одредени препораки кои, наједноставно кажано, се опфатени во формулата: Не се спорни информациите, спорни се формулациите и постапките. И на полицијата, но и на медиумите – особено.

Полицијата не смее да објавува целосни лични податоци на личности кои се приведени заради истражни постапки. Полицијата не смее да објавува нивни фотографии или видеозаписи. Полицијата се смее да изјави дека приведените сториле кривично дело.

Доколку медиумите ги пренесат овие постапки и формулации, тогаш и тие ги прекршуваат законските и професионалните норми.

Зашто, ако полицијата и медиумите, во тој момент, во моментот на приведување, знаат и јавно тврдат дека некој е виновен, тогаш зошто постојат обвинителствата, судовите, законите и судските постапки?

 

ЛОНДОНСКАТА ПОЛИЦИЈА НЕ ОБЈАВУВА НИШТО АКО НЕМА ОБВИНЕНИЕ

Еве како работи лондонската полиција според еден новинарски запис со наслов „Лисици и фотографии за страв!“, објавен во „Нова Македонија“.

Лондонската полиција во своето работење избегнува да ги објавува идентитетот и фотографиите на осомничените, но сепак не ги спречува новинарите да си ја вршат својата должност пред судовите, бидејќи тоа се јавни места и снимањето е дозволено. Лондонските полицајци често ги снимаат своите акции, но снимките што потоа се даваат на јавноста се со заматени ликови. Лисиците ги користат кога е неопходно.

Разликата меѓу нив и МВР е тоа што тие никогаш не организираат прес-конференции за нивните акции и приведувања.

„Што се однесува до нас, не именуваме никој што не е обвинет. Ако некој е уапсен за потребите на сослушување, името не се соопштува. Ако потоа биде пуштен без обвинение, името не се соопштува. Идентитетот се соопштува само кога личноста е обвинета. Обично ние не приложуваме фотографија од обвинетиот заедно со обвинението. Во практика, не би одржале прес-конференција, или, пак, не би помогнале при организирањето конференција за нечие апсење. Во некои случаи носиме камери при апсење, се снима акцијата, и ако снимката потоа биде емитувана, тоа обично се прави со пикселизирани, скриени ликови. Има случаи на фотографирање при апсење и објавување на нивните фотографии, тоа не е невозможно, но од наша страна тоа се прави само ако бидат обвинети. При спроведување во суд, веројатно е дека обвинетиот ќе го фотографираат со полициска придружба. Ние не би повикале новинари на спроведувањето, но воедно не би ги ни избркале, односно не би поставиле ограден коридор околу судот за да спречиме фотографирање бидејќи за нас судот е јавно место. Што се однесува до лисиците, нивната употреба зависи од случај до случај. Обично во случаи на обична измама не ги користиме, но сепак зависи од поединците. Можно е и лица што се обвинети за ненасилно злосторство да се обидат да побегнат од рацете на полицијата. Мора да се процени ризикот и зависи од човек до човек“, велат од лондонската полиција Метрополитен.

И уште едно прашање кое треба да си го имаат уредниците и новинарите пред себе, секогаш кога од нив се бара да бидат дел од некоја полициска акција. Ако полицијата одлучува што и како треба да објавуваат медиумите, тогаш зошто ни се уредници и новинари?

 

ИЗВОРИ:

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Една мисла во “Линч во живо: Медиумите и презумцијата на невиност

  1. Pingback: Контраспин: Дали Груевски се гледал во огледало кога давал интервју? – Слободна Македонија

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за најнови вести