verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Лицемерието како систем

on 1 - 10 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
Од протестите на Студентскиот пленум. Фото: FOSIM, 17.11.2014

Од протестите на „Студентски пленум“. Фото: FOSIM, 17.11.2014

 

„Родителите не размислуваат баш за иднината на своите деца на долг рок, затоа ние мислиме“, Никола Груевски, одговор на пратеничко прашање во македонското Собрание.

 

Пишува: Сеад Ризвановиќ

 

Бранејќи го концептот на екстерното испитување, воведен од Владата што ја води речиси една деценија, премиерот Никола Груевски успеа да го достигне врвот на својата ароганција, проектирајќи апсурден став во форма на комбинација на безобѕирна лага вэббанкир и на безочна манипулација.

Јас не сакам да верувам дека премиерот навистина верува во овие зборови, бидејќи тоа би покажало месијански синдром, па ќе претпоставам дека Владата на ВМРО–ДПМНЕ и на ДУИ едноставно продолжува со тврдоглавото и слепо следење на реформи поставени врз основи кои гарантираат неуспех.

Целата премиса на воведувањето на екстерното испитување се темели врз претпоставката дека синџирот на образование во државата е дисфункционален, наставниците и професорите на учениците и на студентите не успеваат да им пренесат знаење и вештини, а оценувањето не се прави според реалните критериуми.

Реално, оваа констатација е точна и не е нова. Се разбира дека мора да се избегне генерализацијата, но, факт е дека осамостојувањето на Македонија донесе низа прекини во воспоставениот систем на функционирање во сите општествени сегменти, па, така, и во образовниот. Владата затоа реши на „револуционерен“ начин да го реши проблемот, со двојно проверување на веќе положените предмети и испити, и така, според власта, ќе се добие реална слика за знаењето на идните генерации.

 

ПАРТИСКА ПРИПАДНОСТ И ПОСЛУШНОСТ НАМЕСТО ОБРАЗОВАНИЕ

Но, она што премиерот не им го кажува на родителите, кои „не се грижат“ за своите деца како него и како министерот Адеми, е дека матичните партии на премиерот и на министерот создадоа систем чија основа не е знаењето и степенот на образование, туку партиската припадност и степенот на послушност кон партиските директиви.

Почнувајќи од основното образование, главните менаџери на училиштата, олицетворени во директори, се без исклучок луѓе кои својата подобност ја сертифицираат кај партиското членство. Често се случува овој критериум да предизвика на местото директор да се постават некомпетентни или неискусни индивидуи, кои во основа би требало да бидат столбот на образовната установа. Пандемичната лицемерност на првите луѓе на државата продолжува со применувањето на партискиот критериум и врз наставниот кадар, со што се комплетира лажната слика за „грижата“ за знаењето на децата и се докажува единствено грижата за добивање на следните избори, без оглед што во овој случај се упропастува иднината на идните генерации.

Лажната грижа на власта продолжува со продуцирањето и со печатењето учебници за основното образование, кои се пишувани од нестручни автори, кои секоја година продуцираат флагрантни и груби грешки, кои стануваат потсмев за целата јавност. Се разбира дека сите се сеќаваме на нашите учебници од основното образование, кои можеби не се менуваа често како денешните, но функционирањето на тогашниот систем не дозволуваше грешки кои освен за власта, за жал, стануваат и срам за државата и предмет за потсмев, дури и во регионалните медиуми.

 

ПЛЕНУМИ И ПРОТЕСТИ – „КАТАСТРОФА“ ЗА ОПШТЕСТВОТО

Доколку во нормална демократска држава некој од министрите, а камоли премиерот, би изјавил дека „формирањето партиски пленуми и протестирањето наместо учење е катастрофа за општеството“, тоа веројатно би предизвикало остра реакција на јавноста. Се разбира дека во Македонија таква реакција изостана, но нека остане запишано дека со оваа изјава премиерот Груевски не само што ги навреди средношколците и студентите, оспорувајќи ги нивните мотиви, туку и го оспори легитимното право на протест, со што демократските капацитети на Владата речиси се израмнуваат со путинистичкото сфаќање на општеството.

Владата не сака да ги слушне легитимните прашања кои ги упатуваат  идните генерации што треба да бидат темел на развитокот на Македонија.

А, децата прашуваат: Зошто партиската припадност стана главен услов за работа во образовна институција? Како може систем, кој се базира врз незнаење, да продуцира знаење и зошто власта не сака да слушне дека екстерното испитување, само по себе, едноставно не е никаква гаранција за знаење?

Зошто Владата промовираше дисперзирани студии на државните универзитети низ целата држава, кои се изведуваат во субстандардни услови, каде факултетите работат без доволно средства, а кадрите кои се произведуваат се со намален квалитет од дипломците кои излегле од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ пред десет години?

Може ли премиерот да одговори како се грижи за знаењето на децата во услови кога неговата Влада дозволи отворање низа приватни факултети за кои и птичките на дрвјата знаат дека приоритет се школарините кои го хранат образовниот бизнис, а дипломираните студенти излегуваат со речиси никакво знаење во однос на дипломата што ја поседуваат.

Белки премиерот нема да каже дека сиве овие години бил принуден од некоја виша сила да создава партиски и површен образовен систем, па сега учениците, студентите и родителите мора да поминат низ ступидни реформи и да бидат казнети за неговите промашувања.

Токму поради овие факти, излагањето на премиерот во Собранието е една од најлицемерните изјави и ставови во низата која трае со години.

Создавањето Потемкинови села, жигосувањето и прогласувањето за непријатели на „државата“ и на „прогресот“, овојпат го почувствуваа најмладите.

Бескрупулозните напади на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ врз учениците и врз студентите само докажа дека овие две партии нема да застанат пред ништо во одбраната на коалициското владеење, а во таа партиска стратегија ниту децата не се свети.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести